Брзата пруга останува еден од најголемите инфраструктурни и стратешки приоритетни проекти на државата, а во моментов фокусот е ставен на планирањето, геотехничките анализи и испитувањата на терен, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на ТВ Сител.
Според Николоски, проектот се развива со сериозен пристап и детални подготовки со цел да се избегнат проблеми какви што, како што рече, се случиле со автопатот Охрид-Кичево.
“Во рамки на оваа година го работиме најважниот дел од проектот, а тоа е доброто планирање. Се спроведуваат геотехнички истражувања, анализи за влијание врз животната средина, истражувања поврзани со населени места и археолошки локалитети”, истакна Николоски.
Тој нагласи дека трасата на идната брза пруга нема да претставува пречка за евентуална реализација на проектите за хидроцентрали или т.н. „Вардарска долина“, доколку некоја идна влада одлучи да ги реализира.
“Доколку во иднина или оваа или било која Влада би сакала да го развива хидроцентрали, или да го спроведува т.н. проект “Вардарска долина”, тоа ќе биде возможно и на ниту еден начин нема да биде засегнато со трасата која што ќе ја опфаќа брзата пруга. Рокот кој што првично го дадовме 2031 година останува и тогаш ќе имаме брза пруга од граница со Србија до граница со Грција и тоа двоколосечна”, беше концизен вицепремиерот Николоски.
Заменик претседателот на Владата изнесе и важен детал од активностите на кои се работи во моментов, заедно со врвни светски компании препорачани од Обединетото Кралство.
“Тимовите со кои што работиме и врвните светски компании препорачани од Велика Британија, понудија 9 рути и од нив се избра една која што е најдобра. Тоа е доказ со која сериозност се пристапува, кога се нудат 9 рути и после врз основа на тоа се прави анализа која е најдобра”, рече Николоски.
Во однос на тоа какви активности преземаат соседните земји, Николоски потенцираше дека Грција веќе има брза пруга до Солун, а во моментов треба да спроведе тендерска постапка за брза пруга од Солун до македонска граница, додека пак соседна Србија веќе пушти во употреба брза пруга од Белград до Будимпешта, во моментов се работи Белград-Ниш и се бараат средства за изградба на делот од Ниш до Скопје.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Николоски: Тивко и со многу работа го затвoраме проблемот за македонските транспортери. Со Хрватска го решивме, при крај сме со Романија, ја почнавме постапката со Австрија
Лефков: Советот на јавни обвинители предводен од Башким Бесими, роднина на поранешниот функционер на ДУИ, Фатмир Бесими во одбрана на Абази и Коларевиќ за случајот „Мазут’’
Филипче: Стравот што го продава власта е лажен – ЕУ не го загрозува македонскиот идентитет