По скандалозните одлуки за кратење на финансиски сретства за реномирани манифестации од страна на Министерството за култура во рамки на годинешната програма со свој став во јавноста излезе и Оливер Белопета кој што е главен мотор во организацијата на манифестациите “Скопскиот џез фестивал“, “ОФФест“ и “Златното славејче“:
Веќе не ме изненадува. Министерот за култура Асаф Адеми синоќа во воведниот дел на Топ тема повтори дека манифестациите како “Скопскиот џез фестивал“ (со тоа и “ОФФест“) и “Златното славејче“ се одбиени на конкурсот поради немање документација (ноторна невистина), дека тие сметаат дека се над законите и процедурите (екстремно груба инсинуација) и дека се молени да ја достават документацијата (а никој нема зазвонето на телефон). Ова го вели министерот и покрај моите две писмени укажувања до него на овие неточности, (последното минатото сабајле) и постоењето на сосем солидна правна служба во Министерството која може да ги провери сите документи, вклучувајќи ги оние и на фантомските фирми, не оставајќи само документите да талкаат во и околу комисиите. Згора, оваа изјава на Адеми доаѓа во денот кога сите врапчиња во Скопје пропеаја дека документот за обезбедена сала кој “недостигал“ за “Златното славејче“ е пронајден во архивот на Македонската Филхармонија и, замислете си, наеднаш, и во Министерството.(што значи дека можеби славејчињата сепак ќе запеат, спротивно на волјата на комисијата за музичко-сценски дејности)! Врапчињата ќе запеат и за “Скопскиот џез фестивал“, бидете трпеливи, па наскоро ќе ја дознаеме и целата содржина на песната.
Јас, “менаџер кој се замислува дека е над сите закони и процедури“, деновиве а и пред нив требаше да бидам и семоќен детектив, па да истражувам како кај комисијата исчезнуваат и се појавуваат документите од апликациите, случајно или намерно (недај боже, за тоа кривично се одговара) и кој и кому дава погрешни информации.(ако треба, и на Премиерот!). Сепак, успеав доволно да ја прочитам објавената Годишна програма и проследам реакциите по неа. Според мое длабоко убедување лакрдијата не смeе да биде заташкана со прегледување на неодобрените проекти, туку резултатите да бидат поништени и да се изврши ревизија и на одобрените апликации. Но, не со оној дел од комисиите кои не ја завршиле работата како треба и биле извориште на многу неправилности, туку со нови. Нова комисија за музичко-сценски дејности сигурно.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Љутков: Развојот на туризмот е еден од нашите главни приоритети
И денеска Мицкоски имаше свое обраќање на Минхенската безбедносна конференција
Најава за консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа