Огнена катастрофа, досега незапамтена во историјата на Делчево! Како самиот пекол да ги беше отворил своите порти за да го проголта преубавиот шумски предел меѓу Делчево и Пехчево.
Последните информации од терен говорат дека веќе пожарот кој што започна од над маалото Пасјак пред 4 денови и ги пеплоса густите шумски предели во Балабанско маало и Курачко маало во селото Нов Истевник го помина и атарот на село Тработивиште.
Поради природната бариера со текот на реката Желевица какко и местимичните акции на локалното население огнот не успеа да го поклопи самото село Тработивиште.
Денеска после пладне засилен ветар кој што дуваше овозможи брзо ширење на пожарот низ густата борова шума која е распространета по падините на планината Средна се до устието на река Желевица каде што се влева во река Брегалница.
Поради густата шума и непристапниот терен не постоеше реална можност за запирање на фронтот на пожарот кој буквално газеше се пред себе, потпомогнат од воздушните струи.
Противпожарните екипи и доброволните сили беа немоќни да го запрат пожарот кој молскавично се ширеше кон север во правец на реката Желевица покрај регионалниот пат Делчево-Пехчево.
Во селото Нов Истевник во Балабанско и Курачко маало има опожарени повеќе куќи, плевни, останати помошни објекти, со причинета огромна материјална штета.

Поглед на поплосаната густа борова шума покрај река Желевица и регионалниот пат Делчево-Пехчево
Жителите на овие маала во село Нов Истевник беа навремено евакуирани од надлежните власти.
Пожарот до подоцните попладневни часови напредуваше по падината на планината средна кон село Разловци спротивно од текот покрај реката Брегалница.
Огромен ризик со несогледливи последици е доколку пламенот ја префрли реката Брегалница и започне да ја гори шумата на Голак.

Поглед од подножјето на планината Голак кај регионалниот пат с. Тработивиште-с. Разловци кон падината на планината Средна
Од другата страна преку т.н. локалитет Браниград огнените јазици се префрлија од другата страна на регионалниот пат Делчево- Пехчево и поплоса огромни борови површини почнувајки од покрај патот движејки се кон атарот на село Вирче
Овде жители на ова село самоорганизирано преоруваа поголеми пасишни површини со цел да го пресечат огнот кој надоаѓаше.
Денешниот ден ќе остане запаметен како еден од најкатастрофалните денови во сеќавањето на делчевчани кои масовно се обидуваа да сторат нешто за да спасат што може да се спаси.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
32 годишен штипјанец нападнал референт во ЈП “Национални шуми”
Кривична за 56 годишен беровец кој поттикнувал омраза на социјални мрежи
Кочани го одбележa 2 Април – Меѓународниот ден на литературата за деца