На 3 ноември, Националната опера и балет во Скопје ќе собере над 900 учесници од повеќе од 12 земји, над 30 говорници од глобални и регионални компании и повеќе од 80 партнери. Под мотото „From Wait to Go: E-commerce at AI Speed!“, деветтата Регионална конференција за е-трговија ќе ги стави во фокус вештачката интелигенција, иднината на онлајн купувањето и предизвиците на дигиталната економија
На само неколку дена до почетокот на деветтата Регионална конференција за е-трговија, финалните подготовки се во тек за еден од најзначајните бизнис и технолошки настани во регионот. Во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), конференцијата на 3 ноември ќе ги обедини водечките компании, експерти, претприемачи и носители на одлуки од регионот и пошироко, со заедничка цел – размена на знаења, искуства и решенија за забрзан развој на дигиталната трговија.

Годинешната програма ќе донесе повеќе од 30 домашни и меѓународни говорници, меѓу кои експерти и претставници на глобални компании како Amazon, Google DeepMind, LinkedIn, Tesla и Visa, како и Decathlon, Wolt, Ananas Ecommerce, Gjirafa, Iute и други компании кои активно го обликуваат развојот на дигиталната економија.
Преку две паралелни сцени – главна и практична – учесниците ќе имаат можност да слушнат за најновите трендови, но и за конкретни стратегии и бизнис-решенија применливи во секојдневното работење. Во фокусот ќе бидат вештачката интелигенција и AI агентите, иднината на онлајн купувањето, прекуграничната продажба, градењето брендови и лојалност преку гејмификација, спојувањата и преземањата на компании (M&A), како и влијанието на глобалните дигитални платформи и логистичките услуги врз регионалните пазари. Посебен акцент ќе биде ставен на тоа како компаниите можат да ги искористат новите технологии за да станат поконкурентни, поефикасни и поподготвени за промените во однесувањето на потрошувачите.

Покрај глобалните трендови, конференцијата ќе понуди и конкретен увид во состојбите и предизвиците на регионалниот пазар преку презентација на новите годишни анализи на АЕТМ. И покрај напредокот во дигиталната поврзаност и пристапот до финансиски услуги, Западен Балкан сè уште има значителен неискористен потенцијал за развој на е-трговијата. Јазот меѓу користењето интернет и онлајн купувањето, недоволно развиените дигитални вештини и високата застапеност на готовинските плаќања остануваат меѓу клучните предизвици. Токму овие прашања ќе бидат разгледани преку најновите податоци и споредбени анализи, со цел да се идентификуваат можностите за понатамошен раст и дигитална трансформација на бизнисите во регионот.
Покрај богатата едукативна програма, деветтото издание ќе понуди и бројни можности за деловно вмрежување, размена на искуства и воспоставување нови партнерства. Изложбениот простор и специјално наменетата нетворкинг-зона ќе овозможат директни средби меѓу е-трговците, финансиските и технолошките компании, агенциите, стартапите и другите учесници во дигиталниот екосистем.
За уште поефикасно поврзување, повторно ќе биде достапна и официјалната мобилна апликација на конференцијата, преку која учесниците ќе можат однапред да закажуваат индивидуални состаноци, да воспоставуваат контакти и да ги следат сите информации поврзани со програмата и активностите на настанот.
Со комбинација од глобални искуства, регионални анализи, практични решенија и можности за вмрежување, конференцијата има за цел не само да ги претстави промените што ја обликуваат е-трговијата, туку и да поттикне конкретни идеи, соработки и нови деловни можности.

Целосната агенда и повеќе информации за деветтата Регионална конференција за е-трговија се достапни на официјалната веб-страница.
Конференцијата се реализира со поддршка на Visa како платинум партнер, КаСис како стратешки партнер, Iute Македонија како финтек партнер, А1 Македонија како дигитален партнер, Дајнерс и Ананас како златни партнери, Комерцијална банка, Халкбанк, Сава Пензиско Друштво, НЛБ Банка и Wolt како сребрени партнери, како и Минт, Сава Осигурување, Унибанка, Евроинс, РСМ, Акција24, Пивара Скопје, Зегин, ЕВН, Маркев и ELS како бронзени партнери, заедно со бројни други партнери и соработници.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Николоски: Изградбата на автопатот Охрид-Кичево се одвива по план, она што беше невозможно станува реалност
Кривина пријава за 19 годишен кочанчанец за полово вознемирување
Сојузот на спортови на Скопје ги додели наградите „13 Ноември“, каратистот Матеј Белистојаноски одликуван за најдобар спортист