Три лица од Скопје се лишени од слобода во рамки на оперативната акција „Чистач“, поради сомнение за уцена и загрозување на сигурноста на жител на Делчево. Според пријавеното, од делчевецот биле барани 10.000 евра, а заканите биле поврзани со можноста за објавување компромитирачки материјали.
Како што информираат надлежните, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Секторот за општ, насилен криминал и семејно насилство, во координација со СВР Штип – ОВР Делчево и СВР Скопје, извршиле претреси на две локации, при што биле приведени З.Б. (61), М.Б. (35) и Б. (43), сите од Скопје.
Се заканувале со објавување компромитирачки материјали
Случајот е предмет на постапување на Основното јавно обвинителство Делчево, каде што е оформен предмет за кривичните дела „уцена“ и „загрозување на сигурноста“, предвидени со членовите 259 и 144 став 2 од Кривичниот законик.
Според пријавата, неколку лица од Скопје му упатувале закани по животот и телото на жителот на Делчево, барајќи од него да им исплати 10.000 евра. Во спротивно, се заканувале дека ќе објават компромитирачки материјали.
Пронајден пиштол поврзан со тешка кражба
При извршените претреси полициските службеници пронашле нелегален пиштол марка „М57“, со калибар 7,62 милиметри. По извршените проверки било утврдено дека оружјето потекнува од кривично дело „тешка кражба“, извршено на подрачјето на СВР Скопје.
Од полицијата најавуваат дека по целосното документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Случајот продолжува во надлежност на институциите, кои треба да ги утврдат сите околности и евентуалната одговорност на инволвираните лица.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
dm повторно го отвора еко-конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ – пријавете го вашиот двор за раззеленување!
Министерството за здравство и СЗО организираа национална консултација за новиот Закон за лекови
Тошковски: По повеќе од 15 години запуштеност и негрижа, базенот во Полициската академија во Идризово повторно е во функција