БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Љубомир Цуцуловски: ЛУДО-НЕЛУДО

Пренеси го гласот

Лето е и реков дека малку ќе одморам со политички коментари. Затоа, денес објавувам дел од мојата сказна „Лудо-нелудо“, напишана во февруари 2000 година. Објавена е во книгата „Разни сказни“ од 2002. Можеби, во овие летни горештини, барем малку ќе ве освежи. Пријатно и добро читање.

„Постојат многу луди земји. Полуди од лудите земји се најлудите земји. Некои сметаат дека постојат полуди земји и од најлудите земји. Кои се тие земји, тешко може да се каже. Тоа и не е толку значајно, бидејќи (претпоставувам) не сме толку луди да се натпреваруваме во лудоста, утврдувајќи кој од кого е полуд. Познато е дека Земјаните се необично љубопитни суштества. Својата нос, која (патем) го немаат, го пикаат и таму каде што не му е е местото. Од овие причини, се запатуваат во космичките простори. Во еден далечен ден, на еден Земјанин (името му било Земко) му успеало да се спуши на планетата Урсус, одалечена на десетици илјади светлосни години. Кога се вратил, бил вџашен од настаните што ги доживеал на планетата Урсус. На неа, според земскиот обичај, престојувал тајно. На планетата Урсус Земко видел многу необично луди нешта. Сѐ што на Земјата се сметало за нормално, на Урсус се сметало за ненормално. Она, пак, што Земјаните го сметале за ненормално Урсусаните го сметале за нормално. Сѐ било испомешано и наглава поставено. На Урсус ни законите на физиката не биле закони на физиката, т.е. не биле онакви какви што биле на Земјата. На пример, предметите фрлени во воздух продолжувале да паѓаат, летајќи нагоре. Односно, наместо да се вратат на тлото, предметите продолжувале да паѓаат, летајќи нагоре. “Боже, Боже – се чуделе Земјаните, слушајќи го ова со подзинати усни – луда ли планета, толку луда што полуда не може да биде!“ Додека Земко раскажувал, Урсо (познат астронаут од уште понепознатата планета Урсус) на своите сожители, Урсусани, им ги раскажувал своите необични згоди, доживеани на една далечна и непозната поланета. На Урсо, имено, му успеало да се спушти на далечната планета Земја. Таму сѐ било необично, дури и лудо, потенцирал возбудениот Урсо. Земјаните за ненормално го сметале она што било нормално, додека ненормалното го прифаќале како нормално. Таму сѐ било наопаку. На Земјата, продолжувал да раскажува Урсо, на зачудените Урсусани, дури и законите на физиката биле поинакви од законите на физиката. Таму, предметите фрлени во воздух, наместо да паѓаат летајќи нагоре, продолжувале да летаат, паѓајќи кон тлото од Земјата. “Боже, Боже – се чуделе Земјаните, слушајќи го ова со подзинати усни – луда ли планета, толку луда што полуда не може да биде!

Како што гледате, во животов сѐ е релативно и тешко може да се каже што е лудо, а што е нелудо. Сепак, мислам дека полуда и од најлудите земји е мојата земја Макенија. Некои сметаат дека многу дамна била дури и република. Што значи, држава! Нејзиното име било Република Макенија. Меѓутоа, тоа било толку дамна, што никој не може да се сети на ова. Сѐ во овој свет е неизвесно, освен извесноста на неизвесноста. Барем таа, со сигурност, е извесна.“

Ова беше напишано на почетокот од 2000 година.

Пишува: Љубомир Цуцуловски

Креирано од:


Пренеси го гласот