БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Љупче Петрески: ИНТЕРВЈУ СО МИЛОСТИВИОТ ЧОВЕК КОЈ ЈА ПОЗНАВА ВИСТИНСКАТА ЉУБОВ

Пренеси го гласот

Љ.П. – Почитуван Самарјанине, најпрво, од името на нашата редакција, и од името на нашите верни читатели, да Ви заблагодарам што се согласивте на овој разговор. За почеток ќе Ве замолам, подетално да ни опишете како се случи тој настан во кој Вие одигравте многу важна улога и имавте прилика да го покажете Вашето огромно милосрдие и хуманост?

Самарјанинот – Благодарам на поканата и срдечно ги поздравувам вашите читатели.
Видете, да бидам искрен, не знам што повеќе да кажам од она што веќе го знаете и Вие, и вашите читатели. Накратко, бев тргнал кон Ерихон и, по патот, го најдов тој кутар човек. Го пресретнале некои разбојници, му зеле се’ што имал со себе, дури и облеката а згора на тоа, и го претепале. Кутриот, по целото тело имаше крвави рани. Го оставиле крај патот полумртов.

Љ.П. – И што направивте Вие, кога го видовте?

Самарјанинот – Ништо посебно. Му ги премачкав раните со вино и елеј и му ги преврзав.

Љ.П. – Навистина сте скромен човек. Па, тоа што сте му ги преврзале раните не е, како што рековте, „ништо посебно“. И, потоа, што направивте?

Самарјанинот – Го качив на моето магаре и го однесов во најблиската гостилница на патот кон Ерихон. И толку.

Љ.П. – Ох, Вие и Вашата скромност. Но, ние знаеме дека Вашето милосрдие не завршило со донесувањето на тој човек во гостилницата. Ве молам, заради нашите читатели, кажете ни што уште направивте?!

Самарјанинот – Навистина ништо посебно. Само му оставив на гостилничарот два динарии, му реков да се погрижи за човекот и ако треба повеќе пари, кога ќе се враќам од Ерихон, ќе му доплатам! Ништо друго. Ве молам, не претерувајте, јас не направив ништо повеќе од она што би го направил секој човек!

Љ.П. – Не би се согласил со Вас. Зарем не сте го прочитале Евангелието според Лука во кое апостолот, покрај другото, пишува и за Вас и Вашето несебично и милосрдно дело. Почитуван Самарјанине, Вие бевте инспирација за многу генерации. Илјадници и илјадници проповедници во христијанството зборувале за Вас и Вашето дело посочувајќи Ве како пример за милосрдие.

Самарјанинот – Не, не сум го прочитал. Навистина? Јас во христијанската Библија? Морам да го прочитам! И покрај тоа што сум друговерец? За мене зборувале илјадници проповедници? Просто неверојатно! Не можам да поверувам што слушаат моиве уши. Само заради тоа што му помогнав на еден несреќен човек?

Љ.П. – Се разбира, иако сте друговерец. Ако прочитате било кое евангелие ќе разберете дека за нас христијаните не е важна само верата ами и делата, како што рекол апостолот Јаков: „Верата без дела е мртва“. Но, во евангелието според Лука, каде е запишан настанот за кој Вие денес зборувате, ќе видите дека покрај несреќникот на кој Вие несебично му помогнавте, поминале уште двајца други луѓе, еден свештеник и еден левит, кои биле, барем декларативно, побожни. Впрочем, богослужеле во храмот. И, иако верувале, сепак не му помогнале на несреќникот. Очигледно, како што претходно реков, не секој човек би го направил тоа што Вие го направивте.

Самарјанинот – Ох! Навистина? Не знаев дека тоа се случило. Ќе бидам искрен и ќе кажам дека такви луѓе сум сретнал и меѓу моите Самарјани. И тоа не е добро. Убаво кажал тој ваш апостол Јаков дека не смееме да бидеме верници само на збор.
Замислете, со часови да седев покрај тој несреќник и да му зборував дека го љубам како човек но, ништо друго да не направев.
Таквите „верници“ се дури и смешни поради нивната надворешна побожност и лицемерие од секаков вид. Тие се верници во храмот, а кога ќе излезат од него, забораваат на се’ што слушнале во храмот. Надвор од храмот тие се сосема други луѓе. За нив религијата е само речник на убави зборови и тие се вистински уметници на зборот. Вистински виртуози се кога зборуваат за љубовта и кога велат дека љубовта „не е само збор“, дека треба да се прави „тоа и тоа“, но, за нив, теоријата и праксата се спротивставени. Всушност, тие зборуваат најубаво за љубовта, но не ја познаваат.

Љ.П. – А каква е според Вас љубовта, онаа вистинската?
Самарјанинот – Вистинската љубов? Хм. Видете, јас не сум грамотен човек и виртуоз во изразувањето или пишувањето, како некои побожни луѓе но, верувам дека вистинската љубов е онаа која има раце кои можат да им помогнат на другите; онаа љубов која има очи за да ги види бедата и јадта околу себе кои треба да се утешат; онаа која има уши да ги слушне оние кои ја бараат; онаа која што има нозе за да отиде кај оние кои имаат потреба од неа.

Љ.П. – Прекрасна дефиниција, ако може така да се каже, за вистинската љубов, почитуван. Но, да се вратиме на патот кон Ерихон. Кога одлучивте да му помогнете на несреќникот, не помисливте ли дека разбојниците можат и Вас да ве нападнат? Не Ве обзеде ли страв?

Самарјанинот – Секако дека стравот беше присутен. Дури помислив дека се работи за некаква замка и очекував секој момент разбојниците да искокаат од зад околните карпи. Разумот ми велеше да се откажам од намерата да му помогнам но, победи срцето кое ми велеше дека, токму сега и токму овде, му требам на овој човек.

Љ. П. – Навистина храбро од Ваша страна. Но, помагајќи му на овој човек, Вие изгубивте многу време. Можеме само да претпоставиме зошто свештеникот и левитот не помогнале. Свештеникот можеби брзал за на богослужба. Левитот, можеби поради правилото кое му забранувало да се допри до крв. Можеби и кај двајцата стравот надвладеал или и двајцата се брзале? Но Вие, се однесувавте како да го имате целото време на светот. Не брзавте ли некаде?

Самарјанинот – Не сакам да навлегувам во тоа зошто не му помогнале и дали тоа го направиле од оправдани или неоправдани причини. Што се однесува до времето, можам да кажам дека го немав многу. Одев во Ерихон каде имав многу важна работа. Но, во тие моменти, заклучив дека тоа не е доволна причина за да го оставам тој несреќник да умре на жешкото сонце.

Љ.П. – Почитуван Самарјанине, познато Ви е дека Евреите чувствуваат одбивност кон вас Самарјаните. Ве сметаат за безбожни пагани, нечисти, неверници и т.н. Зарем тоа не Ви пречеше кога му помагавте на ранетиот Евреин?

Самарјанинот – Да, познато ми е дека не’ не сакаат. И меѓу нас Самарјаните има такви кои не ги сакаат Евреите. Но, тоа не е во ред. Видете, мојата девиза во животот е секогаш, во секоја прилика, да се трудам да бидам човек, во вистинската смисла на зборот, а другите нека се однесуваат како им е волја. Затоа не ми пречеше да му помогнам. Сепак се работеше за човек! Тоа е поважно од се’ друго!

Љ.П. – Почитуван Самарјанине, се вративте ли во гостилницата?
Самарјанинот – Секако дека се вратив. Човекот беше во подобра состојба и можеше да зборува. Се запознавме и си помуабетивме. Бараше начин како да ми заблагодари за пружената помош. Не можеше да изнајде зборови на благодарност. Се согласив да бидам гостин во неговиот дом кога ќе закрепне.

Љ.П. – И? Навистина ли му бевте гостин?

Самарјанинот – Ох, се разбира. Зошто да не? Морам да го пофалам бидејќи ми приреди пречек каков што сум немал од ниту еден друг пријател. Ми укажа голема чест. Подоцна и тој беше гостин во мојот дом. И така, меѓу нас се роди едно големо пријателство кое со години искрено го негуваме. Денес сме вистински побратими, благодарение на тој немил настан!

Љ.П. – Прекрасно! Почитуван Самарјанине, благодарам за Вашето време и поучниот разговор.

Пишува: Љупче Петрески

Креирано од:


Пренеси го гласот