БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Влатко Ѓорчев: За Љубиша Георгиевски секогаш во епицентарот беше Македонија

Пренеси го гласот

Македонец.
Интелектуалец.
Ерудит.
Хумор, интелигенција и мудрост.

Ми недостасуваат разговорите со него. Муабети и бесконечни теми. Мудрост, луцидност и искуство. Многу, МНОГУ прочитани книги. Безброј анегдоти.

Нашата комуникација и пријателство траеше повеќе од 20 години. Не знам дали можам да кажам “пријателство”, затоа што тој беше многу постар и помудар од мене.

Се сеќавам на нашата средба на улица “Македонија” кога почина мајка му, кога во една реченица го објасни мајчинството.

Кога сними спот и изјава за поддршка за мене во 2006 година, кога прв пат бев носител на листа.

На нашите долги, убави муабети на 16-ти кат кога одев кај него на гости. На слаткото и грицките од тетка Ленче, неговата сакана сопруга. Со неговите цитати на Хегел, Гете и Крлежа. Со еден куп анегдоти и епизоди.

На мојот мерак и задоволство кога можев да разговарам со него во неговиот кабинет како претседател на Собранието после седниците.

Со неговиот букет за мојата сопруга, со неговата класична, евергрин “лептир – машна” кога доаѓаше кај мене на гости.

Кога барем 10 пати го молев да напише мемоари, сеќавања и негови согледувања. Му велев и тој се согласуваше дека ние Македонците НЕ треба да дозволиме другите да ни ја пишуваат нашата современа историја, туку тоа да го прават нашите современи интелектуалци, писатели, историчари, политичари, видни луѓе, нашите македонски амбасадори…

Почна сето тоа го пишува, доста напиша, но не знам колку го доврши. Секогаш сакаше да напише уште некоја нова пиеса, да режира уште една претстава, да твори уште, уште повеќе.

Никогаш нема да дознаеме уште колку многу сакаше да пишува и колку многу имаше да ни каже. А ни остави многу, навистина многу.

И, секогаш во епицентарот на сето тоа беше Македонија, Македонија и уште 100 пати Македонија.

Да се потсетиме на сите негови говори, интервјуа, текстови, колумни.

Да, неговите колумни во “Дневник” во 90-тите, секој понеделник. Немаше интернет, па одев со тие 5 денари во 21 – 22 чесот во недела навечер до трафика или кај колпортерите на семафор да купам весник, па да го читам Љубиша.

И, секоја година пред Нова година имаше колумна со наслов “Нострадамус”, каде предвидуваше политички процеси и исходи.

bregalnickimarketing

Генијални анализи, проткаени со неговиот луциден, интелигентен хумор. Никогаш здодевен, никогаш просечен. Секогаш генијален, со љубов кон Македонија.

Колку само ми значеа неговите комплименти кога станав редовен колумнист за “Дневник” во 2005 – 2006 година… Колку само ми беше мерак што имав можност неброено пати да разговарам со него.

Да се потсетиме на неговата посветеност кон ВМРО-ДПМНЕ и македонската кауза. За неговата љубов кон Македонија и неговото семејство.

Колку е голема неправдата што ја премолчивме минатата година кога за големиот Љубиша Георгиевски не се најде посебно, заслужено и заслужно место на гробиштата, а беше претседател на Собранието, два пати амбасадор, претседателски кандидат, професор, писател, најдобриот македонски режисер…

Во оваа поплава на јавни личности, каде секој медиокритет држи микрофон, кога не вреди да се слуша секоја “персона”, него го слушавме. Со полно внимание.

Кога ќе го видев на ТВ, секогаш го засилував ТВ тонот и велев:

“Ќути, тишина, да чуеме што ќе каже”.

Да, ни недостасува на сите. Многу го сакавме и уште долго, долго ќе се сеќаваме на него. Следната недела, на 6-ти декември, ќе се наврши 1 година од неговото заминување.

Благодариме професоре.

Вечна му слава на големиот Љубиша Геoргиевски.

-фејсбук статус на пратеникот Владимир Ѓорчев

Креирано од:


Пренеси го гласот