БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Во тек е злосторство против сиромашните граѓани на Пијанец и Малешевијата!

Пренеси го гласот

Под директна капа на власта во соработка со малкумина поединци кои што дебело профитираат во микрорегионот Пијанец-Малеш се случува најголемото уништување на животната средина и квалитетот на живот за жителите во регионот но и пошироко на Балканот.

Цело едно подрачје на преубава зимзелена и листопадна шума исчезнува пред збрчканите чела и избледнетите погледи на проретчените старци кои се уште тврдоглаво живеат во пределот на планината Средна.

Моќни, габаритни машини и транспортни сретства кои што досега беа незабележани во овој предел, деновиве со месеци наназад го сечат шумскиот фонд кој што беше опустошен од минатогодишните пожари кои го зафатија овојпредел.

Сето тоа се случува додека мештаните во делчевските, пехчевските и беровските села, мака мачат легално да купат или наберат од сопствените кории некој кубик дрва за да ја преживеат претстојната зима.
Овие трупци до неодамна беа дрвја, кои произведуваа основен ресурс за живот-чист воздух за жителите на овој регион.

После масакрот на оваа шума ќе остане споменот за овие дрва и влошување на состојбата со животната средина за живот на домицилното население.
Ваквиот “легален грабеж” на природни ресурси од поседот на граѓаните на Македонија за полнење на џебот на малкумина не е ништо ново, но она што е ново е што е се поочигледно дека нема ниту еден здраворазумски јавен глас да се спротивстави на ваквото злосторство.
Пустошот на некогаш живописните и полни со растителен и животински свет- предели, ќе остане нем сведок на злоделата на сите современици кои што немо посматраат и не превземаат ништо против ваквата појава.

Нашата генерација на Македонци кои што од памтивек битисувале на овој простор пополека ја снемува исто како што ги снемува повеќегодишните борови, дабови, буки… од прегратките на нашиве планини.

bregalnickimarketing

Сето ова е опортунистички планирано и намерно октроирано сценарио во контекст на поголемата слика, која што никако да ни кажат која е таа и до каде се нејзините граници.
На Македончето му треба време за да повторно стане Македонец. До денот кога тоа се случи, посакувам убав ден, лесно заработена плата на сите надлежни служби платени од парите на граѓаните, кои се чини дека се уморни и истрошени од плаќање на даноците кон “својата” држава.

Пишува: Кирчо Анастасов

Креирано од:


Пренеси го гласот