Четири ајдука одат,
ноќта ги следи во стапки,
брезите плискаат на нив
росница, студени капки.
Одат …
Првиот ѕборува:
„Си имам девојка танка,
рујна ко ајдучко знаме,
бела ко цутје на гранка“.
Одат …
Вториот зборува:
„Си имам малечко дете,
мило ко ајдучка пролет,
бистро ко потокот летен“.
Одат …
Третиот зборува:
„Невеста лична си имам,
драга ко утрено сонце,
топла ко оганот зимен“.
Одат …
Задниот зборува:
„Никого немам на светов,
до една кременка лута,
знаме –
и ајдучка чета”.
Четири ајдука молчат,
месецот минува со нив,
ветерот развева в гора
ајдучки
разговор
ѕвонлив …
Од стихозбирката “ПЕСНИ” 1944-1948
Славко Јаневски
(Скопје, 11 јануари 1920 — Скопје, 20 јануари 2000)

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Либерално-опозициски “ваздуси” се борат против тоа што најмногу ги боли: Општественото сочуство, милосрдие и заедништво на заедницата за нив е перверзија и предмет за исмевање
Трактат за љубовта
ТРПЕЗИТЕ СЕ ПОЛНИ, А ХРАМОВИТЕ ПРАЗНИ! ШТО ДОЈДОВМЕ ДА ПРАЗНУВАМЕ?