Еден од клучните проблеми во државата кој допринесува за редица проблеми меѓу кои и тој на негативна селекција е пренатрупаноста на НЕПРОДУКТИВНИ и нецелосно искористени вработени во јавната администрација.
Во државата недостигаат специфични стручни кадри за базични функционални дејности во рамки на јавниот сектор, додека од друга страна имаме пренатрупани дејности кои што се несуштински за работата на институциите.
Веројатно се уште постојат низ јавната администрација директори на институции без вработени, раководители на оделенија и сектори без советници, соработници и референти, секретари без секретарјат итн….Кога на овој проблем ќе го додадеме проблемот на корупција, партизација, непрофесионалност, незнаење, неспособност и безмотивираност тогаш го имаме ова секојдневие во кое како народ преживуваме.
Одговорниот пристап за толку посакуваните реформи во јавната администрација прво и основно треба да биде базиран на компетенции во смисла на практични знаења и вештини за реализација на цел еден процес дефиниран во рамки на соодветната институција. Со оглед на состојбата во која се наоѓа образовниот систем во државата дипломите не значат под дифолд добри и посветени работници на работните места во администрацијата.
На Македонија во оваа криза во која се наоѓа, и е потребно извонредност, не просечност. Луѓе кои влечат силно напред. Убеден сум дека во Македонија се уште има такви луѓе, и покрај масовниот егзодус на квалитетни кадри во странство, само треба да добијат можжност и нивното знаење, труд и ефективни дела да бидат соодветно општествено но и финансиски валоризирани.
Социјалниот момент на вработување во јавната администрација е и тоа како присутен во државата и тој не смее да се занемари. Но со стратешки реализирана преквалификација, прераспределување во дефицитарни дејности во јавниот сектор, понуда на добро платени места во приватниот сектор тој момент може во период од еден ефективен владин мандат да се реши.
Секако по цена на губење на политичката контрола на одреден квантум на гласови на следните избори, кои од друга страна пак можат да бидат соодветно компензирани преку реализација на мудри политики и проекти кои се потребни на граѓаните. На тој начин ќе се создаде политичка компетитивност на стратегии, идеи, визија за развој меѓу политичките ривали кои сега во актуелната констелација на односите се борат за гласови помеѓу едно во голема мера непродуктивно клиентелистичко ткиво кое ја тегне државата кон регресија.
Тоа ќе значи нова иднина за Македонија базирана на компетитивност и вистински пазар на трудот кој ќе ја повлече Македонија напред.
Нема вистинска пазарна економија без првично воспоставување слободен пазар на труд во државата. Секоја флоскула за компетитивност е излишна ако има државен, партиски или протекционизам на одредена интересна група на поединци. Кога системот стимулира и учествува во формирање на монополи на трудот, капиталот, услуги во одредена дејност итн, тогаш образованието такво какво што е во моментот не може да понуди соодветна интеграција на поединецот во тој систем на протекционизам. Така најлесно решение на младите е бегството во странство, каде се вреднуваат нивните компетенции, труд и знаење за многу повеќе пари отколку во Македонија и покрај невидливата замка во која во странските земји влегуваат која малкумина однапред ја знаат на постоење на огромни трошоци за стандардот за живот во тие странски земји. А потоа за враќање назад гордоста и тврдоглавоста не им дозволува да си признаат дека погрешиле. Така цели генерации на Македонци се однародуваат од својата татковина а државата го губи најважниот ресурс кој би можела да го има- луѓето и нивните специфични знаења и труд.
Државата преку надлежните ресорни министерства, пред се преку Министерството за економија и труд, Министерството за добро владеење, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за јавна администрација треба многу посериозно да го третираат ваквиот аспект на конципирање на проблемот и да воспостави јасна стратегија со краткорочни и долгорочни цели за подобрување на состојбата преку јасно мерливи индикатори. Со конкретни програмски цели овие ресори треба да проектираат владини политики во секој специфичен ресор (култура, туризам, економија, инфраструктура, земјоделие, животна средина) преку конкретни активности кои би оделе во прилог на таа клучна стратегија чија главна цел би била задржување на вистински начин на работната популација во државата, основање семејства, стимулирање на наталитет и хранење на пазарот на трудот со квалитетни високо професонални кадри ориентирани кон резултатски пристап на својот труд за кој соодветно ќе бидат платени.
Џабе ни се улици, патишта, згради, културни вредности, земјоделско земјиште…. ако нема кој да ги опслужува и работи.
Затоа врвен приоритет на секоја влада треба да биде тој национален интерес на зачувување на човечкиот капитал во државата, негов развој и мултиплицирање.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Про-бугаринот Венко Филипче нека покаже како треба и нека ги стави бугарите во статутот на СДСМ, Македонскиот устав не му е дедовина да го решета како ќе му текне
Зошто НАТО не го активира членот 5 во војната меѓу САД и Иран?
Синдикалниот комунизам е мртов. Македонија како земја на услуги треба да развива трудов раст а не секојдневие на социјална пропаст