Со целосна посветеност на сите расположиви капацитети Македонската влада ги стави на располагање на потребите на повредените и нивните семејства од катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани. Откако беа превземени редица на активности од страна на владата и лично Премиерот Мицкоски за анулирање на штетните последици од оваа катастрофа во прв ред со овозможување на неопходна првична здравствена грижа за повредените, поддршка за нивните семејства и целосна логистика за лекувањето и транспортот, се наметнува потребата за долгорочно лекување од една страна на повредените но и низа на непредвидливи останати потреби за нив и нивните семејства. За таа цел за поефикасна поддршка на повредените и нивните семејства во периодот што следува Владата воведе директна телефонска линија за семејствата на повредените преку која на директен начин ќе се комуницира со надлежните институции за обезбедување на неопходната помош и поддршка во нивнот секојдневие.
“Во овие моменти, кога Кочани и цела Македонија сè уште ја чувствуваат болката од трагедијата што ја потресе нашата држава, Владата останува посветена на тоа никој да не биде оставен сам. Секој човек, секоја приказна, секоја потреба – се важни.
Ова обраќање денес е наменето пред сè за повредените и за нивните најблиски – за лицата кои се лекуваат во кочанската болница и кои се соочуваат со последици што бараат трпеливост, сила, но и системска поддршка.
Свесни сме дека досега беа преземени повеќе активности – итна здравствена грижа, институционална мобилизација, финансиска и логистичка поддршка, но свесни сме и дека постојат сегменти кои се повторно неопходни. Затоа започнуваме со нова активност, во насока на она што го ветивме: континуирана, организирана, системска и човечка поддршка.
Ја воспоставуваме новата телефонска линија за директна комуникација, управувана од Канцеларијата на претседателот на Владата, која ќе биде активна од понеделник, 09.06 и ќе функционира непрекинато и достапно за сите повредени и нивните семејства.
Телефонскиот број е нов канал за директна комуникација со повредените и нивните семејства.
Преземањето на овие активности не се заклучоци донесени од канцеларија – тие се резултат на директна комуникација на терен, особено од страна на работната група за евалуација на повредените, која во изминатиот период работеше во непосреден контакт со семејствата и со медицинските тимови. Секое укажување и секој ненагласен апел – се земени предвид и вградени во оваа нова фаза на поддршка.
Во првата фаза, ги повикуваме сите повредени и нивните семејства да се јават, да ги изнесат своите барања кои ги имаат, предлози и конкретни потреби. Оваа линија нема да биде само контакт – туку жив канал на комуникација, преку кој ќе се одржува дневна, неделна и месечна координација, со редовно информирање, и со персонализиран пристап за секој случај.
Сигурно ќе се постави и прашањето, зошто ова се прави сега?
Затоа што оваа Влада верува дека поддршката не смее да биде еднократна, туку таa е процес. Затоа што знаеме дека здравствената и психолошката состојба на повредените се менува секој ден – и дека пред сè, им беше потребно време да се посветат на своето закрепнување. Кога се во состојба на закрепнување и имаат нови барања и потреби ние сме целосно подготвени да им излеземе во пресрет за сите останати состојби со структуриран, отворен и достапен механизам.
Почитувани граѓани,
Ова е уште една потврда на нашата заложба: да останеме покрај луѓето, со одговорна и конкретна поддршка. Ова е наша обврска, посветено и постојано присуство на институциите – таму каде што е најпотребно.”
-рече на наменската прес конференција порпаролката на Владата Марија Митева.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Заменик-министерот Ристески се обрати на отворањето на Првиот Бизнис форум во општина Делчево „Заедно да подадеме рака на развојот“
ДКСК го објави Каталогот на пријавени подароци за избрани и именувани лица за 2025 година
Финансиска полиција поднесе пријава против поранешен претседател на Стоматолошката комора на Македонија