Живееме во време кога не секогаш вистинските вредности во животот ја добиваат правата афирмација и достојна почит и внимание во општеството. Можеби токму затоа се поретки се луѓето кои што суштински се зафаќаат во костец со предизвиците и ги совладуваат на успешен и професионален начин во доменот на својата експертиза а наспроти нив јавноста сведочи на искривоколчени вредности како влегуваат во сите пори на нашето современие.
Оттука успешноста на едно општество се заснова на можностите на една држава за воспоставување на силен институционален капацитет со цел за да биде вистински сервис на своите граѓани кои ќе гарантираат стабилност, одржливост и развој во годините што доаѓаат.
Потребата за таа силна институционална поставеност најексплицитно се увидува во сферата на здравството не само по природата на работата со пациенти и нивното здравје и животи, туку и поради тоа што здравството како и образованието се слика и прилика на односот на институциите кон своите граѓани во еден симбиотски круг на директна меѓусебна зависност.
Како Интернет Портал кој во своите главни цели посветува огромно внимание на суштински а понекогаш и тешки прашања, имаме особена чест да споделиме со јавноста дел од животот на Д-р Весна Ушинова од Штип како и професионалноста и дел од нејзиниот општествен учинок во нејзината досегашна кариера.

Д-р Весна Ушинова е супспецијалист интернист и гастроентерохепатолог, со повеќе од 17 години медицинско искуство која моментално е раководител на Интерното одделение при Клиничката болница во Штип.
Д-р Ушинова е еден од врвните и докажани лекари во нејзината дејност која што граѓаните на Штип но и поширокиот регион многу добро ја познаваат, не само по нејзиниот лекарски блесок, туку и по нејзиниот високо- хуман и прониклив карактер кој допира до сечие срце на најубав можен начин во функција на оставање на незаборавен допир во животот на сите нејзини пациенти и соработници.
Во изминатите четири години Д-р Ушинова беше дел од Советот на Општина Штип од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, каде што даде особен придонес за развојот на Штип под водство на Градоначалникот Иван Јорданов.

Нејзиниот бунтовен и нескротлив дух е непресушен извор за неограничена сила и мотивација своето битие да го стави во целосна полза на нејзините пациенти, а со нејзиниот интелектуелен капацитет да се нареди во редот на плејада општествени дејци кои оставиле силен отпечаток на времето во кое живееле со силна волја, решителност и капацитет да се бори за својот народ на најдобар можен начин, со светла визија и многу знаење.
Д-р Весна Ушинова во актуелните Локални избори е носителка на советничката листа за Советот на општина Штип од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата “Твоја Македонија”, што како прекален општествен борец е своевидна чест, но уште повеќе огромна одговорност во овие времиња кога секој Македонец е потребен со сиот свој капацитет на својата Локална заедница и Македонија.
Во ова интервју таа зборува за личните жртви во професијата, колегијалноста во болницата, нејзините мотиви за влез во политиката и визијата за идниот развој на градот.
Тоа што го става својот богат и силен интелектуелен капацитет во служба на политиката во никој случај не значи дека ја напушта медицината чија што пракса ќе продолжи да ја реализира. Нејзините високо морални и човечки стандарди како човек и професионалец и тоа како се потребни во светот на политиката во денешно време со оглед на деградирачкиот однос на оваа јавна професија во изминатите години.
Како интернет медиум силно сме убедени во успехот на нејзината светла мисија за годините што следуваат да постави сериозни стандарди за сите идни политичари на чија дланка граѓаните со секои наредни избори им ги доверуваат својот живот и иднина. Исто како што пациентите го доверуваат својот живот на дланката на редот на Лекарите, меѓу кои едно од најзабележителните лица е ведрото и насмеано лице на Д-р Весна Ушинова.
„Медицината бара многу макотрпна работа, труд и лични жртви, но и дава сила за да успееме за доброто на нашите пациенти“
Д-р Весна Ушинова

1.Брегалнички Портал: Колку личниот- приватен живот “страда” поради Вашата професија како Лекар супспецијалист?
Д-р Весна Ушинова: Како лекар со долгогодишно искуство, мојата професија секогаш барала многу време, посветеност и пожртвуваност. Секако, тоа понекогаш значи помалку време за приватниот живот и семејството. Работата е исклучително одговорна, динамична и често- стресна, бидејќи секојдневно се носиш со човечки животи и здравствени предизвици. Како резултат на тоа, личниот и приватниот живот секако страда- ретко има ‘’работно време’’, викендите и празниците често се работни, а семејството мора да има големо разбирање. Сепак, имам големо разбирање од сопругот, кој исто така е лекар, и ја делиме истата динамика. Токму таа жртва и посветеност се дел од суштината на медицината. Гордо ја носам таа одговорност, и со поддршка од моето семејство успевам да најдам рамнотежа, барем во оние мали моменти кога можам да се посветам на најблиските.
„Позитивниот дух е лековит исто колку и медицината“,
-вели во одговор на наше прашање Д-р Весна Ушинова.
2.Брегалнички Портал: Во штипската болница помеѓу Вашите колеги сте познати по својот позитивен и ведар дух. Како ја оценувате работната атмосфера на медицинскиот персонал и општо колегијалноста во болницата во Штип?

Д-р Весна Ушинова: Ми значи што колегите ме гледаат како позитивна личност. Во нашата професија, каде што секојдневно се соочуваме со болка и тежина, добриот збор е исто толку важен колку и медицинското знаење. Во болницата имаме прекрасни професионалци, иако работиме во често ограничени услови. Колегијалноста е солидна, а јас секогаш се трудам да придонесам за подобра комуникација. Верувам во тимска работа – тоа е клуч за квалитетно здравство.
До успехот се стигнува со многу труд и лична борба
3.Брегалнички Портал: Што претставува за Вас позицијата раководител на Интерното одделение во Клиничката болница во Штип која е медицински центар за целиот Брегалнички регион?
Д-р Весна Ушинова: Оваа позиција за мене не е само титула, туку одговорност. Патот до тука не беше лесен. Потекнувам од скромно, работничко семејство, каде што чесноста и трудот беа основни вредности. На почетокот на студиите го изгубив татко ми, што беше тежок удар за мене лично и целото семејство. Сепак, не се откажав. Студирав во Скопје и знам што значи да се бориш за секој чекор напред. Денес, секојдневно ја носам таа одговорност кон пациентите и колегите.

Политиката е продолжување на грижата за луѓето
4.Брегалнички Портал: Зошто одлучивте да влезете во политиката?
Д-р Весна Ушинова: Не ја напуштам медицината – таа е моја љубов и примарна професија. Но преку политиката гледам можност да помогнам пошироко, таму каде што се носат одлуките. Секојдневно гледам со што се соочуваат граѓаните – здравствено, економски, социјално – и верувам дека моето искуство може да биде од корист.
„Од медицината во политиката ги носам трпението и одговорноста,“
-децидна е Д-р Ушинова.
5.Брегалнички Портал: Кои вештини од Вашата медицинска пракса сметате дека може да Ви бидат од корист во вашата политичка активност?
Д-р Весна Ушинова: Како лекар секојдневно се среќавам со луѓе од сите возрасти, слушам различни животни приказни и учам да бидам трпелива, емпатична и реална. Тоа искуство помага да ги разберам граѓаните и нивните потреби. Исто така, во медицината нема простор за импровизација – потребна е дисциплина и одговорност. Тие вредности се многу потребни и во политиката.
„И во болницата и во општината потребни се визија и отчетност“
6.Брегалнички Портал: Може ли организацијата на болницата да биде пример за организација и менаџмент со општината?
Д-р Весна Ушинова: Апсолутно. Како што болницата бара дисциплина, тимска работа и јасна хиерархија, така и општината мора да функционира со визија, отчетност и ефикасност.

„Секој човек сака да биде слушнат и почитуван“
-вели во одговорот на нашето прашање во врска со односот кон своите сограѓани Д-р Ушинова.
7.Брегалнички Портал: Што научивте од пациентите што би го примениле во политиката?
Д-р Весна Ушинова: Научив дека секој човек има своја приказна и своја мака. Луѓето сакаат да бидат слушнати и почитувани. Проблемите често не се само медицински, туку и социјални или економски. Во политиката сакам да бидам оној кој слуша и бара решенија заедно со граѓаните.
А во однос на своите помлади колеги Д-р Ушинова има порака до сите општествени чинители вклучително и политичарите со кои што сега по овие избори ќе има можност директно да работи:
„Да им дадеме перспектива на младите лекари“
8.Брегалнички Портал: Како може да се спречи одливот на медицински персонал?
Д-р Весна Ушинова: На младите мора да им се обезбедат услови за работа, достоинствена плата и перспектива за напредување. Локалната и централната власт треба да инвестираат во здравство, во технологии и во луѓето. Само така тие ќе ја гледаат својата иднина тука.

„Штип има потенцијал – да го искористиме“
9.Брегалнички Портал: Како го гледате Штип во следните четири години?
Д-р Весна Ушинова: Штип го гледам како град со огромен потенцијал- со квалитетни луѓе , млади кадри, универзитет, здравствени установи и силна работничка традиција.
Во наредните 4 години, сакам да го видам Штип уште по уреден, побезбеден и по социјален град, со подобра грижа за здравјето, поддршка за младите, подобра инфраструктура и ефикасна администрација. Штип кој не ги брка младите, туку им дава можности да останат, да работат и да градат семејства тука.

„Приоритети: болницата, младите и инфраструктурата“
10. Брегалнички Портал: Кои се трите најголеми предизвици за Штип?
Д-р Весна Ушинова: Од моја перспектива, како човек кој секојдневно е во контакт со граѓаните, би ги издвоила следните:
- Подобрување на инфраструктурата и животната средина. Сакам транспарентна општина што одговара на барањата на граѓаните, со подобра патна инфраструктура, канализација, паркинг решенија…
- Завршување и опремување на новата Клиничка болница- прашање на достоинство за пациентите и за здравствените работници од целиот Источен регион. Да, точно е – овој капитален проект беше започнат од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и за жал, по промена на власта беше заглавен. Сега, има најава од централната власт за конечно завршување. Сакам болницата да биде завршена- не за политички поени, туку за граѓаните.
- Спречување на одливот на млади луѓе преку создавање на услови, отворање нови работни места, достапно сместување, чиста животна средина.
„Младите мора да бидат вклучени во развојот на Штип“,
-вели Носителката на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Штип.
11.Брегалнички Портал: Како ќе ги вклучите младите во развојот на градот?
Д-р Весна Ушинова: Младите треба да бидат активно вклучени во процесите преку младински совети, поддршка на нивните идеи, културни и спортски програми, како и можности за иновации.
12.Брегалнички Портал: Како ќе ја убедите јавноста дека сте во политиката за граѓаните?
Д-р Весна Ушинова: Јас сум човек кој повеќе 17 години работи за луѓето – моите пациенти. Никогаш не сум барала посебни бенефиции, не сум барала позиција- моја единствена цел е да бидам корисна. Во политиката влегувам со истата цел: да им служам на граѓаните, а не на себе. И ќе бидам она што сум и сега- достапна искрена и со отворено срце. Ако граѓаните го препознаат тоа сум ја исполнила целта.

„Етиката и моралот мора да важат и во политиката“
13. Брегалнички Портал: Може ли вредностите од медицината да се пренесат во политиката?
Д-р Весна Ушинова: Мислам дека вредностите не зависат од професијата, туку од човекот. Јас ги носам во себе- како лекар, како мајка, како граѓанин. Во медицината не постои компромис со етиката, моралот и чесноста. Тоа се принципи кои мора да важат и во политиката. Ако сте вистински човек, ќе ги практикувате секогаш- во болница, во Совет, дома.
„Приоритет е завршување на новата болница“
14. Брегалнички Портал: Кои се Вашите програмски приоритети?
Д-р Весна Ушинова: Граѓаните на Источна Македонија конечно можат да очекуваат завршување и опремување на новата Клиничка болница , која е клучен проект за целиот регион.
Мој приоритет е завршување на новата Клиничка болница, но и подобрување на квалитетот на здравствените услуги – превенција, достапност, грижа за пациентите. Во Советот ќе се залагам за развој на здравството, образованието, младите и инфраструктурата. Секако, целта е Штип да биде регионален центар со силни капацитети.
„Политиката ќе стане подобра кога ќе влезат подобри луѓе“
15. Брегалнички Портал: Што би им порачале на граѓаните кои се разочарани од политичарите и не веруваат дека нешто може да се смени?
Д-р Весна Ушинова: Разбирам зошто се разочарани – и јас сум го почувствувала тоа. Но ако сите се откажеме, ништо нема да се промени. Јас сум тука да покажам дека може и поинаку – со чесност и посветеност. Политиката ќе стане подобра кога во неа ќе има подобри луѓе. Тоа е мојата мотивација.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Интервју со Петар Ружински: кандидатот за градоначалник на Општина Берово
Интервју со Иван Гоцевски: Време е Делчево да добие нов практичен пристап за решавање на реалните проблеми на граѓаните
Наше интервју со Наташа Андонова- Ликовен уметник, илустратор, фриленсер: Помеѓу јазикот и имагинацијата