Германската компанија „Кромберг и Шуберт“ започнува нов инвестициски проект во фабриката во индустриската зона Жабени, со кој во следните четири години се планира отворање на 2.000 нови работни места. Во новиот производствен капацитет ќе се изработуваат автомобилски компоненти за германскиот автомобилски гигант „Ауди“.
Ова го соопшти премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција во прес-центарот на Владата, оценувајќи дека инвестицијата претставува значаен развоен импулс за Битола, Пелагонискиот Регион и македонската економија.
Според најавата, во фабриката во Жабени ќе се произведуваат системи за нов модел на „Ауди“, со планиран производствен обем од над 3.000 снопови дневно. Проектот предвидува и воведување современи технологии и дигитализација на производството.
„Ова е важна инвестиција за Битола, за Пелагонискиот Регион и за целокупната економија, но и потврда дека како држава располагаме со квалификувана работна сила и индустриски капацитети кои можат да одговорат на највисоките европски стандарди“, истакна Мицкоски.
До 10.000 вработени во компанијата во земјава
Премиерот посочи дека „Кромберг и Шуберт“ досега реализирала три инвестициски проекти во индустриската зона Жабени. Според бројките што ги наведе, во Битола компанијата има околу 5.280 до 5.300 вработени, додека во Скопје бројот надминува 1.700.
Со реализацијата на новиот проект и планираните 2.000 работни места, вкупниот број вработени во компанијата во Македонија би достигнал околу 10.000.
Мицкоски оцени дека новата инвестиција е показател за довербата на компанијата во земјата и во нејзините индустриски и кадровски потенцијали.
Извоз над 400 милиони евра и повисоки плати
На прес-конференцијата премиерот најави дека „Кромберг и Шуберт“ очекува следната година извозот од своите производствени капацитети во земјава да надмине 400 милиони евра.
Тој посочи дека инвестицијата треба да придонесе за зајакнување на индустријата, раст на извозот и отворање работни места со повисоки примања.
Според Мицкоски, просечните плати на висококвалификуваниот кадар во компанијата се над 80 проценти повисоки од просекот во Македонија.
„Нашата цел е да бидеме препознаени како сигурна и конкурентна инвестициска дестинација, со силна индустрија, зголемен извоз и подобро платени работни места“, рече премиерот.
Позитивен ефект за Битола и Пелагонија
Мицкоски оцени дека проектот ќе отвори дополнителни можности за локалното стопанство и ќе обезбеди перспектива за стабилно вработување и економска сигурност за граѓаните.
Тој упати благодарност до раководството на „Кромберг и Шуберт“ за довербата, како и до вработените за нивната стручност и посветеност во реализацијата на производствените проекти.
Во завршниот дел од обраќањето, премиерот порача дека Владата ќе продолжи да се фокусира на капитални инвестиции, приватни иницијативи и отворање работни места, критикувајќи ги политичките сили кои, според него, се преокупирани со политички пресметки.
„Ова се нашите цели, ова се нашите приоритети и вака треба да работиме и во иднина за сопствената татковина. Со конкретни инвестиции, со отворање работни места и со резултати“, порача Мицкоски.
Новата инвестиција, доколку се реализира според најавената динамика, би го проширила присуството на „Кромберг и Шуберт“ во македонската автомобилска индустрија и би ја зацврстила улогата на Битола како значаен производствен центар во Пелагонија.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Делегација на МВР учествуваше на 15. конференција на ИНТЕРПА во Доха, Катар
Министерот Клековски ги прими новоименуваните директори на три универзитетски клиники
По измените во проектната документација – продолжуваат градежните активности на Домот за стари лица во Кочани