Почитуван градоначалник на општина Делчево, г-дин Иван Гоцевски.
Почитуван епископ на Делчевско-каменичката епархија – г-дин Марко
Почитувани градоначалници од општините Новело, Родино и Монфорте Д’алба
Почитуван претседател на советот на општина Делчево, г-дин Николчо С.
Почитувани претставници на институциите,
Почитувани учесници, драги сограѓани и љубители на македонската традиција,
Добровечер!
Дозволете ми во името на НУЦК „Н.Ј.В.“ да ви посакам искреноДобредојде на 31. издание на Голачките фолклорни средби – манифестација која почнува да чекори во четвртата деценија, и претставува жив сведок на богатото културно наследство на нашиот крај и на нераскинливата врска помеѓу минатото, сегашноста и иднината.
Ми претставува особена чест што вечерва Центарот за култура Н.Ј.В. заедно со општина Делчево сме домаќини на уште едно издание на оваа значајна културна манифестација, која што е гордост на Делчево, која со години го негува и афирмира македонскиот фолклор, народната песна, ора, обичаите и традиционалните вредности што нè определуваат како народ.
Голачкиот регион отсекогаш бил ризница на автентична култура, народно творештво и духовни вредности. Токму затоа, Голачките фолклорни средби не се само фестивал, туку мост меѓу генерациите, простор каде што се пренесуваат знаењата, љубовта кон традицијата и почитта кон културното наследство.
Посебна вредност на оваа манифестација е тоа што таа ги отвора своите врати за ансамбли и гости од различни земји. Преку песната и играта не разговараме на различни јазици – разговараме на универзалниот јазик на културата.
Нека Голачките фолклорни средби и понатаму бидат место каде што ќе се раѓаат нови пријателства, ќе се создаваат нови спомени и ќе се негува она највредното што го имаме – нашата култура.
Упатувам искрена благодарност до сите учесници, културно-уметничките друштва од Р. Македонија, до нашите гости од Р. Србија, од Р. Бугарија – ансамблите, музичарите, играорците, кои дојдоа од различни краишта за преку песната, играта и музиката да ни покажат дека културното наследство нема граници кога се пренесува со љубов и искреност. Вашето присуство е доказ дека македонскиот фолклор живее, се развива и продолжува да ги обединува луѓето.
Благодарност упатувам до Министерството за култура и туризам, кое и оваа година ги поддржа Голачките фолклорни средби, благодарност до Општина Делчево, до градоначалникот на Делчево, како и до сите институции, организации, спонзори и поединци кои со својата поддршка придонесуваат оваа манифестација успешно да опстојува и да расте од година во година, а токму тоа е и нашата цел, оваа меѓународна манифестација да биде секогаш на едно високо ниво и препознатлива за Делчево и регионот.
Нашата заедничка обврска е да ја чуваме традицијата, но и да ја доближиме до младите генерации, за тие со гордост да го продолжат она што нивните предци го создале. Само така ќе обезбедиме богатото културно наследство да остане трајна вредност и препознатлив белег на нашиот крај.
Дозволете ми на сите учесници да им посакам успешно да се претстават вечерва, на гостите пријатен престој во Делчево, а на публиката да ужива во овие мигови исполнети со песна, игра и македонски дух.
Ви благодарам и нека ни е успешна оваа прекрасна фолклорна вечер!

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
ЈЗУ “Гоце Делчев” Делчево со значајни инвестиции од Владата, претендира да биде регионален здравствен центар за повеќе општини во иднина
Уметноста на Марина Убавкова пред делчевската публика: Движењето во просторот како база за интерактивен комплот на артистот, галеријата, публиката и општествената манифестација на реалноста
40 годишник од Кочани физички нападнал малолетни роднини во нивниот дом