БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Целиот говор на Градоначалникот на општина Делчево Иван Гоцевски пред илјадната публика на 31 издание на “Голачки фолклорни средби 2026”

HTML Image as link Имате потреба од нов веб сајт?
An image from Squarespace
Пренеси го гласот

Вечерва Делчево раскажува приказна за фолклорот

 Сјае нашето Делчево со боите на фолклорот од Балканот.

Везот на ороводните чекори од играорците, овде на летната сцена, обогатен со носиите како своевиден белег на идентитетот на секој народ- вечерва ги руши границите и зборува само на еден јазик- традиција и култура; почит и достоинство.

HTML Image as link НЕТКРИЕНО БОГАТСТВО ОД ТРАДИЦИЈА, ПРИРОДА, ИСТОРИЈА...
An image from Squarespace

Почитувани,

Играорци од Србија, Бугарија, Македонија

Почитувани гости од Италија, наши пријатели, колеги градоначалници:

г-н Паларо-градоначалник на Новело;

 г-ин Џенезио-градоначалник на Монфорте;

г-ин Андриано, градоначалник на Родино.

Почитуван директор на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“- г-ин Златко Начовски, домаќин на овој убав фестивал.

Почитувани гости,

драги пријатели

Ви посакувам добредојде во Делчево на 31 Меѓунаредн фолклорен фестивал- Голачки фолклорни средби и со кој како на дланка ви нудиме дел од фолклорното богатство од Балканот. Овој фестивал повеќе од три децении ја слави традицијата, ја негува културната меморија и ги обединува луѓето преку песната, играта , обичаите.

И годинава, овој за нас, посебен фолклорен фестивал не го одржуваме во неговата изворна средина, таму каде што се родил и опстојувал 31 година, покрај манастирот посветен на Свети Пантелејмон и на врвот Чавка на планината Голак. Причините се очигледни и превентивни. Мора да бидеме внимателни со шумите и мерките кои се преземаат за заштита од пожари, одат во таа насока. Не смееме да дозволиме и најмало невнимание да ни ја пеплоса шумата која е наша гордост.

Во чест на традицијата, вечерва фолклорот го славиме во Делчево.

Драги пријатели,

Секогаш кога зборувам за фолклорната традиција јас зборувам за почитта на традицијата, за нишката која нè поврзува длабоко со корените, која ткае во себе долги векови живот со богата народна мудрост и уметност, пренесувана од колено на колено.

Затоа, вечерва сум посебно горд што уште еднаш даваме посебен придонес во промоцијата и сочувувањето на народната фолклорна уметност.

Културата е душата на народот, темелот на нашиот идентитет. Таа не е само спомен на минатото, туку жива сила што го гради нашиот идентитет, ги поврзува генерациите, гради мостови на пријателство меѓу народите.

А, нашиот мотив е да продолжиме да ја надградуваме оставштината од сите културни дејци низ историјата кои го етаблираа македонскиот збор, македонската драма, македонската проза и поезија, македонската уметност. Да го изградиме мостот кој поврзува времиња, столетија, но и убавина на уметничките творби.

Ќе бидам нескромен и ќе го потенцирам фактот дека овој регион овде, по горниот тек на реката Брегалница крие многу нешта, а најважното и најзначајното за сите нас е зачетокот на писмената културна традиција на Словените.

Затоа, со посебен пиетет Делчево се поклонуваме пред ликот и делото на светите сесловенски просветители, браќата Кирил и Методиј, гордо славејќи ги како заштитници на градот и носејќи од дамнина почит кон светителите.

И длабоко веруваме дека светителите заштитници ја даваат душата на сето она што го работиме, а позитивната енергија и добрата мисла ги следат жителите на овој град и повторно и несомнено длабоко да се вткајува исконското.

Приказната за Делчево и светителите не е случајна.Таа е нераскинливо врзана од дамнина.

Има многу симболика во оваа исконска врска.

Брегалничката мисија и Делчево како град низ кој тече Брегалница.

Описите на теренот со зборови насликани во „Панонските легенди“ од каде се црпат изворни податоци за животописот на светите браќа.

Науката сѐ уште не одговорила, но ние како жители кои живееме во горниот дел на Брегалница имаме право да веруваме дека значајната Мисија во која се родила првата словенска азбука, Глаголицата, се наоѓала тука, на овој регион.

Брегалничка мисија инспирира. Во овој регион биле покрстени илјадници жители, факт кој регионов го става на рамниште на Охридскиот.

Наши историчари со право веруваат дека има интересен археолошки локалитет над Разловци, кај месноста Грамада во Горно Поле, каде можеби се наоѓа стариот град Равен, каде се создале првите 38 букви од глаголицата и затоа јавно ги повикувам археолозите и научниците да ги проверат овие индиции.

Почитта кон светителите е вткаена во животот на делчевци.

И , затоа ние имаме света обврска да го продолжиме нивното дело, да ја шириме културата и добрата мисла и да работиме, Делчево да го издигнеме на пидесталот на културното живеење.

Тоа е наша света должност и аманет од сите минати времиња кои збор по збор, страница по страница ја пишуваат новата приказна на Делчево.

Затоа наш посебен приоритет е развојот на културата, преку збогатена понуда и богата палета од културни настани во кој традицијата е клучната формула.

Во Програмата за култура само за оваа година се планирани 50-инаглавни настани кои во себе носат понуди, освен од фолклорот и традицијата, и од современата и класичната уметност, визуелната уметност, се дава поддршка на младите автори, на уметниците да го промовираат своето дело, а ние да ја имаме честа да бидеме првите сведители на нивниот успех.

Создаваме услови за работа на културно- уметничките друштва и здруженија на граѓани од областа на културата. Градиме партнерство со институциите од културата, како што се НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и ЈЛБ „Илинден“ и нашиот почитуван партнер Министерството за култура и туризам.Гордо го промовираме и се гордееме со нашиот бренд и светското и националното културно богатство „Копачката“ запишана во УНЕСКО.

Со сите актери од областа на културата, Општина Делчево гради бренд со заеднички именител- Делчево да биде посакувана туристичка дестинација и сите овие настани се ставаат во пакет на туристичката понуда од Делчево.

Затоа до сите вас од овде испраќам апел- посетувајте ги културните настани, оддавајте почит на работата на културните работници, на уметниците и авторите, бидејќи со тоа не оддавате почит само на нивниот труд и дело, туку оддавате почит на генерација уметници кои со своето дело ја поврзуваат нишката на минатото со иднината.

Почитувани,

Инвестициите во културата, според мене, се инвестиции во иднината. Затоа вложуваме максимални напори да ја воздигнеме оваа дејност на највисоко ниво и да покажеме дека Делчево знае и може да организира настани од светски рамки и да донесе гости од сите краеви на Македонија, но и од соседството.

Токму затоа и овие неколку дена, Делчево ќе биде центар на регионот и ќе понуди забава за сите возрасти и за сите вкусови.

Голачките фолклорни средби спакувани во Делчевското свежо лето-  се врв на културната понуда и нашата почит кон трајните вредности и различностите кои обединуваат.

Ви посакувам убави моменти и уживајте со  програмата од 31-те Голачки фолклорни средби

Благодарам

Креирано од:


Пренеси го гласот