БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Декларацијата на Македонците од светот прочитана на вчерашниот протест за слобода на уставобранителите

Пренеси го гласот

По повод четири годишнината од настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година, Македонците по род и државјанство, во светот и татковината, единствени и обединети, на Семакедонскиот протест под мотото “Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите“, на 25 април 2021 година во Скопје, пред Собранието на Македонија, ја објавуваат следната

ДЕКЛАРАЦИЈА

(1) Најостро ги осудуваме политички монтираните обвиненија за “терористичко загрозување на уставниот поредок“ и драконските казни на неправедно осудените за настаните во Собранието на Македонија од 27 април 2017 година.

(2) Бараме безусловно ослободување на сите неправедно осудени за настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година, од натамошно извршување на казната и нејзино бришење!

Бараме Врховниот суд на Македонија да ги поништи пресудите против сите од настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година и да го обнови судењето поради дополнителни докази за лажни изјави на сведоци и селективен избор на докази и сведоци против обвинетите.

(3) Потсетуваме дека инволвираните во настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година, беа испровоцирани од флагрантното кршење на Уставот на Македонија, Законите и Собранискиот деловник при изборот на претседател на Собранието и пеењето на химна на друга држава во Собранието, на годишнината од масакрот кај Вејце врз припадници на Вооружените сили на Македонија во војната 2001 година.

(4) Најостро ги осудуваме пратениците кои ги отворија вратите за влез на народот во Собранието, а за ослободување од обвинението извршија велепредавство: Гласаа за уставните измени за промена на идентитетот на Македонскиот народ и името на државата Македонија, што не беше прифатено на референдумот одржан на 30 септември 2018 година.

bregalnickimarketing

(5) Бараме праведно судство и независно јавно обвинителство, ослободени од партиски влијанија и притисоци, а не здружени во злосторничко здружение со владата против човековите права и слободи и правниот поредок на државата. Бараме одговорност за сите судии и јавни обвинители поради нестручно и несовесно вршење на функцијата што ги прави недостојни.

(6) Оваа Декларација се доставува до: Претседателот, Собранието и Владата на Македонија; политичките партии, здруженијата на граѓани и верските заедници во Македонија; македонските заедници и организации во светот; Обединетите Нации; Советот на Европа; Европската Унија; НАТО; ОБСЕ; и странските амбасади и мисии во Македонија.

Креирано од:


Пренеси го гласот