БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Година на фениксот

Пренеси го гласот

Зад нас е 2024 година. Уф.

На личен план година исполнета со премрежја но и со решенија. Онаму каде што животот даваше лимони правевме лимонада, која се испи во тони.

И најлошите работи се случуваат со причина а понекогаш таа причина излегува на добро Човек можеби мора најдиректно да и погледне на смртта во очи за да почне да го цени животот на вистински начин.

Само кога се присетам колку ли само глупости биле дел од мојот живот, што немало ниту потреба ниту реално-објективна суштинска вредност за нив. Едноставно бев отруен од небитни, ирелевантни содржини кои што го одалечуваа мојот карактер од она што вистински сум јас.

Низ сите лични перипетии добро е што пополека си ја вратив вербата во луѓето. Не сите. Многу малкумина се тие што знаат да бидат луѓе во вистинската смисла на зборот. Интензивниот и динамичен начин на живот диктира темпо кое времето за пријатели го сведува на минимум. И тоа е добро. Човек така на најубав начин ќе си ги види пријателите во чиј живот твојот лик заслужува време. Имаше години, кога телефонот едноставно не престануваше да ѕвони. Секој нешто бараше и очекуваше од мене. Ретко некој што сакаше да искомуницира поради едноставна причина на пријателство, да праша како си, што се случува, се ли е во ред. Општествениот облак во кој што бев заглавен беше своевиден виор на лудило или ненормална околина во најмала рака. Секој сакаше да откине парче од мене затоа што нели така си го бев сватил животот: Секогаш во служба на другите.

Е сега кога сета таа прашина стивна и кога снема парчиња месо од мојот хабитус, ги снема и хиените.

Изминатата година за првпат почувствував потреба од нечија помош. Среќен сум што имам луѓе кои што во тие моменти ми подадоа рака на искрена поддршка. Тие секогаш ќе имаат светло место во мојот понатамошен живот. Се знаат тие кои се за што искрено им благодарам за нивното внимание и посветеност кон мене.

Нивната доблест за мене стана вистински потстрек и енергија за иднината што говорат дека не е се загубено во смисла на надеж, гордост, достоинство и пред се човечност.

Општествената состојба во која се наоѓа Делчево и Македонија не се по ништо налик на она што беше пред неколку години.

Разнишаната државност се состеше од урнисување на системските вредности на кои беше градена државата а односите во општеството, вклучително и оние на локален план станаа издупчен балон кој никако да добие волумен на воздух за да полета. Имаше време кога помислував дека нема надеж за било каков светол зрак светлина во темницата која беше надвисната над нашиот заеднички дом.

2024 година беше време на метаморфоза. Се промени власта со огромна реакција од незадоволство на општеството кон политиките на владеењето на СДСМ и ДУИ. Без многу помпа и “романтизам” беше направен трансфер на власта, не заради тоа што државата беше доведена во очајна состојба од минатата власт туку затоа што новата власт е свесна дека очекувањата на народот се огромни. Ваквата енергија и очекување на населението за брзи промени кон подобро за поединци допринесе за одредено разочарување следејки го бавниот од’ на трансферот на власта. За непознавачите на состојбите во ВМРО-ДПМНЕ со актуелното раководство во партијата, отсуството на еуфорија, популизам и емоции во трансферот на власта е изненадувачки момент, но за оние кои доволно добро ги познаваат функционалните механизми во сега владеачката пшартија, оваа пракса е можеби нова но не и неочекувана.

Целокупната јавност може да забележи нагорен тренд на сите полиња во државниот апаратус на функционирање. Доминантната улога на Министерството за внатрешни работи во комуникацијата со јавноста е можеби најзабележлива, но во однос на функционалните промени кон подобро не заостануваат ниту една друга инстуција на централна власт. Ваквиот процес на можеби подолга адаптација следува по драстичната промени на министерствата и нивните функционални целини како и отварањето на нови министерства, но дури и најголемите песимисти може да ги согледаат позитивните промени во работата на централните власти. Од она што е карактеристично во работата на министерствата можам да го издвојам можеби неочеклувано за мене либералниот однос на министерката за финансии кон одредени буџетски расходи кои што не соодветствуваат за една конзервативна влада повеќе од што сум очекувал. Ваквиот проблем во отсуство на поголема деловна активност на актуелното стопанство може да се пролонгира во фатална грешка во иднина доколку не се изедначат ваквите непродуктивни трошења кои што се наследени по инерција од претходната влада со капацитетот на приходи во владиниот буџет. Како противник на јавно задолжување поради екстремен популизам и непродуктивни расходи, ценам дека унгарскиот заем е прифатливо зло за државата во услови на препумпан државен апаратус кој што наместо развојна компонента во себе содржи социјална компонента на одржување на привиден социјален мир.

Овие проблеми на нефункционална администрација во одредени сегменти од нејзиното работење, проблемите со енергетската зависност, состојбите во јавност здравство, очајот во пензискиот фонд, ирационалната мрежна и кадровска поставеност на образованието се присутни и мислам дека е дојдено конечно време за истите да започнат да се решаваат. Во таа насока силно ги охрабрувам најавите на министерката за образование и наука за реформа на образованието во делот преку кадрова и просторна оптимализација на условите за работа на образовните институции. Реформите во администрацијата според досегашните активности на Министерството за јавна администрациа и Министерството за дигитализација се исто така целисходни и пружаат доза надеж дека еден ден ќе дојде време кога државата нема да биде најголемиот работодавец во Македонија. Исто така политиките на новата министерка за енергетика се за охрабрување и поддршка за што побрза реализација на планираните активности со цел да има што побрз бенефит за граѓаните и стопанството. Сомничав сум за подобрување на состојбата во јавносто здравство во поголема мера за годината што е пред нас, како и за решавање на проблемот со одржливоста на пензискиот систем во државата.

Се на се пред нас претстои година на огромни предизвици во сферата на институционалната функционалност, но тоа е прашање кое изискува темелна посветеност, ресурси и работа за да биде постојано анализирано и понудени решенија.

Она што јас како граѓанин кој во изминатите 6-7 години изгуби секаква верба во институционалната оправданост на целокупниот систем, можам да посведочам е низ призмата на моите граѓански потреби и очекувања да го следам актуелниот процес за заздравување на довербата на народот кон државата со една цел за обновување на надежта дека и во Македонија може да се живее слободно, достоинствено, гордо и функционално во вистинска смисла на значењето на овие зборови.

Македонија е своевиден феникс кој после пепелот од годините во минатото заслужува да си ја покаже својата вистинска убавина и постоење, пред лицето на целиот свет.

Среќат е одлика на храбрите.

Среќна нова 2025 година.

Креирано од:


Пренеси го гласот