БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Кирил Ковчегарски: А – АВИЈАТИЧАР(ИТЕ)

Пренеси го гласот

Вака почнуваше генијалната детска едукативна емисија Бушава азбука во нејзината прва епизода, како што е ред, со буквата А. Растеа со неа генерации што живеат овде, се едуцираа, го учеа македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како што е ред, затоа што живеат во Република Македонија. Имаше општонародна почит кон јазикот, со нетрпение се очекуваше секоја нова епизода за да се слушне и научи уште по нешто ново за секоја буква од азбуката, насекаде се пееше песната која одеше како насловна А,Б,В,Г……..Х,Ц,Ч,Џ,Ш. Тоа беа времиња кога се ценеа вредностите и националното богатство. Со што ли ги предизвикавме нашите драги соседи да го негираат нашиот јазик и покрај потпишаниот договор за добрососедство? Каде исчезна сето тоа што го правевме во одбрана и заради зачувување на јазикот, за само еден миг, за помалку од три години? Кој високо лета на крајот ниско паѓа, рекле некои попаметни од нас, а ваков вид на договори не треба да склучуваат недоучени и алчни за слава и власт ,,авијатичари,, туку стамени луѓе со став, самопочит и интегритет. Како што гледаме деновиве во таков случај падот е неизбежен, како на ова, така и на многу други полиња.

Овој кус вовед кој се однесува на македонскиот јазик и нашиот однос кон него, и кон се што ни е свето, последниве неколку години најдобро одсликува на кои гранки е спуштено нивото на нашето секојдневно битисување овде во Република Македонија. Се донесоа милион уставни и законски измени со кои ние Македонците си се самопониживме и се спуштивме на едни толку ниски гранки што веќе никој нема никаква почит спрема нас и со потсмев се гледа на сето она што сами си го направивме, а секоја прилика ја користи за дополнително да не клекне на коленици (Доказ: Мислењето за нашиот јазик на бугарските академици). Сето ова се должи исклучиво на недоветната политика која ја води владата заради пустата власт и остварување исклучиво на личните интереси. Дочекавме од луѓе кои во животот не ни помислиле за смена на државното име, денес со гордост и без престан да повторуваат како папагали северна, северна, северна…. Луѓе кои цел живот ги познавав како ,,србомани,, или ,,пројугословенски,, настроени, кои Бугарија не можеа да ја спомнат и смислат, а вмровците ги нарекуваа бугараши, денес со пиетет да го бранат договорот со Бугарија, со кој се негира целокупната наша историја, а плус тоа бугарскиот фашистички окупатор преку ноќ стана наш ослободител. Истите луѓе и нивните потомци кои во 1999 година ја запалија Американската амбасада во Скопје поради НАТО интервенцијата во Србија, сега се главните НАТО протагонисти и негови промотори. Тоа патем беа и протести против Албанците, а сега истите заедно со нив тераат политика во државава на штета на македонските национални интереси, а ВМРО-ДПМНЕ кое во тоа време беше на власт во Македонија и сесрдно помогна на бегалците од Косово го сатанизираат и прават најголем непријател на македонските Албанци. Лицемерие на максимално ниво, извртени работи, луди времиња само за нечии лични интереси. Ќе се освестиме ли сите? И Македонци, и Албанци, и другите што живеат тука. Дали ќе излеземе од масовната хипноза која не има зафатено и ќе сфатиме дека сето ова што ни се случуваше и сеуште ни се случува е само една голема измама и будалаштина која никому не му оди во прилог и на долг рок предизвикува штета од несогледливи размери? Јас сум оптимист, разумот мора да надвладее, надеж секогаш постои. Мора да седнеме и трезвено да разговараме за сите работи кои не тиштат. Најдоброто од се е тоа што по случувањата кои следеа после претходните парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ повеќе нема никаква обврска за пост изборна соработка со во моментов најголемата политичка партија на македонските Албанци ДУИ и тоа исклучиво поради нивна желба и однесување во тоа време. Ова отвора можност доколку се оствари јасна победа со над 60 пратеници со идниот албански партнер да се разговара трезвено, разумно, без уценувања како што тоа беше случај во изминативе три години помеѓу СДС и ДУИ, со што без никаква реална потреба Албанците од власта постојано ги понижуваа своите сограѓани Македонци. Притоа неизбежно се прикажуваше триумфализам од најнизок вид преку објавување на снимки од гласањето во Собрание и снимки од теренски контроли за примената на законот за албанскиот јазик. Пример за сето ова што го пишувам е повторно актуелниот Закон за јазици и мислењето кое го доби државата од Венецијанската Комисија по однос на истиот.

Веднаш да расчистиме, немам ама никаква дилема дека Албанците треба да си го употребуваат својот мајчин јазик, дека треба да им се обезбеди превод доколку не го разбираат македонскиот итн. Но исто така сметам дека правото на неговата употреба не треба да преминува во злоупотреба, а нивното право не смее за нас Македонците да претставува неправо. Слушам деновиве како челниците на ДУИ пробуваат да ги релативизираат работите и на јавноста да и претстават дека употребата на јазикот претставува нивно човечко право кое е неспорно, дека не е ништо страшно што сега на пример документите се пишувале двојазично, доколку истите треба да ги потпише функционер Албанец и сл. Чудно е како при својата елаборација секогаш се заборава да се каже и дека со овој закон истите тие документи можат да бидат и само на албански јазик, а доколку некој што не го познава и треба да ги користи, тогаш ќе мора на свој трошок да си го преведе. Исто така се заборава дека вакви документи ќе треба да издаваат и органите во места каде што не живее ниту еден Албанец, а доколку не го сторат тоа се предвидени драконски казни. За апсурдните ситуации кои ќе не очекуваат во судските постапки не сакам ниту да зборувам, само ќе кажам дека ,,лудата,, состојба која владее во судството ќе стане непотребно уште неколкукратно ,,полуда,,. Впрочем на сето ова реагира и Венецијанската Комисија во своето мислење, а кога се носеше законот истото го укажуваше и ВМРО-ДПМНЕ. Но, за оваа власт Венецијанска незнае, не разбира добро, кај нас е специфична (ненормална) состојбата, па она што важи за другите (нормални) држави кај нас не треба да важи и е погрешно. Небулозни оправдувања додека ДУИ со сите сили се бори да не пропадне во калта која со СДС самите си ја направија ,,мокрејќи,, си по сите работи и по сите вредности кои се создаваа и градеа со години. Затоа забелешките од комисијата мора сериозно да се разгледаат, а амандманите на законот кои ги предлага мојата партија да не се отфрлаат со леснотија, туку да бидат појдновна основа за еден квалитетен закон со кој нема да има оштетени, победници и поразени. Притоа албанскиот фактор да има в предвид дека следната власт во Република Македонија според сите показатели ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Јазикот и правото на негова употреба не смее да бидат имплементирани во системот од ,,арачиновски авијатичари,, кои некој ги најавил дека ќе ги има, а кои реално никогаш нема да полетаат. На земјата и е потребна остварлива реалност, која нема да остане само на хартија и која нема да предизвикува отпор кај сограѓаните.

Дилетантската политика на сите нивоа беше докажана по јубилеен кој знае кој пат и при посетата на Носачот на авиони ,,Хари Труман,, од наша делегација, при што беа изустени, а подоцна и напишани и фотодокументирани по социјалните медиуми такви будалаштини што се прашувам понекогаш:

 -Добро, нормални ли се овие или пак мислат дека народот е ненормален?

Авијатичариве наши освен несоодветните фотографии (наводно на аплицирано македонско знаме на опашот од авионот) од лице место повторно покажаа дека кога оделе во училиште не ги научиле доволно некои од најосновните работи кои секој интелектуалец треба да ги познава или пак да најде начин пред да објави некаква информација, истата првин добро да ја провери. Но тоа е дилетантизмот на целокупната политика и тука спас нема се додека не биде поразена на избори. Конечно народот да сфати дека на оваа земја повеќе не и се потребни манипулатори и импровизатори. И, дајте бре, вработете си професионален бајрактар во Влада за да не се брукате дополнително во ова кратко време што ви остана! Таман некој член и ќе си го вработите, а може и двајца за да работат во смени, оти едниот нема да може да постигне на толку будалаштини во најава за предизборниот период. Ден нема некое знаме да не го помешате со друго откако сте на власт и што е најтрагично тоа не го прави една иста личност, туку секогаш различна.

Гледав деновиве и интервју на пејачката Тамара дадено во Албанија после добивањето на некаква награда кое комплетно се вклопува во целово лудило што ни се случува на секаков план. Била женава ,,факинг гуд,,. И песната од Евровизијата и била таква. Незнае што им е на луѓево овде што наместо да ја величаат до ,,Васионата,, оваа ,,најбоља,, на свет пејачка и нејзината песна, тие толку многу ја мразеле кога ја згрешила химната во која се пеело за некој си таму војвода. Тоа што вината за односот на нацијата спрема неа не си го бара во себе, туку продолжува со својата ароганција, притоа мислејќи си дека ние сме ,,факинг глупави,, па ќе заборавиме, и на она пред химната, а и на она потоа, говори дека самобендисаноста нема човек да го одведе никаде и во никој случај не му дава за право да се однесува како што си сака и со потценување на сите други кои ете од досада се фатиле баш со нејзе да се занимаваат и да ја мразат. Мислам дека најдобро би и било да им се придружи на овие авијатичариве за да се научи добро да лета, барем ќе може лесно да патува по светов и да им покажува колку е ,,факинг гуд,, берем додека и белосветскиве не сфатат со кој си имаат работа. Како тргнала да се пресметува и да си ја понижува сопствената нација, овдека во Македонија тешко дека леб ќе се најаде. А само требаше да каже: ,,Да живее Македонија!,, или ,,Те сакам Македонијо,, после изведбата, како што со децении на оваа манифестација прават сите нормални кои сакаат да искажат некаков протест, и се ќе беше поинаку. Евровизиската сцена во тој момент беше вистинското место за такво нешто, ама за тоа треба памет во глава, а не вазалски однос заради лична слава и самозамисленост дека до толку многу е ,,факинг гуд,,.

На ваквата политика со која тежнееме само да не сакаат оние од надвор, а истовремено си создаваме омраза и непријателства овде дома, мора да и дојде крајот. Нашите политичари, уметници, спортисти, ќе треба да сфатат дека во животот најбитно е овде дома народот да ги сака, цени и почитува. Џабе ти е тапкањето по рамо од надвор кога дома никој или само малкумина те ценат. Договорите кои ги склучивме со нашите соседи не смеат да бидат еднонасочни и создадени само поради притисоците на кои со леснотија потклекна оваа власт, туку треба да бидат навистина пријателски, а за тоа ќе мора да има нови разговори и договарање без уценувања и на разумна основа. Обновата на Македонија на сите полиња незапирливо доаѓа, нема да биде лесна, мора да почне од А и да заврши со Ш, затоа што е разнебитена во целост. Ќе биде тешко и мачно, но истата е неминовна доколку сакаме да си ја зачуваме државата. Неа во никој случај не смееме да дозволиме и понатаму да ни ја водат недоветни ,,авијатичари,,.

Овој што ќе го прават амбасадор во НАТО, а смета дека ВМРО-ДПМНЕ и неговите гласачи се најголемото зло, очекувам веднаш после изборите да си поднесе неотповиклива оставка и да не му служи на злото. За ваква личност излишно е да се користат било какви други зборови.

За малку ќе заборавев да прашам, бидејќи гледам низ Берово и околината толку многу блескави работи испонаправија, овие од власта да не планираат да градат аеродром или центар за обука на авијатичари и во Малешевијата? Нешто сте многу тивки во последно време. Или се спрема некоја нова будалаштина или видовте колку е саатот, па мудро си молчите? Во Берово се си имаме, уште само авијатичари ни фалат, па и ние да станеме комплетно ,,факинг гуд,, како Тамара и нејзината велелепна песна. Само како ги терате локалните и државните политики, поверојатно е некој да стане луд, отколку ,,гуд,,.

Пишува: Кирил Ковчегарски,

Адвокат и член во Комисијата за правни работи, политички систем и антикорупција при ВМРО-ДПМНЕ

Креирано од:


Пренеси го гласот