БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Кирил Ковчегарски: ВЛАСТ ОД СДС(СМ) VS ВЛАСТ ОД ВМРО-ДПМНЕ

Пренеси го гласот

Читам и слушам од многумина како често нагласуваат дека е добро по еднаш на секои десетина години да доаѓа СДС(СМ) на власт за да види народот, особено оние од помладите генерации за каква партија и луѓе (секако со чесни исклучоци) станува збор. На некој начин се согласувам со ова размислување, ама кога ќе погледнам колкава штета буквално на секое поле им се прави на државата и граѓаните сфаќам дека, додека оваа партија од корен не се исчисти од ,,паразитите и лешинарите,, во своите редови, кои со години ја имаат запоседнато и истата ја злоупотребуваат, добро од нејзино владеење нема да види никој друг освен гореспоменатите.

Изминативе недели се актуелни Буџетот за 2020, историски најголемиот, ветувањата за во Новата година кои ЌЕ ни ги исполнат, од зголемувања на плати и пензии, па се до изградба на патишта и мостови. И додека ги чекаме патиштата од Штип до Кочани, од Радовиш до Штип, автопатите од Кичево до Охрид и од Гостивар до Кичево, браните Чебрен и Галиште, граничните преминни Маркова Нога, Клепало, Црна Скала, еколошките автобуси на гас во Скопје, мостот во Аеродром, трамвајот од Ѓорче до Лисиче, тунелот под Калето, пешачката улица на Рекорд, Булеварот Даме Груев позади Собранието, свежиот алпски воздух низ државата, вратените украдени пари испишани на бројчаникот на Триумфалната капија, правдата во судовите, големите странски инвестиции, спортските успеси итн.итн… не е лошо да се потсетиме малку што правеа и владите на ВМРО-ДПМНЕ за време на своето владеење, онака чисто за споредба.

Според овие сегашниве, многу чесните властодршци нели се работеше за една криминална и корумпирана власт која постојано краде и ги троши народните пари за глупости и за непродуктивни работи. Единствено останува големата непознаница, како тие кои се толку многу чесни и со најголемиот можен буџет на располагање, сеуште ги немаат ниту започнато погоре наброените работи, а претходната власт така корумпирана и крадлива, згора на тоа и со многу помал буџет, успеа да ги направи работите на кои ќе ве потсетам во продолжение???

Ќе почнам од почеток и се надевам дека ќе успеам што е можно помалку реализирани проекти да не заборавам да ги споменам. Најпрвин во 2006 година по преземањето на власта, колку што ме држи меморијата, беше донесена одлука за зголемување на платите од 5% и на пензиите за по 600 денари, иако такво нешто не беше ветено. Веднаш потоа беше изградена спортската сала Борис Трајковски која со години стоеше недоправена и во истата 2008 година се оддржа ЕП во ракомет за жени. Со тек на годините прерасна во вистински спортски центар со повеќе содржини како Аква Парк, базени, центар во кој се одржаа безброј спектакуларни манифестации. Брзо по преземањето на власт абеше изградена нова зграда и Скопскиот аеродром ,,Александар Велики,, кој денес е вистински лидер во регионот по број на полетувања и слетувања, а претходно беше еден обичен ,,хангар,, на кој слетуваа по 4-5 авиони дневно и имаше директни линии само до 2-3 дестинации низ Европа. Придобивките од ефтините многубројни летови и удопствијата кои ни се нудат денес ги чуствуваме сите. Битна мерка која многу добро беше прифатена од граѓаните е овозможувањето да се увезат половни автомобили од странство, преку која сите граѓани кои имаа барем мали финансиски средства си ги заменија старите ,,Југо и Застава,, со многу понови и помоќни ,,Мерцедеси, Ауди, Голф,, итн. Злобниците ќе речат го донесоа ѓубрето од Европа во Македонија, што можеби делумно е така, ама во никој случај не е толку големо и опасно како ѓубрето што веќе си го имавме и уште долго ќе го чувавме ако не беше оваа мерка. За изградбата на Градски стадион ,,Филип Втори,, нема што ни да зборувам, за овие што се сега на власт изградба на ваков капитален објект е рамно на праќање на вселенски брод на Месечината. На истиот дочекавме да се одигра и финале на европскиот Супер куп, како и едно чудо незаборавни натпревари на репрезентацијата, Вардар, концерти на познати светски ѕвезди итн. Некаде во истиот период кога се градеше Градски, преку видео кампања беше најавена изградбата на Скопје 2014 година. Искрено, кога видов што се е планирано да се прави добро се изнасмеав, иако верував и многу ја поддржував тогашната власт, бидејќи сметав дека такво нешто е невозможно кај нас да се направи ни за 100 години. За изгледот на објектите и нивната местоположба нема да дискутирам затоа што тоа е релативно, на некој му се допаѓаат, на некој не, некому му сметаат и сака да ги руши, јас пак мислам дека се многу подобри од што да ги нема никакви, луѓето од цел свет доаѓаат да ги гледаат и посетуваат, а и си вршат работа. Муабетот ми беше околу градењето и зошто не верував дека овој проект ќе се изгради. Кога го изгледав најавното видео ми текна дека Ристо Пенов 2 години ја правеше Водњанска во должина од 200-300 метри, а после тоа 2 пати победуваше на избори и сите кога го фалеа вика: ,,абе ејјјјј, Ристо, Водњанска ја направи ејјјјјј,,. После се сетив на мостот кај Саем кој го правеа десетина години, а овде во проектов беа предвидени неколку да се направат за 4-5 години. Плоштадот првиот пат кога го реконструираа тоа траеше неколку години, а само се менуваа коцките со павер, а за Камениот мост ич и да не спомнувам, се реконструираше 20 години. Затоа не верував во најавениот проект и мислев дека е само заради зголемување на рејтингот особено што во истиот период веќе се најавуваа автопатите кон Штип и Охрид, неколку булевари низ Скопје, експресен пат Велес-Свети Николе, доградба на автопат Демир Капија-Смоквица, стотина спортски сали низ цела Македонија, двокатните автобуси кои се белег на Скопје, компјутер за секое дете во училиштата, за прв пат бесплатни учебници, бесплана бања за пензионерите, бесплатен автобуски превоз за ученици и пензионери, илјадници други поситни проекти значајни за секое место. Но, набргу бев демантиран, иако според тогашната опозиција, а сегашна власт многу се крадело. Со брзина на светлината и со многу помал буџет од сегашниов, во Скопје почнаа веќе да се гледаат неколку импозантни нови зданија. Беа најавени и веднаш стигнаа двокатните автобуси, на железничката дојдоа нови 6 возови, добивме нов МНТ, Музеј, археолошки музеј, ЈО, Филхармонија, Зграда на МНР, фонтани и имозантни споменици на Александар Македонски, Филип 2, Св.Кирил и Методиј, Св.Климент и Наум, Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, Димитар Поп Ѓорѓиев Беровски. Реконструирана беше Владата и доградено Собранието на РМ. Триумфална капија, оспорувана и скрнавена за време на лажната ,,Шарена револуција,, низ која поминаа нашите спортисти после големите успеси кои во тоа време ги имаше, како 4 место на ЕП во кошарка, 5 место на ЕП во ракомет, па дури и самите шарени несакајќи мораа да и се поклонат минатата година при прославата на европската круна на РК Вардар. Беа изградени и уште неколку други згради кои се денес во функција на државните органи, а со промена на фасадите центарот доби сосема нов и свеж изглед. Нека ми простат оние кои не ги сакаат, ама на мене ,,барокните,, фасади во секој случај ми се поубави од голите на ЕВН, Пелагонија, недоградениот Офицерски дом и споменикот за Мајка Тереза на кои со години се обесени платна кои ја собрираат целата скопска нечистотија. Во исто време во Скопје за разлика од претходно кога паѓавме во несвест дека се направени 200 метри од Водњанска, за многу кратко време беа изградени: Булевар Илинденска, продолжена беше Партизанска, Булеварот Борис Трајковски, Булевар Теодосие Гологанов, булеварот од Нова Македонија до Владата, Булевар 3-та Мак.Бригада и уште неколку други во Чаир, Бутел, Карпош без кои денес градот ќе беше во тотален колапс. Истовремено во секоја од општините беа започнати нови паркови, фонтани, згради, во Аеродром се изгради СЦ Јане Сандански, инвеститори од странство започнаа проекти кои беа мисловна именка претходно, како што се на пример кулите Џевахир, Сити мол, Капитол, кои денес се обележје на градот. Во зоните во Скопје, Кавадарци, Битола, Прилеп, Штип, Велес, беа донесени огромен број на видливи странски инвеститори каде што денес работат наши сограѓани за разлика од сегашните кои не ги знаат ниту министрите за странски инвестиции. Економската политика која во тоа време се водеше и функционираше без скоро никаков посериозен проблем, реализираните проекти, намелените даноци и тоа за време на светска криза, сеуште се енигма дури и за најпознатите економисти. Многу од проектите кои беа реални и започнати, и ги имаше за секое место во Република Македонија, за жал поради прекинот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, останаа недовршени или само на хартија.

Сето ова набројано и уште многу ненабројано е направено со многу помал буџет и според оваа сегашна власт од страна на тогашната ,,крадлива и корумпирана,, влада. Логично се поставува прашањето: Каде сега завршуваат тешките милјарди од буџетот кога имаме ,,чесна и некорумпирана,, власт, а ништо видливо не се гради и остава за поколенијата? Дали можеби директно се присвојуваат парите од страна на поединци? Што работеше власта, освен што го смени името на државата (тоа патем за 2 секунди можеше да го направи било кој што не му чукаат во главата) за да не внесе во НАТО или да добие датум за датум на датумот за отварање преговори со ЕУ, и што еве мора да се признае, ја укина РДТ?  Освен, ЌЕ направиме ова, ЌЕ изградиме она и ЌЕ им дадеме тоа, ЌЕ СЕ СЕТИТЕ ли на нешто, а да не ви се потребни повеќе од 30 секунди? Проекти од типот 50-ка што поминува под ГТЦ, зелена градина на неговиот покрив, фарбање на огради, брусење на шахти, ваучери за пијани гости, скенирање на фискални сметки, менување на даночни стапки секоја година, давање средства на шурнајки и балдзки преку разни фондови, поддршка на рекетарски медиуми и институции е во најмала рака понижувачки за интелигенцијата на народот. Како функционира локалната власт која е комплетнно под сдсовска контрола најубаво им кажаа вчера од Светската банка, јас неморам да коментирам: ,,Пари има колку сакаш, ама ум за правење на проекти нема ич,, па они колку сакаат сега нека ве убедуваат дека се многу успешни. Успешни се толку колку Светска банка да им даде милостина за реализација на некакви идеја која самите неумеат да ја преточат во проект за кој би добиле финансиски средства. Како што кажав и претходно, катастрофа на секое поле.

            Добро беше што се потсетивме на успесите и неуспесите на партиите во изминативе години, добро за ВМРО-ДПМНЕ е и тоа што СДС(СМ) беа скоро 3 години на власт за да не бидат повторно во наредните десет, но сето ова што ни се случуваше во изминатиот период има несогледливи последици, како за Република Македонија, така и по сите нејзини граѓани. Нив уште ќе ги чуствуваме и ќе ни треба долг период за да се опоравиме, но за среќа ,,Обновата на Македонија,, ќе дојде за многу кратко време. Никогаш повеќе да не дозволиме ваква власт! Да ги потсетуваме нашите поколенија постојано со кого сме си имале работа за и тие да не ја повторат грешката на нашите генерации! И ние додека бевме на власт мора да се признае дека имавме свои грешки и недостатоци и заради тоа сега не сме на власт, но тоа е неспоредливо во однос на ова што го имаме денес. Споредба помеѓу власт од СДС(СМ) и власт од ВМРО-ДПМНЕ мислам дека апсолутно нема и неможе ни да има колку и да ве убедуваат во спротивното, затоа што пред фактите сите мораат да се поклонуваат.

На крајот морам да одбележам дека ова се денови за ракомет. Вчера почна ЕП 2020 година, а веќе денес настапува репрезентацијата на Република Македонија. Нека е со среќа и големи успеси за Борко, Кире и другарите, насушно и се потребни на нацијата во овие тешки времиња.

Пишува: Кирил Ковчегарски,

Aдвокат и член во Комисијата за правни работи, политички систем и антикорупција при ВМРО-ДПМНЕ

П.С. По втор пат ќе злоупотребам колумна, но морам на овој начин да изразам последна почит кон мојот поранешен почитуван колега Атанас Црневски од с.Мачево(Беровско), новинар во Локалната Радио Телевизија Берово-РТБ, за кого денес разбрав дека починал пред неколку дена. Почивај во мир Таско, беше легенда и симбол на РТБ. Сочуство до семејството.

Креирано од:


Пренеси го гласот