БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Кога политиката вмешува прсти: Само после 5 месеци “реконструираниот” регионален пат кон село Разловци изгледа вака

Пренеси го гласот

Со последните помали дождови кои што го зафатија крајниот исток на државата на виделина излегоа повеќе проблематични ситуации кои што се слика и прилика на севкупните состојби во државата.

Овде зимските температури, атмосферската влажност и врнежите на дожд и снег оставаат јасни траги како сведоштво за незнаењето, импровизациите, аматеризмот и недомаќинското и штетно трошење на јавните буџетски пари кои се сопственост на сите граѓани на Република Македонија под команда на политичари во функција за остварување на некакви политички поени.

Многу често во изминатиот период јавноста може да види како градоначалници, пратеници, политичари од разно-разен карактер координираат и учествуваат во изведба на инфраструктурни објекти. Со нивното присуство на лице место може да се забележат како остваруваат комуникација со лица вработени од страна на изведувачот се со цел да се прикажат како одговорни политичари за да се допаднат на народот, а во суштина не ретко предизвикуваат штета со таквата своја активност. И најчесто ваквите посети на политичарите се случува без присуство на надзорен орган или главен и одговорен менаџер за проектот од страна на изведувачот, што задира и во законски ингеренции и сериозно може да се отслика на квалитетот на изведба на инфраструктурните проекти.

Од законски аспект многу јасно е дефинирана улогата на градоначалникот во процесот на проектниот менаџмент за реализацијата на било кој инфраструктурен проект. Политичкиот дел на градоначалникот е во констатирање на потребата, утврдување на програмата, менаџирање на процесот за финансирање на проектот кој што е во надлежност на општината преку изнаоѓање на финансии и нивно соодветно процесирање за соодветна намена, за на крај да се грижи за контрола на квалитетот на финансираните позиции според точно дефинирана спецификација преку СООДВЕТЕН НАДЗОР и придружна техничка документација.

Денеска во јавноста опозициската ВМРО-ДПМНЕ алармираше за редица проблеми кои што се видливи на терен со неодамна “реконструираниот” регионален пат на делница од село Тработивиште до село Разловци за чија што реконструкција според објава од месец септември 2023 година на актуелниот градоначалник на Делчево Горан Трајковски.

“За оваа ситуација предупредувавме многу пати!!!
Укажувавме безброј пати по барање на жителите на село Разловци дека поради несовесното работење на власта истиот ќе почне да се распаѓа по првиот пороен дожд!!!
Патниот правец кон село Разловци со кој Благој Бочварски и Горан Трајковски од СДСМ се фалеа дека го асфалтирале, поради нивното фушерајско и профитерско работење, нема да ја дочека ниту првата година од своето реконструирање!
Зарем се должни граѓаните да плаќаат за нивното самоволие и неработење по сите прописи за градба?!
Зарем провизиите од тендерите им се послатки од маката на жителите на село Разловци?!
Овие неспособни кадри на СДСМ мораат да заминат на 8ми Мај!”

-стои во соопштението упатено од страна на ВМРО-ДПМНЕ ОК Делчево преку социјалните мрежи.

Проблемот со предметната рехабилитација која што градоначалникот Трајковски ја нарекол “реконструкција” меѓу другото е токму и во суштината на овие два зборови.

  1. Надлежноста за рехабилитацијата или реконструкцијата на регионалниот патен правец с. Тработивиште- с.Разловци е на Јавното претпријатие Државни Патишта под капата на централната власт. Во зафатот спроведен во октомври 2023 година е рехабилитација за која што постои посебна законска можност да се изведе без основен проект за реконструкција. При рехабилитацијата станува збор за подобрување на својствата и физичките карактеристики на постојната траса и постојната состојба на терен и не станува за целосно менување на конструктивните елементи на патот. Рехабилитацијата во споредба со реконструкцијата чини помалку пари, се реализира побрзо што е во интерес на политичарите за освојување на политички поени и во јавноста се претставува како некаков особен успех иако во суштина станува збор за многу поминорна активност од процесот за реконструкција. Намерно или случајно градоначалникот рехабилитацијата ја именува како реконструкција иако тоа во суштина е погрешна информација.
  2. Градоначалникот нема никакви ингеренции врз овој процес а неговото појавување на фотографиите кои самиот ги објавува преку својата фејсбук страна наменета за политичка себе промоција е во функција за прибирање на политички поени кај неинформираните граѓани.
  3. Актите и обидите за некакво менаџирање на изведбениот процес на рехабилитацијата покажувајки некаков чин на инволвираност пред очите на јавноста е само и единствено со цел за да гради некаков углед на ангажиран функционер кој во суштина нема никакви технички познавања од процесот и технологијата за рехабилитација на овој патен правец.
  4. Резултатот од сето ова кое што е спроведено во месец октомври 2023 денес се гледа на приложените фотографии на кои што може да се види дека оваа сообраќајница ниту е безбедна ниту соодветно конструктивно функционална за да биде наречена модерна сообраќајница како што се обидува градоначалникот да ја именува како плод на негови залагања додека во суштина ингеренциите за овој патен правец се кај централната власт.
  5. За определување на приоритет за реконструкција или рехабилитација (зависно кој пристап ќе биде усвоен) потребна е да се направи претходна анализа на стручни лица кои ќе утврдат дали треба да се прави рехабилитација или треба да се прави реконструкција. Чисто се сомневам дека таква процена постои од надлежните, а и да постои реалната состојба на терен говори дека рехабилитацијата која е направена е тотално или делумно промашување и за обезбедување на безбедни сообраќајни услови на овој патен правец е потребен посериозен ангажман од она што е направено.
  6. На овој начин според информациите на градоначалникот се потрошени 50 милиони денари, а граѓаните добиле повторно небезбедна сообраќајница која екстензивно продолжува да се распаѓа под налетот на теренските и временските услови.

Овој пример е радикален показател што се случува кога политиката длабоко меша прсти во строго технички работи, што како пракса во иднина мора да биде надминато! Потребно е вистински експерти да се занимаваат со оваа високостручна проблематика не само во патната инфраструктура туку во секој друг вид на јавна инфраструктура затоа што треошењето на народните пари треба да биде под строго дефинирани правила, закони и одговорности.

Пишува: Кирчо Анастасов

Креирано од:


Пренеси го гласот