БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Македонија и враќа на Украина за помошта во 2001 година. Но дали со тоа не ја подкопува својата одбрана?

Пренеси го гласот

Македонската јавност во последно време беше разбранувана од низата вести дека Македонија и донира оружје и воена опрема на Украина. Најпрво се појавија видеа на интернет од транспортот на 10 тенкови Т-72А во правец на границата со Бугарија, а деновиве се појави веста дека Македонија на Украина ќе и ги донира и 4-те јуришни борбени авиони Су-25. Како тоа ќе повлијае на борбената способност на АРМ останува да видиме, во ситуација кога постои можност од активирање на кризните жаришта на Балканот.

          Целото оружје што Македонија го купи од Украина во 2001 година сега се враќа како донација во Украина. Сето тоа ќе влијае на борбената готовност на АРМ во ситуација кога не е исклучена ескалација на ситуацијата на Балканот, пред се околу Косово и Република Српска. Плус Македонија на Украина и донира југословенско оружје и воена опрема, и дел од неа веќе падна во рацете на руската армија како трофејна. Македонија на Украина и подарила и рачни ракетни фрлачи М-80 Золја, и дел од нив руската армија заплени како трофејни во Донбас.

Факт е дека во 2001 година за време на конфликтот во Македонија против албанските сепаратисти, Украина и помогна на Македонија, во најтешките моменти Украина и продаде на Македонија разно оружје и воена опрема, и и донираше оружје и воена опрема. Македонија и македонскиот народ и е благодарна на Украина за помошта во 2001 година. Но исто не треба да се заборави и фактот дека во 2001 година во Македонија беа присутни и на македонска страна се бореа група руски доброволци, и дека тогаш Москва и Киев беа во консултација околу воените договори на Македонија со Украина.

Четирите јуришни борбени авиони Су-25 од белоруско потекло, купени од Македонија од Украина во 2001 година и деактивирани во 2004 година, ќе и бидат донирани на Украина како воена помош. Се работи за три едноседи Су-25 и еден двосед Су-25, кои што Македонија во 2001 година за време на конфликтот ги купи од Украина за 8 милиони долари. Во 2005 година Македонија ги нудеше на Грузија, но тогаш договорот пропадна. Прашање е во каква состојба се сухоите кои што со години не летаа и се наоѓаа на отворено небо. Најверојатно истите ќе и послужат на Украина за разервни делови, или постои можност истите да бидат вратени во летна состојба преку модернизација во Грузија.

Од Министерството за одбрана не го потврдуваат ниту негираат овој факт – како и дали заедно со авионите ќе бидат испратени резервни делови, дополнително оружје и мотори. Министерството за одбрана накратко наведува дека „донесените одлуки не влијаат на борбената ефикасност на македонските вооружени сили“. Но соопштението на Министерството за одбрана делумно е точно а делумно не е. Факт е дека авионите Су-25 од 2004 година се приземјени и се надвор од составот на Воздухопловниот винг на АРМ, но тенковите Т-72А се активни во армијата, и истите се главната ударна сила на копнените единици на АРМ. Се работи за тенкови Т-72А стари околу 40 години, една од првичните верзии на Т-72, без додатен балистички оклоп како и со скромни средства за набљудување. Истите тенкови се единствените тенкови со кои што располага АРМ, и доколку АРМ на Украина и ги донира сите тенкови, Македонија ќе остане без оклопниот батаљон, и ќе се изгуби еден род во армијата кој што ќе престане да постои. На знакот на батаљонот пишува „Моќта е со нас“, но судејќи според се, батаљонот ќе остане без моќта – тенковите и ќе биде расформиран. Но ниту една современа, мала и мобилна армија во 21 век, не може без тенкови, тоа го покажаа современите конфликти. Тенковите со својата огнена моќ, оклоп, и способност за маневар на полето на битката. Оклопните борбени возила Страјкер кои што Македонија ги купи од САД во 2021 година и кои што се уште не се испорачани, не можат да бидат замена за тенковите, бидејќи се работи за возила од различна класа и намена, како и огнена моќ, оклоп и можност за маневар.

          Најверојатно Украина е заинтересирана и за преостаната советска опрема која што Македонија ја поседува, а која што се наоѓа во лоша состојба, пред се една батерија реактивни ракетни системи БМ-21 Град, хаубиците М-30, оклопните транспортери БТР-70 добиени како донација од Германија, оклопните транспортери БТР-80 купени од Казахстан, борбените оклопни возила БМП-2 купени од Украина, јуришните ударни хеликоптери Ми-24 различна верзија, првично Македонија поседуваше 14 такви хеликоптери, а сега активни се само 4, минофрлачи, рачни ракетни фрлачи како и друга советска и југословенска опрема.

bregalnickimarketing

          Воената помош која што Македонија и ја дава на Украина е дел од обемната програма на САД и НАТО за воена помош на украинската армија во војната против Русија. Но за разлика од Македонија, која што на Украина и ги донира и така скромните воени средства и опрема, голем број на НАТО држави со сериозни армии и воена опрема, се откажаа од идејата на Украина да и донираат оружје и воена опрема. Од нашето соседство тоа одбија да го сторат Грција, Бугарија како и Турција. Голем дел европски држави се откажаа од идејата на Украина да и донираат тешка воена техника и опрема, се додека САД и Германија не им донираат тешка воена техника и опрема. А Македонија со донацијата на оружјето и воената опрема го ослабнува одбранбениот капацитет на АРМ, кој што и онака е на ниско ниво, и додатно ќе се влошат и така лошите односи на сите нивоа со Руската Федерација.

Креирано од:


Пренеси го гласот