БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Македонија за првпат како политички термин се спомнува на знамето на Разловечкото востание

Пренеси го гласот

Тука во село Разловци е темелот на Македонската независност и државност, тука народот тргнал по тоа знаме да создава своја слобода против тогаш глобалната воена и политичка сила на ниво на империја, со сопствени сили, со обични луѓе, со водачи кои произлегувале од народот кои сакале подобар живот за себеси под знамето на кое пишува МАКЕДОНИЈА!

Тоа знаме на кое има силно разјарен лав на златно жолта позадина е темел и силен аргумент на било која политичка дискусија во која се спомнува Македонија. Дали таа дискусија ќе биде овде во Пијанецот, дали ќе биде во Софија, Атина, Белград или Тирана или пак во Брисел, Лондон Париз Вашингтон, знамето на Разловечкото востание е симбол кој ја поставува Македонија рамноправно рамо до рамо со сите балкански држави.

Народот на село Разловци во 1876 година тргнал да се бори за слобода за идеал кој го содржи тој симбол.

Разловечкото востание е идентитетски темел на современата Македонска држава и како таков е силен аргумент против сите негаторски политики против постоењето на Македонија како политички ентитет во Европа.

Револуционерната активност која била развиена од страна на водачите на Разловечкото востание, подоцна била копирана и мултиплицирана од водачите на ВМРО а пред се од Гоце Делчев.

Четничкиот институт, организирањето на работата на револуционерните чети, правилници, процедури, командната хиерархија, односите на организацијата со останатите делови од тогашните власти и народот… сето тоа било присутно во организирањето на структурата и активноста поврзана со Разловечкото Востание.

И сето тоа како резултат на тој симбол на кој што јасно и гласно е напишано МАКЕДОНИЈА со силно разјарен лав кој е подготвен да се бори за својата слобода!

По промената на името на државата, со додавање на името “северна”, народот престана да си ја сака државата. Тоа подразбира/ше конфронтација на поединецот со институциите, несогласување, опструирање…

“Северна” е креација на душмани на овој народ со која се создаде силен и болен рез на раскин на државата со народот.

Она ткиво кое коегзистира во моментот со државата е само и единствено поради финансиски причини и поделба на еден ограничен финансиски колач собран на едно место во државниот буџет, кој во вакви услови на однос на народот кон оваа омразена политичка креација насадена во уставот под идеалот на СЕВЕРНА, е осуден на колапс кој што ќе биде инициран на незадоволство на широки народни маси базирани на социјални немири.

Јака и’ душа на Министерката за финансии во улогата на чувар на јавните буџетски пари.

Зависноста на животот во Македонија на секој еден поединец од тој фамозен државен буџет е огромна, што преминува во своевиден парадокс “животот во Македонија да биде причина за смртта во Македонија”.

Силните обиди на актуелната владеачка гарнитура во власта да се врати довербата на народот кон институциите на државата не се доволно силни за да се борат со еден таков претпоставен колапс предизвикан од егзистенцијално-социјална нестабилност. Потребен е гласен и видлив фокус на воспоставување на силни идентитетски темели на државата како врзивно сретство меѓу народот и институциите, па ако треба и ниво на митологија и духовни вредности.

Коренот на сите кризи во Македонија е уништувањето на Македонскиот идентитет.

Оваа теза се провлекува со децении наназад од постоењето на Република Македонија како независна држава согледано низ факти дека со секој удар врз идентитетските обележја на оваа држава, се случува егзистенцијална криза и погром на Македонски народ во Македонија.

Проблемот на растечка социјална криза во Македонија може првенствено да почне да се решава со недвосмислена и изразена идентитетски силна политика која нуди политичка платформа на обединување на сите прогресивни сили околу темелот на постоењето на оваа држава како држава на МАКЕДОНСКИОТ НАРОД а тоа е јавно етаблиран Македонски национален идентитет.

Што претставува тој? Што значи да се биде Македонец денеска во Македонија?

Борбата за подобар стандард која декларативно и програмски ја наметна актуелната политичка гарнитура навласт во државата не е доволна. По таа борба се наметна борбата за право и правдина… која исто така не е сама по себе доволна. Па на тоа се наметна борбата со корупцијата, која исто така сама по себе не е доволна…

И секогаш ќе има нешто што само за себе не е доволно за да се обезбеди подобар стандард за живеење во Македонија.

Затоа систематскиот синтезен модел на решавање на проблемите мора за доминантна првенствена цел да го има идеалот за поставување на јавно етаблирани идентитетски вредности преку кои секој поединец кој сака да живее во Македонија ќе може да се поврзе на свој интимен начин на ниво на индивидуална волја со институциите на државата Македонија.

Тоа со “северна” многу тешко ќе се постигне особено кај Македонскиот етнички квантум на луѓе. А без тој квантум на луѓе, Македонија не би постоела за целите за кои беше создадена.

Македонија мора да постои и опстои како држава на Македонскиот народ. Во која подеднакво конститутивно право мора да имаат и останатите делови од народи како унитарна политичка творба на картата на Балканот и Европа.

Негирањето на постоењето на Македонскиот народ е причина за нестабилност која веројатно ќе доведе до голем меѓународен конфликт!

Секое сценарио и експеримент на светски политички центри на моќ за креирање на нефункционално мултинародно општество каде Македонскиот народ е игнориран значи чекор поблизу до распад и уништување на Македонија а со тоа и до поширока политичка и веројатно и воена криза.

Таа реалност Македонскиот народ многу добро ја знае и препознава затоа што му е всадена во генот на ниво на колективна свест низ вековни премрежја во минатото.

И затоа Македонскиот народ кој што е конститутивен темел на оваа држава во историски епизоди наназад прибегнува кон егзистенцијални алатки за опстој дефинирани низ неколку скалила на препознатливи индикатори: сарказам, нихилизам, апатија, стоицизам кои пополека еволуираат во гордост, непокор, инает за да на крај резултираат со физичка борба на живот и смрт…

Како одговорна политика да излезе во пресрет на така поставените проблеми е вистинска уметност која е насушна потреба да дојде до израз во јавната политичка сцена во Македонија.

Преспорото решавање на коренот на проблемот посочен погоре, е непосакувано сценарио, подеднакво непосакувано како и револуционерното решавање преку ноќ на тој проблем.

Премиерот Мицкоски со право еднаш рече: Македонското прашање се уште не е решено.

Градација на силен кадровски капацитет на фронтот на таа борба за афирмација на Македонскиот национален идентитет како решение на проблемот на општа егзистенцијална криза во Македонија е солиден чекор на оваа (и било која власт) за поставување на солидни темели за враќање на државата на народот.

Креирано од:


Пренеси го гласот