Заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ учествуваше на Енергетскиот форум на Енергетската заедница во Атина, каде што беше дел од панел-дискусиите посветени на интеграцијата на пазарите на електрична енергија и продлабочувањето на енергетската соработка со Европската Унија.
Во своето обраќање, Лабудовиќ го презентираше напредокот што Македонија го постигнува во усогласувањето на националното законодавство со европската енергетска регулатива, нагласувајќи дека транспонирањето на ЕУ-правилата претставува една од клучните обврски во рамките на реформските процеси и енергетската трансформација на државата.

Посебен акцент беше ставен на Механизмот за прекугранично прилагодување на јаглеродот (CBAM), кој во наредниот период ќе има значително влијание врз економиите во регионот. Лабудовиќ посочи дека при креирањето на идните политики и мерки неопходно е внимателно да се земат предвид специфичностите на овој механизам, особено во делот на инвестициите во обновливи извори на енергија, конкурентноста на домашната индустрија и извозниот сектор.
„Енергетската транзиција мора да биде амбициозна, но и праведна. Земјите од Западен Балкан имаат јасна европска перспектива и ги спроведуваат неопходните реформи, но процесот треба да биде проследен со конструктивен дијалог и поддршка што ќе ја препознае реалната состојба и предизвиците во регионот“, истакна Лабудовиќ.
На форумот беа разгледани и можностите за понатамошно поврзување на регионалните пазари на електрична енергија, зголемување на енергетската сигурност и забрзување на инвестициите во чиста енергија.
Учеството на Македонија на овој висок регионален собир претставува уште една потврда за активната улога на државата во процесите што ја обликуваат иднината на европскиот енергетски сектор и за посветеноста кон изградба на конкурентен, одржлив и интегриран енергетски систем.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Премиерот Мицкоски денес од Делчево даде силна поддршка на развојот на општината и регионот Пијанец- Малеш
Лишена од слобода 24 годишна жителка на Крива Паланка затоа што го нападнала својот сопруг со остар предмет
Голем успех за Македонија на светскиот избор Miss & Mister Planet 2026 во Грузија