БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Наше интервју со Марс Марсовски- музичар

HTML Image as link Имате потреба од нов веб сајт?
An image from Squarespace
Пренеси го гласот

Ретки се луѓето кои со своето дел имаат оставено белег на своето време и покрај сите можности и шанси кои не им оделе во прилог од околината. Особено ваквата “борба” е тешка во конзервативни средини на периферијата во државата каде полесно се “робува” на традицијата отколку што авангардата може да живне преку поединци кои со својата креативност, упорност и работа им го покажале светлото на крајот од тунелот на сите останати. Во ера на лажна комоција се појавуваат поединци кои велат дека може и поинаку…а тие луѓе со себе влечат огромен товар на модерното време кое допрва треба да дојде, за да на крај се запрашаме дали таквите предводници на општествената еволуција го добиваат вистинското место во својата околина?

Тој е гласниот крик на совеста на нашето поднебје која бараше повеќе. Можеби не свесно, туку импулсивно-потајно, но сепак рефлексијата која ја предизвика на полето на музиката не само во Македонски рамки туку и пошироко предизвика интензивен потрес во општествен и културолошки домен на влијание.

Тој е предводник на цела една генерација алтернативци по бунтовност. Се сеќавам кога првпат го видов Зоки во некогашната флиперница “Рамбо”. Носеше маичка од The Prodigy- Music for the jilted generation… Ние како деца бевме “зацепани” во еден поинаков правец на видео игрици, на улични дружби без компас, без смисла без идеја…но не и овој човек за кој што дотогаш претходно имав слушнато само зборови а тогаш имав можност за првпат да го видам. И тогаш го измерив од глава до петици, па ми беше еден вид на откровение во поглед на неговата општествена појава во која се движеше со неговото опкружување. Делуваше сосема поразлично од се она што дотогаш го имав видено. Беше некако моторна сила на сите околу него, предводник на околината која гравитираше околу неговата појава… Оттогаш почнав да истражувам се во врска со музиката…

HTML Image as link НЕТКРИЕНО БОГАТСТВО ОД ТРАДИЦИЈА, ПРИРОДА, ИСТОРИЈА...
An image from Squarespace

Во поглед на подоцнежните години следна културолошка бомба за мене како млад бунтовник беше Youngsters rock фестивалот чиј што организатор меѓу другите беше и Зоки. Тоа што го доживеавме како млади панкери тие два денови на залезот на 90-тите години од минатиот век беше второ мое културолошко откровение. Тогаш преку најексплицитни примери сфатив дека има и поинаква музика од таа што дотогаш ја слушавме пред се преку музиката на Modified Gods и New Age Messiah. Можеби во тие моменти не го разбирав влијанието кое подоцна остави трајни белези врз мојот естетски свет и вредности, но таа жестина на тој звук до ден денес ја осеќам околу себе.

Во поширок контекст тој беше силна авангарда на музичкиот развој во андерграунд културата. Кога со Modified Gods се појавија на Рок Фест беа музичка свежина како никогаш дотогаш, а она што успеаја да го создадат со Верка многу долго после нас ќе биде патоказ за културолошки промени на естетски вредности во една суб-културна средина на ниво на држава. Тогаш веќе како упорни следбеници на музиката произлезена од Делчево со главен виновник токму Зоки, бевме некако горди што на Скопјани им покажавме во кој правец ќе им се развива музиката во наредните децении.

Некако подолго време се подготвувам за ова интервју, но се чини баш овој период кога на музиката и воопшто на културната авангарда и е потребен силен импулс во Македонија, дека е дојдено времето за овој текст да биде споделен со светот.

Во продолжение го пренесуваме нашето интервју со Марс Марсовски што претставува уметнички алијас за Зоран Андоновски- Типе кој што го користи со единствена цел за заштита на својата приватност.

Музиката за него е начин човек да оздрави, начин на живот, а неговото творештво на музички план е инстинктивен продукт на мноштво мисловни и сензибилни процеси кои го опкружуваат неговото битие.

Во неговите одговори има одредена доза на рафинираност и мистерија, што за оние кои го познаваат лично и не е нешто чудно. Но во неговите зборови во продолжение има и многу искреност и експлицитност токму доволно за да бидат острица која може да поттикне промени кон подобро. За подобар развој на музиката, за повторно откривање на подзаборавените морални и естетски вредности кои иако се присутни некако упорно се игнорираат во овој забревтан свет… за пријателите во музиката, за неговите идоли… Марс зборува за неговите влијанија, за тоа што допринело кај него да се развие енергијата и односот кон музиката, за успесите, но и малите разочарувања и потешкотии…

Интервјуто во продолжение е доминантно посветено на еден историски развој на музиката која ја позиционираше Македонија на една прогресивна музичка мапа која мора повторно и повторно да биде разпламтувана… Затоа што како идентитет во срцето на Балканот имаме потенцијал да бидеме нешто многу повеќе од тоа што сме денес, а во чии што темели е Марс, заедно со сите оние кои ги живееја изминатите децении на најдобриот можен начин, преку музика и уметничка креација.

1. Брегалнички Портал: Има ли живот на Марс?

Mars Marsovski: Секако дека има, јас сум жив доказ за тоа , хе хе хе.

2. Брегалнички Портал: Вашиот дигитален идентитет се разликува од Вашиот идентитет кој што стои на Вашите документи за идентификација. Зошто?

Mars Marsovski: Марс Марсовски е гитарист на бендот Верка, го користам само во врска бендот, приватниот живот и име си остануваат приватни.

3. Брегалнички Портал: Дали човекот за да побегне од сите глупости во животот треба суштински да се пронајде самиот себеси и колку музиката е процес кој што може да послужи за таа цел?

Mars Marsovski: За мене лично музиката е се, начин да оздравиш ако си болен, начин да се изразиш ако не знаеш како на друг начин, начин да сакаш, начин да живееш, сите знаеме дека тој што пее зло не мисли. Музиката е најдобро нешто што може да му се случи на некој. Ако на пр. двајца се во конфликт поради нешто, истите најдат дека слушаат иста музика, конфликтот ке го решат во еден здив и нема да се повтори, музиката ги сврзува луѓето поцврсто и подолго.

4. Брегалнички Портал: Вие сте еден од константите на втората генерација на автентични андерграунд музичари во Македонија која се појави кон почетокот на 90-тите години од минатиот век. Како се случи да бидете значаен и активен катализатор на културниот андерграунд на овие простори имајки предвид дека потекнувате од Делчево, што е крајна периферија на државата?

Mars Marsovski: Се што би рекол на ова е дека, ако се има желба има и начин, јас лично никогаш не сум размислувал дали ова што го правам ке остане или ке катализира нешто или ќе предизвика некој да се впушти во музиката, сум и го правам затоа што ме прави среќен,ако на некој му се допаѓа супер ако не пак супер. А тоа што сум од Делчево секако дека има влијание во постигнувањето одредена цел, сите ние од периферијата мора да работиме 3 пати повеќе за да постигнеме нешто воопшто, секако ние од периферија неможеме да бидеме подобри од оние во Скопје и слично, како за се ,така и во музиката, ако сам не се снајдеш- нема поддршка, како што реков, во МК почнуваат да те ценат само ако некој од запад, исток не е битно, каже нешто позитивно за тоа што го правиш, и тоа важи за сите уметнички категории, за спорт, и т.н не само за музиката.

5. Брегалнички Портал: Дали околината во која се градевте како млад човек во Делчево допринесе да го фатите правецот кон не-меинстрим музика. Поради што и кога свати дека музиката ќе биде твој личен инструмент за модифицирање на светот околу тебе?

Mars Marsovski: Во времето кога растев, во мојата околина отсекогаш имало музика од сите видови, постојано слушаш некој тропа на тапан, некој на труба, некој слави нешто па пуштил гласна музика цело маало да разбере, свадбите на времето беа надвор, не во ресторани, пак музика, испраќање војници пак музика, така да музиката во една форма или друга била присутна кај мене. Е сега кога веќе почнеш да разбираш каква се музика има, жанрови и сл. го бараш она што тебе ти се допаѓа. На денешно радио 2, имаше една емисија која се викаше “Рок подиум”, која ја следев постојано и од таму почнав да слушам или сваќам што е рок анд рол, таа музика ме фати и до ден денес не ме пушта.

Секако во даден момент посакуваш и ти да бидеш како твоите идоли и се одлучуваш да фатиш некој инструмент без претходно некакво образование или обука, го фаќаш инструментот и почнуваш на свој начин да креираш или свириш “музика”.

6. Брегалнички Портал: Далтонови… од каде идејата, кој беше иницијатор, организатор и инспиратор во бендот? Кажете ни нешто повеќе за овој бенд и процесот на создавање и работа на таа приказна која беше своевидно “Добро Утро” на истапениот хоризонт на крајниот исток од државата? Дали си во контакт со останатите членови од тој бенд денеска и за што зборувате последниот пат кога остваривте комуникација? Дали, колку и на кој начин се разликува музичката сцена од раните 90-ти години на минатиот век и денес?

Mars Marsovski: Далтонови името е од стрипот Таличниот Том и 4 те браќа Далтонс, ние бевме 4 ца па тоа име беше баш адекватно за нас. Иницијатори бевме јас и Тошо Арсов на бас, па потоа ни се приклучија Сашко Лавчиски вокал и Влатко Нушев тапани кој на почетокот беше 12 г, јас бев 16 а другите двајца по 15 г. , почнавме да свириме Панк, затоа што панкот според нас не бараше да бидеме виртуози на инструментите. Секако дека сме во контакт сите, прво сме другарчиња па потоа колеги во бенд во последно време често зборуваме да ги воскреснеме Далтонови, би било баш забавно.

Музичката сцена од 90те па наваму во МК се разликува моментално многу, тогаш имаше само Рок Фест ,кој беше супер за млади бендови, почит до организаторите посебно Џери.

Сега има многу фестивали и клубови во кои еден млад бенд може да се промовира, а секако тука е и youtube и слични платформи на кои можеш да ја промовираш својата музика.

7. Брегалнички Портал: Наредната твоја етапа за музички развој беше бендот Modified Gods. Како дојде до формирањето на овој бенд и која беше таа уникатна порака што според тебе ја донесе како свежина овој бенд на музичката андерграунд сцена во Македонија?

Mars Marsovski: Modified gods. Овој бенд дојде после Далтонови, некаде 97 г. веќе малку повеќе спремни на инструментите да речеме

Влатко веќе беше средно училиште оддел ударни инструменти, музиката ја разбираше веќе како што треба.

Во тој бенд, бев јас, гитара и вокал, Влатко тапани, Никола Лаки Лазаревски синтисајзер и Александар Белогаски бас гитара, правецот на бендот, денес би го опишал како Faith no more, Prodigy и Metallica да имале вон брачно дете.

Секако не можеме да се мериме со тие бендови па плус на тоа свиревме на наш начин и сето тоа звучеше поразлично од сите тие бендови

Со Modified gods 98 победивме на поп рок фестот, замисли, и плус да замислуваш уште, Влатко Стефановски ми даде гитара за најлош гитарист на фестивалот.

Како и да е бендот беше поразличен од сите други бендови во моментот во МК па и до ден денес.

8. Брегалнички Портал: Втората половина на 90-тите години од минатиот век беа едни од најинспиративните години за андерграунд рок сцената во Македонија. Кои бендови од тоа време според тебе дадоа најубав белег на тие години и со кои од тие бендови имаш соработувано во рамки на музичката сцена од тоа време?

Mars Marsovski: Па би рекол дека за мене Санаториум и Архангел се бендовите, за жал или не, немаме соработувано со нив на било кој начин .

9. Брегалнички Портал: Дали публиката во Делчево, па и во овој дел од државата во денешен контекст заслужува организација на музички настан налик Youngsters Rock fest? Кажи ни нешто од твоја гледна точка за овој фестивал: идеја, реализација, технички особености, згоди-незгоди, можеби некој интересен момент вреден за споменување поврзан со овој фестивал.

Mars Marsovski: Во тогашно време 98, за жал немаше никакви фестивали или збиднувања кога се работи за рок анд рол, тој фестивал беше и дека на Никола Тричковски и на мене, и самите двајца го изработивме , идејата тргна од тоа дека сакаме да свириме, па ајде ќе си организираме свирка, па ако веќе организираме ајде да викнеме и други бендови, и така организиравме околу 20 бенда за фест од 2 дена, па се растрчавме насекаде да бараме спонзори, низ наше Делчево во пресрет ни дојдоа тогашен Палтекс со сместување и храна за бендовите, општина Делчево со изнајмување на сцената градски базент, Графопласт за печатење на карти, рекламен материјал и единствен со ќеш нотар Борис Муцунски, фестивалот беше супер организиран, бендовите задоволни со хонорар и сместување на Голак. Малубројната публика задоволни, повеќето беа на војнички вечери вториот ден. У даден момент се појави Телма тв со Тошо Филиповски, имаше интервју и така, и на крај од фестот јас и Никола како организатори имавме цели 50 денари профит, кои ги дониравме у добротворни цели, дадохме ги на Драган докторо за кафе.

10. Брегалнички Портал: Кажи ни нешто повеќе околу твоето искуство со Рок фестот во Скопје и Штип во организација на Љубомир Грбевски- Џери. Како таа музичка манифестација се одразуваше на развојот на андерграунд културата во Македонија?

Mars Marsovski: Поп рок фестот беше единствено нешто на кое млад бенд кој сака да свири можеше да се промовира, без него многу бендови во МК а и ние, немаше да постојат, почит до Џери, rip, човечиште со челични нерви.

11. Брегалнички Портал: Што би им кажал на членовитe на бендот New Age Messiah ако денес е 1999 година?

Mars Marsovski: Упорност и истрајност до даска без разлика на се. Џаг он брадарс џаг он.

12. Брегалнички Портал: Како дојде до формирање на култниот метал бенд Верка? Првата Верка беше малку поразлична од втората Верка. Во што се состоеше таа разлика и што би му порачале на крадецот кој го украде сајзерот на Николчо во студентскиот дом Стив Наумов во Скопје?

Mars Marsovski: Ахх Верка… како прво појаснување за името, оригиналното вистинско име кое звучи исто како Верка е Werk.A, во тогашно време немаше фацебук и слично, паметни телефони и слично, разговараш со организатор на свирка преку жичен телефон и му спелуваш буква по буква, одиш на свирка и гледаш организаторот на плакат напишал Werka, пих ок ајде следниот пат, следниот пат друг организатор, пак спелуваш буква по буква, потенцираш објаснуваш, одиш на свирка, на плакатот гледаш Верка, ни латиница ни точки ни ова она, луѓето веќе те знаат како Верка и така решивме да не се потиме за џабе во врска името, нека биде ВЕРКА. Првиот дел од Верка да речеме, бевме јас басист, Влатко Нушев тапани ,Никола Тричковски синтисајзер и Љубиша Симоновски вокал, после неколку свирки по Делчево и околината, бендот остана со 3 членови, јас Никола и Влатко, во тој состав во Благоевград снимивме демо со 4 песни, свиревме нешто, со наши зборови, техно музика со живи инструменти на металски начин.

Еве еден линк од јутуб од свирката на рок фест 2000:

После таа свирка, во студентскио дом Стив, ни го украдоа синтисајзерот, и со тоа целата подоцнежна музика на Верка се смени.

Поради огромна желба да свириме, се одлучивме да смениме инструменти, јас гитара, Никола бас и вокал и Влатко тапани, после неколку свирки, одлучивме да додадеме и нешто друго, тоа беше Бране Антовски Блеки на тапан, тарабука, бендир, кларинет, гајда, вокали, во тој состав победивме на рок фест 2001 .

И следното е историја.

На лопужата нема што да му порачувам, не е келнер се надевам дека парите од продажбата на синтисајзерот ги однел дома а не у казино.

13. Брегалнички Портал: Како личи еден процес на создавање на песна во Верка?

Mars Marsovski: Музиката секогаш почнуваше од гитарски риф или ритам, бас или некои неадекватни звуци, на кое со текот сите ние додававме идеи и мислења, не се ограничувавме да звучи во некој одреден, дефиниран правец, за нас секој звук контролиран или не ,беше музика, кога одлучиме дека тоа е тоа, нема што повеќе да додаваме или одземаме следи креирање на текстовите, за кои претежно се грижеше Никола, од самата негова инспирација, која можеше да биде, случка од животот или од светот или историја до извадоци од песни на Никола Ј. Вапцаров.

14. Брегалнички Портал: Кои се твои лични музички влијанија кои што одиграле клучна улога во твоето профилирање како музичар?

Mars Marsovski: Јас највеќе имам влијание од Metallica, кој сака што сака нека збори, за мене тој бенд е се и над се во музиката, поради нив открив секако многу други бендови во тој правец, како Testament, Slayer, Megadeth, Anthrax, како основа па од нив натаму многу други бендови, Од нашите Санаториум, Архангел, Мизар, би додал и Ramones, Sex pistols, Alice in chains, Mr.Bingle, Faith no More, RATM, Tool и така натаму да не набројувам многу се.

15. Брегалнички Портал: Како е да се настапува на иста сцена со многу значајни музички имиња низ твојата кариера. Кој музичар или бенд ти има оставено најсилен авторски и карактерен впечаток од вашата непосредна комуникација? Со кој музичар или бенд би сакал во иднина да настапиш на иста сцена?

Mars Marsovski: Од попoзнати бендови со кои сме делеле сцена се Laibach i Soulfly, и ајде Забранено пушење иако не ми значи, во бекстеиџ беше супер, пофални зборови и тоа е, ништо повеќе, јас лично би сакал да свирам на иста сцена со Металика, додека публиката сеуште влегува и наместо ЦД да свири, да свириме ние и штом влезат сите, може да се пушти ЦД то.

16. Брегалнички Портал: Колку е тешко во Македонија да се реализира издание на музички албум и има ли потреба или избор еден музичар- човек за свесно или несвесно да се впушта во такви премрежја? Вреди ли?

Mars Marsovski: Во денешно време е супер лесно да се сними музика, набави неколку апликации и ете може да снимаш, има еден куп помагала за тоа, доволно е само да имаш интернет. Нема потреба да разбираш музика или свириш инструмент, е сега дали ќе постигне нешто е друго прашање, дали некој ќе го слуша тоа е друга приказна… се зависи колку апликации можеш да си купиш. Со вистински бенд и вистинска мака, да имаш целосен бенд со живи инструменти чини многу да снимаш во студио чини многу, тешко нешто се постига, овде па и у Казахстан. А во МК после се ова за возврат може да добиеш по врат.

17. Брегалнички Портал: Ако те стават министер за култура еден ден, што би направил?

Mars Marsovski: Ако ме стават ќе треба нивните идеи за култура да ги спроведувам, не моите, за да ги спроведувам моите идеи ќе треба самите Делчевчани да сакаат а не некој да ме стави, секако имам многу реални идеи за кои не треба огромни финансии за да културата во Делчево биде на подобро ниво, се е подобро од ништо.

18. Брегалнички Портал: Што ќе им порачаш на младите низ државата, особено оние од периферијата?

Mars Marsovski: Ќе им порачам по 10 ќебапи со кромид и пивце и ќе додадам дека се е направено за нив, не треба да се грижат, само слушај и молчи.

19. Брегалнички Портал: Дали би настапиле на меѓу-граничен рок фест помеѓу Македонија и Бугарија?

Mars Marsovski: Секоја свирка е добредојдена, меѓу гранична или не, не е битно, битно е да се изџагаме.

20. Брегалнички Портал: Што би ги прашал читателите на нашиот интернет портал?

Mars Marsovski: Имате ле за јадење и пиење? Ако има пушти на најгласно па што биде .

Креирано од:


Пренеси го гласот
HTML Image as link Интернет портал за афирмација на земјоделието
An image from Squarespace