БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Наше интервју со Наташа Андонова- Ликовен уметник, илустратор, фриленсер: Помеѓу јазикот и имагинацијата

Пренеси го гласот

Живееме во поделено општество! Општество со длабоки јазови помеѓу луѓе со различни вредносни системи. Интелектуалниот и креативниот труд многу малку се почитуваат и вреднуваат. Врвни интелектуалци не добиваат доволно внимание од јавноста а медиумите во Македонија ја погазуваат својата основна цивилизациска улога да бидат клучен фактор за поставување на стабилни основи за напредок и развој.

Во таква состојба останува на изолирани медиумски формации да бидат искра надеж во напорите за афирмација на суштинските и вистински вредности што гарантираат здраво и силно општество.

Светот околу нас е илустрација на човековата моќ да гледа со своите очи, но и да гради субјективна перцепција со својата мисла. Дадената од Бог способност да го спознаеме светот таков каков што е, можеби некому му се чини досадна секојдневна работа, но да го спознаеме она нешто што не може да го видиме е уметнички капацитет со кој што не можат многумина да се пофалат.

Нејзината рака е достоен продолжеток на нејзините мисли, на нејзините чувства, копнежи и надежи… Здружен комплот на величествена имагинација пренесена во форма на ликовна творба за разубавување на светот, не за да биде конкуренција на вечниот Создател, туку да биде негова алатка за вистинско продлабочено спознание на светот, било тој свет да биде артикулиран како материјална манифестација на природни елементи, било тој свет да биде чувство на искрена човечка субјективност составена од навидум апстрактни манифестации, но сепак толку реални и присутни.

Наташа Андонова е редок пример на уметник кој што го избрала потешкиот-уметничкиот пат за своја општествена распространетост во времето кое го носи со себе, но време кое толку внимателно го има овековечено во своите дела.

Нејзиниот уметнички и творечки опус е приказна сама за себе. Тој треба да се доживее со непосреден контакт, со директен допир на рефлектирани зраци кои се одбиваат од нејзините креации за да го запоседнат окото на публиката. Овде во ова Наше интервју пренесуваме сегменти од нејзината личност, нејзиниот карактер, нејзиниот животен пат и борба, нејзините впечатоци за поедини појави и состојби… Времето се чини е предрагоцено за оваа уметница што со сигурност сака да го материјализира со нејзиниот ликовен израз но и со моменти на уметничка инспирација кои што можеби се и најважната фаза во создавањето на едно уметничко дело.

Додека истражував за конципирање на ова интервју, она што најинтригантно ми падна во внимание е што Наташа Андонова својот уметнички прибег го ракоположи низ современи форми и медиуми за трансмисија на нејзината уметност за да си обезбеди свој пат до пошироката публика, што како уметнички напор и жртва се особено вредни за афирмација. Со тоа Наташа се дефинира како еден од ретките современи пионери кои што својата уметност ја ставаат на располагање како пример за било кои идни уметнички напори за воспоставување на силна и призната применета уметничка форма на изразување. Со што уметноста би добила многу поголема додадена вредност во интерес на унапредување на толку посакуваниот продор на Македонската култура на меѓународна сцена..

Затоа како интернет портал сме почестени што успеавме да “ископаме” исцрпни одговори за нашите прашања од Наташа Андонова и покрај нејзините обврски и за што најдлабоко благодариме.

Тоа што го има постигнато оваа наша уметница е достоен пример и патоказ за далекусежен домет на еден современ македонски уметник.

Привилегија е што можеме да допринесеме барем малку во афирмација на нејзината приказна која сепак најубаво се исцртува преку отпечатокот на нејзините мисли и чувства на парче хартија.

Прашања:

1. Брегалнички портал: Дали уметноста во Македонија е независна и слободна во вистинска смисла на овие термини?

 Н.А. Многу голема тема и големо прашање. Во однос на останатите уметности, ликовната, според мене е нај ослободена од директен политички притисок, освен ако не е намерно окупирана со таа тематика и во таа смисла е ангажирана. Но ликовната (визуелната) уметност најмалку и се умилкува на публиката, напротив таа за има цел да ја разбуди публиката и да даде еден можен одговор на прашањето: 

“Што е реалноста” или “Што е вистината?”.

Таа е истражување во форма, во медиум, се занимава со ликовни проблеми и истовремено е изблик на страст, емоција на субјектот од општеството. Ликовниот (визуелниот) уметник  според својата индивидуална сензитивност може да постави многу прашања за реалноста, тој може да биде интимист, но може да биде активно загрижен за состојбите во општеството и да биде гласен..  Во одреден контекст секоја уметност настанува во општествени услови и е дел од општеството, а нејзината трајност во општеството ја дефинира како уметност.

2. Брегалнички портал: Колку кичот и шундот се присутни на места каде што вистинската уметност треба да биде застапена? Колку денешните медиуми посветуваат внимание на уметничкото творештво во државата?

Н.А. Ако крајната цел на едно дело е да се допадне (продаде) на голем број консументи (секому), ако во него не постои организиран и артикулиран ликовен јазик, ако исклучиво задоволува нечиј вкус (на клиент) тогаш тоа е кич, слатко и лепливо дело во кое медиумот (техниката) е измачена. Второто прашање… во медиумите недостасуваат емисии исклучиво за ликовна култура (визуелна култура), кои би имале свој термин на прикажување и кои би траеле подолго (освен 10-15 минутен прилог) , со интервјуа и со гости. Верувам дека може да се прикаже одново сета документаристика (архива) од областа на ликовното творештво во Македонија која е создадена во продукција на МРТВ од 80 те и 90 те години… и секако треба да се документираат и овековечат нашите сеуште активни и големи сликари кои се денес во своите 80 -ти години…

-Васко Ташковски, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов, како и нашите големи костимографи Елена Дончева, Лира Грабул.

Публиката има право на својата историја и своите автори!

3. Брегалнички портал: Зошто вистинските уметници не се повеќе гласни во општеството за посилна афирмација на сопствените естетски вредности? Некако светот на уметноста како да е поробен од светот на забавата. Каде заглави уметноста по патот кон перцепцијата и вниманието на публиката?

Н.А. Ќе одговорам од третото прашање. Ликовната култура се гради преку образованието, публиката се оформува. Ако вие со децении наназад имате само еден час ликовно образование во основните училишта, каква публика имате? Денес кога секое дете поминуава часови пред телефон и монитор, кога има пред себе толкав избор од визуелни стимули, од видео игри, реклами, видеа…

Иако децата развиваат визуелна меморија и стануваат перцептивни за филмска нарација, демократичноста во застапеност на разни содржини значи дека се изложени на претежно неквалитетни визуелни содржини и значи дека е потребно водство во историските и естетските вредности. Зошто уметниците не се гласни можеби тоа е дел од нивната природа. Треба енергија за да се  развие  бизнис стратегија.. Ние имаме неразвиен и неагресивен арт маркет кога се работи за активни и млади уметници.

Можеби сега и постои публика која може да препознае ликовно дело но во иднина за да имаме таква треба да и се даде алатка,  познавање, знаење за да  инвестира во колекции. Галериите ги продаваат претежно делата на  нашите основоположници, Мартиноски, Личеноски, Коџоман..

4. Брегалнички портал: Според Ваши впечатоци дали и колку постои уметност во Македонија надвор од Скопје?

Н.А. Во Куманово годинава беше изложбата на Кашавелски, секако дека и Битола (Бит Фест.. Интернационалниот фестивал Браќа Манаки…), Охридско лето, МТФ Војдан Чернодрински- Прилеп имаат културна агенда и ја спроведуваат..

5. Брегалнички портал: Кажете ни нешто повеќе за себеси: Од каде кај Вас поттикна идејата и желбата да стaнете ликовен уметник? Која беше или се уште е твоја инспирација во уметноста?

Н.А. Во шесто (6-то) одделение знаев дека ќе се запишам во средното уметничко училиште, тогаш познато како Училиште за применета уметност “2 -ри Август” -Скопје.

Оаза на училиштето беше пресудна и поддршката од моите професори Газанфер Бајрам, Жарко Јакимовски, Ѓорѓи Здравев, Јелена (Беба)  Патрногиќ , да се зацврсти мојот став и да се формира естетиката кон која треба да се ориентирам.

Подоцна на ФЛУ во Скопје, во класата на професор Душан Перчинков имавме чест и задоволство да ги следиме неговите инспиративни предавања… Инспирацијата доаѓа од емоциите. Пред секој автор стои неговиот живот, неговите доживувања и неговите соништа како негова најголема тема. А тоа е неисцрпно.

6. Брегалнички портал: Се вели дека уметниците најчесто живеат во свој имагинарен свет. Тешко ли е и колку успеваш преку своето творештво, твојот личен имагинарен свет да го пренесеш на остатокот на светот? Каде се’ се застапени твоите дела, каде може да се видат, погледнат- доживеат?

Н.А. Имагинарниот свет се препознава, бидејќи го делиме заеднички, тој е колективен, јас би рекла дека влегуваме во “зоната” на имагинарниот свет додека твориме, а тоа значи елиминирање на другите дразби кои се непотребни, тогаш додека создаваме. Како илустартор, среќна сум што имам пар книги, солидни изданија на издавачката куќа Гаврош (Ветерната приказна , Збор по збор од  Ника Гавровска) , Темплум (Страшна ноќ и Страшило од Славко Јаневски) и Светулка (Девојчето со форичката од Ева Камчевска), па ликовното егзистира со нарацијата  во една од најубавите форми- книгата.

7. Брегалнички портал: Дали уметноста како алатка има доволно соодветни медиуми во денешно време преку кои што ќе допрат до поширока публика? Кои се најдобрите начини според тебе за да се пласира една уметност до соодветна таргет популација?

Н.А. Денес социјалните мрежи се добар начин за информација, но сепак тоа е само јадица, бидејќи ликовното дело треба да се доживее во реален простор, поставено со цел и според  замислата на авторот. Ликовното дело зборува низ својот медиум, и вие тоа го доживувате само и исклучиво кога сте физички пред делото, а не на монитор. Исто како што екранот не е вистинскиот живот, така и ликовните дела на социјални мрежи не се она што се во галерија, во физичката реалност. Па дури и дигиталната уметност кога се материјализира на платно и кога се печати естетски добива квалитет. Ние сме многу тактилни и природни битија , затоа материјата, сликата, хартијата и платното секогаш ќе не возбудуваат.

8. Брегалнички портал: Дали е подобро кога еден уметник работи во државна институција за плата од државата или кога излезе на слободен пазар да се бори рамо до рамо со останати уметници за афирмација на својето креативно творештво. Кои се предностите и недостатоците на овие два концепти на уметничко битисување денес во Македонија? Кажете ни нешто повеќе за Вашиот избор да бидете фриленсер на полето на уметноста- позитивни и негативни искуства?

Н.А. Благодарна сум што 16  години бев со статус на Самостоен ликовен уметник (ТП) поддржана од Министерството за култура, (од кој статус имам работен стаж), но тоа значеше активно “трагање” по проекти и ангажман во ликовната дејност. Во тој период запишав магистерски студии на  ФЛУ кај Родољуб Анастасов а потоа магистрирав кај Антони Мазнески, имав групни изложби. Работев фриленс костимографија за Турски театар (Војникот Фалбаџија во режија на Лука Кортина) па потоа во студиото LYNX ANIMATION Studios, го работевме долгометражниот анимиран филм на Гоце Цветановски, Јон Вардар против Галаскијата, (јас бев ангажирана како илустратор и аниматор). Во студиото работевме и други проекти, илустриравме книги… имам пар филмски проекти како сториборд цртач  (Ослободување на Скопје)..Па и соработака со Темплум и Гаврош се случи подоцна , истовремено реализирав и  осум самостојни изложби…. Сега сум професор во ДСУЛУД “Лазар Личеноски” и морам да кажам дека живеам без истиот стрес да “трагам” по проект..

9. Брегалнички портал: Имате респектабилно искуство со филмската и театарската уметност каде што сте посветиле дел од својот креативен капацитет. На кој начин Македонските уметници може да допрат до меѓународни балкански и европски продукции од областа на филмот и театарот? Кажи ни нешто повеќе за твојот пат и предизвици движејки се кон овие уметности?

Н.А. Можам да кажам дека знам како се работи на филм и во театар, но имам неколку авторски проекти.. Најголемо искуство во интернационална филмска екипа ми беше работата на “Прашина” и “Сенки” Милчо Манчевски, секако и во Театарот за деца и младинци во Скопје. Јас би им препорачала да дадат се од себе во секој ангажман, да слушаат постари филмаџии, ако имаат среќа да работат за во нашите продукции како Сектор филм, Кино Око да се вложат максимално… секаде се бараат вредни и паметни креативци. Овдека вредни значи до последен атом сила 🙂

10. Брегалнички портал: Дали ликовната уметност е подобро кога егзистира самата за себе во форма на цртеж/илустрација или доколку е инкорпорирана во рамки на други уметности- театар, мултимедијални настани, филм, музика…? Кој е мотивот еден илустратор да го стави своето уметничко дело на располагање на друг продуцент/сценограф/режисер? Колку како автор на одреден ликовен конструкт имате влијание во крајниот естетски резултат кој што се пласира преку други форми на уметност?

Н.А. Ликовната уметност сама по себе егзистира како ентитет. Но денес уметничките креации (практики)ги надминуваат традиционалните медиуми (дигитален дизајн, веб дизајн, видео инсталација… ). Но, медиумите се надополнуваат меѓусебно- нарацијата со визуелното (во илустрацијата, стрипот, графичката новела)… некаде цртежот е само предлошка, (скица) од која се материјализира костим, во стори бордот служи за јасност на филмскиот кадар, камерата и нејзиното движење, а од тоа само се заклучува дека во основа на многу медиуми стои цртежот како еден од најважните активности и форми на изразување.

11. Брегалнички портал: Дали, колку и на кој начин уметноста има моќ да ги промени општествените процеси на подобро?

Н.А. Уметноста има моќ да ја промени индивидуата, и постепено колку повеќе и по оплеменети се луѓето, толку подобро ќе соработуваат. Соработката е базата на доброто функционирање. Уметноста ни припаѓа на сите, таа е заедничка љубов и причина да се разбереме.

12. Брегалнички портал: Долги години сте практичар на својата уметност во реалниот сектор како фриленсер. Дали домашниот образовен систем е компатибилен со условите на пазарот на интелектуалниот труд и творештво или само вовед во основи за она што подоцна низ работа треба да се доизгради и развие? Што ќе им порачате на сегашните ученици и студенти кои што за своја професионална професија ја избрале ликовната уметност?

Н.А.: Базата мора да е традиционалната уметност, а потоа секој може да се надоградува   во полето кое му се допаѓа, дали анимација или графички дизајн или костимографија или сликарство..

13. Брегалнички портал: На кој начин надлежните институции може и треба на вистински начин да помогнат во развојот на уметноста во целост во државата и во областа на ликовната уметност според Ваши генерални впечатоци и искуство? Дали уметниците треба да бараат поддршка од политичарите или политичарите да бараат помош од уметниците? Како го коментирате фактот што голем број уметници во Македонија се ставаат во функција на политиката?

Н.А. Може да се откупуваат ликовни дела, да се ангажираат куратори, да се проценуваат, итн. Политичарите (Приватните бизниси) нека вложуваат во уметноста, наместо да плаќаат данок на државата… поддршка на изложби, ДЛУМ, младински фестивали, реновирање на културни центри и археолошки локалитети..

14. Брегалнички портал: Тешко ли е да се постигне статусот на независен уметник под закрила на Министерството за култура и туризам во Македонија? Што подразбира ваквиот статус? Кои се’ капацитети се потребни за да се постигне овој статус. Тешко ли е да се оправда довербата во денешно вградена во вака прокламираниот статус од страна на државата?

Н.А. Зависи за каква категорија самостоен уметник се работи. Ако станува збор за уметник ТП, (трговец поединец- во ликовна или било која друга дејност..), тоа е мала поддршка во однос на правото на здравствена заштита, статус на вработен, право на пензија.. никаква месечна плата нема од тоа. Сметководствените трошоци (за ТП) си ги плаќа уметникот. Министерството јасно ги одредува условите и сметам дека не е тешко да се добие овој статус и да се оправдува секоја година, тоа е начин на кој творат многу автори, (трговци поединци).

15. Брегалнички портал: Кажете ни нешто повеќе за вашиот ангажман во рамки на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Што точно подразбира вашето членство како ваш личен допринос во работата на оваа значајна културна организација? Дали сметате дека јавната експозиција на ДЛУМ во домашни и странски рамки на јавна сцена може да се подобри во периодот кој што следува?

Н.А. ДЛУМ е во добри раце, го раководи одличен автор Јана Манева Чупоска, сега има  нов простор на булевар Илинден. Екипата во ДЛУМ е со убава енергија , раководството (Уметничкиот Совет ) е составен од врвни македонски автори. Сите членови добиваме навремено известување за сите проекти, редовната годишна  програма ,изложбите гостуваат низ Европа…. декада наназад  ДЛУМ работи со полн капацитет, иако не сум запознаена со проблемите со кои  се соочува..

16. Брегалнички портал: Што би направиле доколку имате можност да бидете еден ден Министер за култура во Македонија?

Н.А. Факултет за применета уметност. Евиденција и заштита на  архивата во продукција на МРТВ (филмови, документарци, музичка продукција)Ликовна критика, театарска и  филмска критика.  Соработка со факултетите од регионот, гостувања на професори, размена на студенти. Отворање центри за култура и галерии во сите градови; вмрежување со други балкански и европски  градови; стимулација на арт маркет. Промени во образованието, во контекст на креативните предмети , многу повеќе часови по ликовно воспитување, музичко.

17. Брегалнички портал: Кои се ваши идни планови за развој и афирмација на вашето дело во наредниот период?

 Н.А. Се надевам на соработка со повеќе издавачки куќи во иднина. Мојот ангажман во новата учебна година ми носи нови радости и предизвици.

18. Брегалнички портал: Која е Вашата лична порака кон младите сограѓани кои што имаат намера професионално да влезат во сферата на ликовната уметност?

Н.А. Да ги следат своите желби. Среќата е компас- ако е свртен кон креативното изразување, треба да го следат.

Креирано од:


Пренеси го гласот