Брегалнички Портал

Вести од Брегалничкиот регион.

Наше интервју со Преку ред: Твориме на Македонски јазик зошто мислиме на Македонски

Пренеси го гласот

Тие се пријатно рок освежување на новата музичка сцена која што надоаѓа во третата декада од 21 век. Стилот им е певлив, мелодичен, тренди. Разиграноста на рок енд ролот кој што го носат во своите песни ги дефинира како лојални следбеници на изворниот рок звук но со модерен лирски припев.

Станува збор за бендот “Преку ред” кој што на 25 август ќе настапат на сцената на мултинаменското игралиште во Пробиштип како дел од 9-тото издание на легендарниот Рудар Рок Фест 2023 година.

“Преку ред” се ЕМО-РОК бенд од Скопје во кој што членуваат Антони Анев, Никола Стоименов, Христијан Тасевски и Марко Станчевски. За својата музика велат дека црпат инспирација од нивните индивидуални секојдневни чувства а творат на Македонски јазик затоа што размислуваат на Македонски и се што им се случува се случува на Македонски јазик. Започнале со концертни настапи во 2021 година а веќе се зрели да ја крепат сцената со едни од најдолговечните активни бендови во Македонија Ласт Експедишн кои што исто така ќе настапат на овогодинешниот Рудар Рок Фест.

1. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Имате интересен и динамичен звук. Кажете ни  од каде инспирацијата за вашата музика и текстови?

>>Преку ред<< Звукот е инспириран од бендови и артисти кои ни биле идоли со години и чија музика не има споено нас четворица, а текстовите и музиката произлегуваат од се што ми се случува што ме фрустрира или ми претставува задоволство, без претходно планирање или осмислување.

2. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Дали во круговите каде што се движите, пријателите, познаниците и луѓето што ве среќаваат ве препознаваат како музички ликови? Како музиката го менува вашето секојдневие?

>>Преку ред<< Баш пред некое време се случи за првпат, бевме излезени со Христијан и не позна и ни пријде еден дечко, Давид се вика, поздрав до него, сакаше на кратко да ни каже дека му се свиѓа музиката, бендот и се замуабетивме едно саат време. Убава ситуација е, затоа што песните се многу лични и искрени, така што доколку некој се согласува и му се допаѓаат песните, имаме заедничко нешто повеќе отколку само бенд и публика.   

3. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Вие сте релативно млад бенд. Кажете ни нешто за вашите почетоци, први лични контакти со музиката и како се роди идејата за започнете работа како бенд?

>>Преку ред<< Сите четворица сме со музика уште од мали и пред да можеме да си објасниме зошто толку не привлекува музиката. Мојата идеја за бенд беше чисто интринзично мотивирана желба да бидам во бенд без да мислам какво влијание ќе има тоа на другите сфери од животот. Пред 5 години ги запознав Никола и Христијан, поминувавме многу време заедно, се погодивме и така настана бендот. Рас почна да свири со нас од оваа година, затоа што, кога почнувавме ние со бендот, имаше 12 години.

4. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Творите на Македонски јазик. Дали тоа за вас е ограничување или можности?

>>Преку ред<< Македонскиот јазик ми е прв избор при пишување, затоа што пишувам за тоа што ме опкружува и тоа што го мислам. Мислите ми се на Македонски, случувањата околу мене се Македонски, па би се изгубило значењето и автентичноста на текстовите доколку се напишани на некој друг јазик.

bregalnickimarketing

5. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Каде до сега имате настапувано на жив настап и каде публиката била според или над вашите очекувања?

>>Преку ред<< Секаде, освен на првите неколку свирки во 2021, каде што требало да отсвириме прво неколку песни за да ја поминеме ,,кои сте бе вие?” фазата. А сега, веќе свириме за луѓе кои се наша публика, ние сме нивни бенд и се е тоа љубов од прв до последен поглед.

6. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Што очекувате вие како бенд од претстојниот настап на Рудар Рок Фест на 25 август во Пробиштип?

>>Преку ред<< Очекуваме убав провод, енергична публика со изострен вкус и една слика со Енко.

7. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Каде се гледате себеси како бенд во наредните 5 или 10 години?

>>Преку ред<< За 10 години од сега, се надевам, на Рудар Рок Фест 2033.

8. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Ваша порака до читателите на нашиот портал?

>>Преку ред<< Спасот од хаосот е како другар ми Христијан кога сме договориле проба, може да касни пола саат, саат, два… ама сигурно ќе дојде. Поздрав до сите читатели, ве чекаме на 25-ти во Пробиштип.

Креирано од:


Пренеси го гласот