БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Наше интервју со Зоки Бошков-Даме – Музичар

Животот на секој од нас во минатото е исполнет со случки, настани, ликови, чувства и емоции... Колку тие се повеќе на број, толку сме побогати како индивидуи. А колку посветено сме биле дел од една заедница и целина не' прави впечатливи за околината.
Пренеси го гласот

Навраќајки се назад низ годините, повеќе од цели две децении веројатно еден од највпечатливите ликови на скопската андерграунд сцена ми беше Зоки Бошков- Даме. Секогаш присутен, но подеднакво секогаш со доза на мистерија и таинственост. Така ни личеше на нас дечките кои што во даден момент го запоседнавме Скопје од периферијата на државата за периодични потреби во нашите животи, дали за студирање, работа или случајно. Неговиот физикус ни беше некако благопријатен правец кон кој тежнеевме да допреме, да бидеме во околина, внимавајки на секое движење, на секоја гестикулација и креирајки фама за неговата аура.

Сета таа негова присутност ставено во симбиоза на неговото друштво, кое беше составено од (слободно можам да кажам) андерграунд икони на почетокот од 2000-те години во Скопскиот ноќен живот, во моите очи го чини Зоки Бошков своевиден отпечаток на тоа време. А за сето тоа беше “виновен” неговиот музички допир со нас верната публика која ги следеше сите концерти на Сињак, нивниот кодекс на однесување, облекување, филозофија на комуникација…. На клупската сцена на тие догматски мрачни музички настани, тој беше единствениот обвиткан со една поинаква светлина, што го чинеше некако поразличен од останатите. Се сеќавам (како вчера да беше) на настапот на Сињак на АЛАРМ ФЕСТ во Љубаништа кога можеби еден од најретките настапи на овој Дет-Метал бенд беше во рамки на дневен настап.

Никогаш нема да ги заборавам бескрајните ноќи од тоа време на SF- место што беше своевидна база-расадник на андерграунд културата тоа време во Скопје, кај црква или во парк. Слободно можам да кажам дека тогаш под закрила на ноќта во Скопје владееше едно силно автентично андерграунд движење, што од денешен аспект се чини културолошки темел на многу здрави и силни (емотивно, интелектуално, карактерно) ликови.

И во средиштето на тоа движење заедно со повеќемина останати знајни ликови се наоѓаше токму Зоки Бошков, неговата појава, неговата музика и воопшто бит.

И после толку многу години (цели 2 децении) би рекол дека Зоки и денес од аспект на јавност е тивок таинствен лик кој зборува најгласно преку музиката. Тој е денес семеен човек, сопруг, татко чие прекалено музичко портфолио и персонален идентитет заслужува посилна афирмација во јавност, затоа што Зоки се уште го нема кажано последниот збор на Македонската музичка сцена.

Повод за нашето пишано интервју во продолжение е настанот кој што се организираше во Младинскиот Културен Центар во Скопје под насловот “Tribute to Chuck Schuldiner”- настан кој што кај мене го разбуди тој дух на минатото, исполнет со преубави спомени кој што мораше да биде посетен. И не погрешив! Самиот факт што повторно во истата сала во која растевме како луѓе се собравме истомисленици од едно дамнешно минато, зборува за монументалноста и важноста на самиот настан, после сите премрежја во нашите индивидуални животи.

Едноставно непроценливо богатство за кое што најмногу се заслужни луѓето како Зоки, Мето, Зиле, Злате, Балтик, Никола…

Прашања:

1. Брегалнички Портал: Неодамна настапи во рамки на настанот посветен на Чак Шулдајнер во МКЦ во Скопје. Кажи ни што претставува за тебе лично тој настан?

    Зоки: – Па тоа претставува еден голем дел од моето музичко постоење. Човекот на чија музика (меѓу другите) се изградив и самиот како музичар, огромна инспирација за мојот музички стил и израз. Она по што јас го ценам посебно Чак Шулдајнер пред се како музичар е тоа што немаше никогаш проблем да го довери својот материјал на музичари “подобри” од себе, па затоа и самиот трибјут концерт секогаш беше предизвик да се долови секој од нив најблизу и најдобро што може. На крајот, тоа е музика на која се градевме и следствено трибјутите беа начин да се изрази нашата почит кон него како еден од најголемите умови кои металот ги има создадено.

    2. Брегалнички Портал: Од кога се реализира настанот Tribute to Chuck Schuldiner? Кажи ни нешто повеќе за самиот историјат на овој музички значаен настан.

    Зоки: – Трибјут концертите датираат од 2002 година, првиот во ноќниот клуб ВУЛКАН, каде ги направивме и наредните два 2003/2004 година. Потоа настанот почна да собира армија фанови па логично потребно беше и малку посериозно да се зафатиме со организацијата (поквалитетен звук и поголемо место), па така наредните два феноменални трибјути 2006/2007 година се оддржаа во ноќниот клуб CASTRO, клуб кој своевремено беше култното место во Скопје за оддржување на помали концерти и рок фестови.
    Потоа направивме мала пауза па 2009 се селиме во ноќниот клуб HAVANA, а после две години се оддржува првиот трибјут во MKC, но не во познатата DANCING сала, туку во холот на Младинскиот Културен Центар. Тоа е и единственито трибјут на кој немам учество. Потоа повторно се враќаме во HAVANA 2014 година по кој решивме да одмориме од таа приказна затоа што реално мислевме дека сите се веќе заситени од самиот настан.
    Интересен беше моментот на одлука за последниов трибјут. Бевме на одмор заедно со Мето и така седнати со пивата во рака се врти и вика:
    – Да праиме еден трибјут?
    Викам :
    – Да правиме…
    И што би се рекло (The rest is history)…MKC 2025

    Низ годините учество земаа безмалку сите што генерациски нешто значеа на метал сцената во Македонија.

    3. Брегалнички Портал: Како повеќедецениски активен учесник во Македонската андерграунд сцена, кажи ни нешто повеќе за твоите впечатоци од различните периоди во 1990-тите, 2000-те и 2010-те години од опстојот и функционирањето на Македонската андерграунд и метал сцена, со твоја лична паралела за денешните состојби. Кога имаше подобра/поквалитетна музика? Во однос на  бројот на изведувачи и бендови, кога имаше повеќе бендови? Дали и како публиката во форма на квалитет и квантитет се менувала низ овие децении?

    Зоки: – Не сум човек кој “вечно пати” за некое поминато време, не сакам да бидам како нашите претходници и да настојувам на тоа дека “во наше време” било поквалитетно и поискрено. Ние ги поминавме сите транзиции на музиката, од разменување плочи и касети, па и цедеа и сега го живееме модерното време на достапност до буквално се. И тоа си има своја убавина и не се сложувам со многумина дека денес се помалку има хитови и квалитетна музика. На времето немавме основна опрема, ама имавме љубов  и елан. Сега имаме се, а ама немаме време иако и тоа не е оправдување. Сеуште има бендови кои се и те како се активни и никогаш не престанаа со работа, додека има и такви кои времето ги изеде. Сепак морам да потенцирам дека има деца кои свират и тоа многу добро свират. За жал не дека ги нема бендовите и публиката, едноставно заситеноста од се наоколу си го зема данокот. Жртви сме на технологијата и нејзината достапност.
     Најголемиот дел од луѓето наместо да уживаат во концертите, избираат да ги снимаат на телефон иако никогаш повеќе нема да го пуштат повторно. Квалитетна музика секогаш постоела и секогаш ќе постои само ние одбираме да не истражуваме. Јас лично сеуште даунлоадирам нова музика, нови бендови и наоѓам еден куп супер квалитетна музика.

    4. Брегалнички Портал: Кажи ни нешто повеќе за себеси. Од кога се занимаваш со музика? На кој начин ја стекна својата музичка наобразба и колку е тешко да се прерасне во врвен гитарист? Кажи ни нешто повеќе за опремата која ја користиш: гитара/и, педал-опрема, процесори и слично. Што би им препорачал на младите луѓе кои започнуваат да музицираат со гитара?

    Зоки: – Со музика се занимавам од кога знам за себе. Инфо што го знаат мал број луѓе е фактот дека свирев хармоника и клавијатури девет години во Пионерскиот Дом Карпош во Скопје каде ја изчучив основата на музиката за подоцна да сфатам дека тоа не ме мрда од внатре и гитарата си дојде спонтано со музиката која почнав да ја слушам. Првиот концерт во МКЦ беше некој метал фест, а јас бев само 5/6то одделение.
    За себе никогаш нема да кажам дека сум врвен гитарист (доколку некој така ме доживува, го земам тоа како комплимент), сакам да гледам и слушам виртуозни музичари, но тоа воопшто не е пресудно за мене со оглед на тоа дека омилените двајца гитаристи ми  се  Marty Friedman и David Gilmour (ете едниот емотивен виртуоз и еден емотивен гениј).
    Исто така не сум опседнат со купување премногу опрема. Од поодамна сум фан на LINE 6 технологијата, па мојата секојдневна опрема вклучува Line 6 гитара, Line 6 POD GO Effect Pedal Processsor и Line 6 Spider Valve MKII 2×12 појачало.
    За последниов трибјут концерт решив да одам Old School и да го отсвирам со мојата 30 години стара Ibanez гитара.
    Пораката до сите млади гитаристи би била секогаш да градат свој уникатен претпознатлив стил на свирење наспроти бркотницата по лајкови и прегледи на вештачки испроцесирани виртуозности.

    5. Брегалнички Портал: Во минатото си бил дел од повеќе легендарни музички бендови. Кажи ни нешто повеќе за твоето лично искуство во секој од нив? Што би променил во поглед на функционирањето на овие бендови доколку имаш можност да се вратиш назад во времето? Има ли шанси некој од овие бендови повторно да се реоформи за нови изданија/концерти?

    Зоки: – Би сакал да го вратам времето кога членував во Progressive Rock бенд кој се викаше Armageddon каде свирев Бас гитара и имаше потенцијал за многу повеќе. Потоа дојде најсериозниот бенд во тоа време Siniac со кој снимивме албум и настапувавме на два последувателни Таксират Фестивали и неколку концерти за паметење како оние со Soulfly, Vader и Rotting Christ. Следнииот проект тотално различен беше ЛЕЛЕК (членовите од Siniac минус Шведо, плус Балтик).
    На сите овие бендови им се случи Македонија па немањето промотери и доволно живи настапи ја уби желбата за продолжување понатаму, не дека е тоа оправдување да се разбереме. Јас сеуште се надевам дека еден ден ќе се отсвири барем еден последен концерт.

    6. Брегалнички Портал: Дали Скопје денеска има развиена метал сцена? Што е она што е потребно за да се унапреди метал сцената во Македонија?

    Зоки: – Па потребна е публика, потребни се свирки, многу свирки, фестови, макар и третокласни, онакви какви што имавме на времето, кој фати гитара имаше бенд. Убаво беше, имаше сцена. Сега има предиспозиции уште поголеми за такво нешто. Се има, инструменти, себе промоцијата е пре-лесна, ние лепевме плакати по улици, сега имаш социјални мрежи. Доволно да излезете да видите дека има млади кои почитуваат, а секако тука сме и ние повозрасните да ги наполниме салите како некогаш. Трибјутот беше најдобар показател за ова. Не можеше човек до врата да стигне додека не се испоздрави со десетици луѓе успат. Ние сеуште живееме за тие концерти, а секако за поздравување е тоа што младите се тука рамо до рамо. Потребно е само да се посетуваат настани и да се даде поддршка на секој оној кој решил да фати инструмент во рака.

    7. Брегалнички Портал: Кој е твојот највпечатлив музички настан на кој си имал можност да настапуваш и зошто? Каде се имате настапувано низ државата и на меѓународната сцена? Кој е најмасовниот/најбројниот/најзначајниот настан на кој што досега имаш настапувано?

    Зоки: – Секако настапот на Таксират со SIniac на кој настапуваа легендарните Amorphis е најбројниот пред илјадници луѓе, а најдраг, па има неколку меѓу кои концертот со Rotting Christ во МКЦ и Soulfly на Саемот во Скопје. Исто така Tribute to Chuck Schouldiner концертите во Club Castro и последниов во МКЦ е јаготката на шлагот.

    8. Брегалнички Портал: Кој колега музичар би го издвоил како поединец со кој си можел да соработуваш во минатото, кој одговара на твојот личен уметнички и музички израз а со кој би сакал повторно да соработуваш? Со кој домашен или светски музичар би сакал да реализираш соработка а тоа до сега не си го постигнал? Дали постои суета и меѓусебна спротивставеност помеѓу гитаристите?

    Зоки: – Буквално не можам  да потенцирам никого посебно, иако имам фаворити со кои сум “залепил” од прва што би се рекло. Низ годините дали авторски или преку трибјут концертите или со популарната ‘”тезга” сум отсвирел барем еднаш со најголемиот дел од естрадата и фаворити ми се тапанарите, дури сеуште ми стои над глава товар кој морам да го тргнам во овој живот, а тоа е да снимам материјал со сите тапанари со кои некогаш сум отсвирел. Ќе биде тоа некоја трилогија албум гледам јас.

    9. Брегалнички Портал: На музички план на што работиш моментално и што може да се очекува од тебе во наредниот период?

    Зоки: -На авторски план сеуште сум во фазата “само што не сум почнал” , ама желбата за завршување на некои незавршени дела од минатото е толку голема што едноставно не може да не се случи наскоро. Сеуште сум жеден и гладен за Метал и не можам и не смеам да оставам така да остане.

    10. Брегалнички Портал: Дали во Македонија може да се живее од музика?

    Зоки: -Може, ако сакаш и зависи што подрзбираш под живеење од музика. Јас долги години членувам во Cover Band и буквално го живеам животот со музика и од музика. Кој сака може што сака да каже, за мене е тоа музицирање како и секое друго. Многу ќе речат тука нема љубов тоа ти е работа. Најглупавото нешто што може да некој да го помисли. Затоа и музичарите се секогаш на маргините на општеството. Зошто луѓето разочарани од своите животи се трудат на секој начин да те маргинализираат. Имав период кога работев како тонец во радио станица и навечер “тезгарев”, секогаш кога ќе ме прашаа “Како животот Даме”, им одговарав “со песна почнувам, со песна завршувам”. Го обожувам тоа што го правам еве веќе долги години.

    12. Брегалнички Портал: Каде се гледаш себеси за 5-10 години од денес на музички план?

    Зоки: -Се надевам сеуште со двете нозе на земја и со некој албум/концерт повеќе позади себе.

    13. Брегалнички Портал: Која е твојата лична порака до пошироката публика?

    Зоки: -Во музиката нема совршенство, секој го создава своето. Биди свој и остави нешто по што ќе те паметат, нека се тоа и три отсвирени тонови, ама на свој уникатен начин.

    Креирано од:


    Пренеси го гласот