БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Одржан традиционалниот „Божиќен ручек“ за 500 деца од целата држава во Прилеп

Пренеси го гласот

Во организација на Детската Амбасада „За сите деца во светот“,по 14-ти пат по ред, во хотелот „Кристал Палас“ во Прилеп, се одржа Божиќен ручек за 500 деца од повеќе градови од Македонија.

Традиционално, Детската Амбасада го додели најпрестижното признание за општествена одговорност „Орден за носител на мирот“, кој оваа година му припадна на Акционерско друштво за производство на лекови, медицинска опрема и материјали „Д-р Пановски“ од Скопје.

„14-ти пат по ред во организација на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот, на божиќната трпеза ќе седнат околу 500 дечиња од неколку градови од нашата држава: од Битола, Тетово, Струмица, Крушево како и нашите членови од Детската Амбасада. Од мотото ‘Едно небо за сите деца’, произлегува и пораката да нема насилство меѓу децата, да има толеранција, љубов и разбирање. Оваа година добитник на орденот ‘Носител на мирот’ е акционерското друштво ‘Д-р Пановски’ од Скопје, додека ‘Плакета за пријател на децата’ му доделуваме на градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, на фирмата ‘Кромберг и Шуберт’ од Битола и на нашето ‘Дете амбасадор’, Трајче Камчески. Сакам да посакам повеќе да се сакаме и  да владее мирот меѓу нас“, –  истакна Александра Северкоска – Стојаноски, Извршен директор на Детската Амбасада „За сите деца во светот“.

Божикниот ручек беше благословен од Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско – новозеландски, г.Петар.

„Чувствуваме голема радост и задоволство што сме и денеска гости на овој
свечен Божиќен ручек за децата, бидејќи децата се нашата иднина, наша
радост и перспектива. Христос, синот божји дошол меѓу нас како дете и токму ние денеска чувствуваме дека децата се оние што можат да ни ја пренесат љубовта, хармонијата, трпението, толеранцијата. И токму денешниот настан ни испраќа јасна порака како треба да се обединиме без оглед на верата, на тоа од каде доаѓаме, но сите како едно се чувствуваме“, – истакна владиката Петар.

Настанот беше збогатен со настап на членовите на танц студио „Зодијак“ од Прилеп, малите ангелчиња Илина и Јована Николовски од Скопје, како и на редовниот учесник на оваа манифестација, Христијан Тодороски.

Креирано од:


Пренеси го гласот