Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ најавува засилена поддршка за вработувањето и економската активност во 2026 година, со посебен акцент на младите лица и нивната интеграција на пазарот на трудот.
Според најавите, за реализација на Оперативниот план за вработување во 2026 година се обезбедени речиси 40 милиони евра, средства кои треба да овозможат поддршка за повеќе од 10.000 граѓани преку различни активни мерки и програми за вработување. Од вкупната сума, над 32 милиони евра се наменети директно за мерки што имаат за цел отворање нови работни места и поттикнување на економскиот развој.
Во рамки на планот, значајно место имаат младите лица. Според проекциите, речиси 6.000 млади ќе бидат опфатени со активните мерки за вработување, додека дополнителен број млади ќе добијат поддршка преку практикантства, обуки за стекнување нови вештини и преку програмата за младински додаток.
Од Владата посочуваат дека позитивни резултати веќе се забележани во текот на 2025 година. Преку тогашниот Оперативен план за вработување биле опфатени повеќе од 2.600 лица, од кои близу 1.500 биле млади до 29-годишна возраст. Воедно, биле поддржани и околу 2.200 нови бизниси.
За реализација на мерките во 2025 година биле издвоени дополнителни 7,5 милиони евра во однос на претходната година, што овозможило проширување на опфатот на корисници и програми.
Посебен сегмент во новиот план претставуваат мерките за самовработување и поддршка за отворање нови работни места. Предвидена е и стимулација за ангажирање млади лица во производствените капацитети, при што за околу 3.500 млади до 23-годишна возраст е планиран младински додаток во висина од 3.000 денари.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека овие мерки се дел од пошироките политики насочени кон намалување на невработеноста, создавање нови економски можности и задржување на младите во државата преку обезбедување подобри услови за работа и професионален развој.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Премиерот Мицкоски денес од Делчево даде силна поддршка на развојот на општината и регионот Пијанец- Малеш
Лишена од слобода 24 годишна жителка на Крива Паланка затоа што го нападнала својот сопруг со остар предмет
Голем успех за Македонија на светскиот избор Miss & Mister Planet 2026 во Грузија