БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Традицијата продолжува: Интервју и најава за Рудар Рок Фест- Пробиштип на 26 Август 2022 год. во градскиот парк

Пренеси го гласот

Македонија е земја на традиција и убави и раскошни вредности кои се надвиснуваат над времето и стануваат легендарни. Особено во областа на културата!

Она што првите организатори на Рудар Рок- Фест во далечната 1997 година го воспоставија како обид за унапредување на културниот поредок во рударскиот град Пробиштип, денес веќе стана легендарна приказна која вреди одново да биде раскажана.

Со пиетет ќе ги споменеме првите организатори на Рудар Рок Фест 1997: Игор Џими, Славче Часнио, Јохан Даскало, Виктор Поки, Столе Старио, Мацо-Бицо, Емил Камено, Гоки Петрушев, Драган Петело, Ненад Мечо, Ацо Вмровецо, Горан Гуто, Горан Буцо, Марјан Мантата, Горан Бизи, Пеце Танки, Трајче Чарли, Дејан Џанго, Драган Миш, Јоцо Клиф, Трајче Добревац, Павле Пацоли, и до организиторите од 2010 г. Даци Млад, Никола Кокси, Кире Мек Ампев, Владимир Вац, и секако Симеон Иванов – Канго.

Тековната 2022 година е можеби најсовршена година после многу премрежја на овие турбулентни простори, за да се возобнови оваа традиција која овие луѓе ја започнаа пред 25 години.

Во пресрет на Рудар Рок Фест 2022 година направивме наше интервју со овогодинешните организатори кои што со несмален жар како основачите во 1997 година и денес се залагаат и работат за воскреснување на оваа преубава традиција која се крие зад брендот Рудар Рок Фест.

Интервју

Со Организаторите на Рудар Рок Фест 2022 година (РРФ22)

1.Брегалнички портал: Кој беше вашиот основен мотив за возобновување на култниот фестивал после толку многу години за оваа 2022 година? Зошто баш сега?

Рудар Рок Фест: Потребата постоела од секогаш. Размислувањата, присеќавањата и разговорите помеѓу љубителите на рок музиката и обичните граѓани секогаш биле позитивни кон овој настан во Пробиштип од минатото. Првите рок концерти беа нешто ново и оригинално за градот, но и за Македонија во тоа време. Можеби сите овие години недостасуваше „јунак кој ќе се изнајде“, и не само што ќе ја актуелизира идејата, туку и ќе се зафати со нејзино остварување.

Она што го поттурнува овој настан да се оствари е реакција кон идеолошко-политичката клима во Македонија која се повеќе го репресира и резигнира македонскиот народ, вклучително и младите. Понатаму, недостатокот на оригинален и креативен начин на однесување и живеење на младите кај нас. Рок музиката е активистичка музика, внесува револуционерен здив во духот на младите. Нашата музичка сцена буквално е во кома. Ние скоро да немаме нови творечки настани и луѓе на таа сцена кои ќе внесат една нова енергија во животот на младите и ќе внесат многу нови позитни импулси кои ќе ги одржуваат во нивниот младешки елан.  И на крај, овој настан го збогатува онака сиромашниот културен живот во Пробиштип. Тој е единствен по карактерност во цела Македонија и го одразува карактеристичниот начин на егзистирање на граѓаните на градот Пробиштип. Рударството, тешката индустрија е она на што се потпира градот, а рок настанот знаел тоа да го изрази. Добро е Рудар Рок Фест да биде еден бренд на град Пробиштип.       

2.Брегалнички портал: Запознајте ја нашата публика со почетоците и минатите изданија на РРФ22:

-Иницијатори и организатори-поединци кои мора да се спомнат,

-концепција-вид на програма,

-поддржувачи, публика,

-програма по години- бендови што настапиле кои мора да се спомнат (фото материјали)

Рудар Рок Фест: Идејата за Рудар Рок Фест е родена помеѓу група млади рок-љубители во доцните 90 ти. Поминувајќи си го својот својот живот со слушање на овој вид музика и одење по концерти низ Македонија, тие дошле до идеја направат таков настан и во Пробиштип. Прво мислеле да го викнат само канго, но потоа ја прошириле идејата со создавање на рок вечер со повеќе групи. Вака гледајќи од денешен аспект во првите неколку години учествувале во организацијата на фестивалот повеќе од 30-ина луѓе, и не благодарно е некој да не се спомне, на сметка на друг. Добар дел од нив го помагаат и  организирањето  на овој фестивал.

Фестивалот, и во минатото и во иднина, има првична цел во однос на програмата да промовира нови бендови. Без разлика во која насока ќе се движи организирањето на фестивалот, тој треба секогаш да остава најголем простор на нови бендови, полни со ентузијазам и креативна енергија кои сакаат да се докажуваат и напредуваат на македонската, па и поширока рок сцена. Сите потајно во себе, посакуваме на овој настан да биде гостин некој голем бенд, но сепак и зад него треба да остане можноста да се промовираат бендови. Во тој контекст може да ги споменам Holocaust, кои имаат настапувано два-три пати и почетоците им биле тука на овој концерт. Понатаму Verka, Fluks, Siniak, се така групи кои развија своја продукција, а еден од првите чекори има беа на овој фестивал. Сепак, мора да напоменам, една и најзначајна  за овој фестивал од сите групи е Канго. Оваа група беше присутна, буквално, на сите рок фестивали. И да дополнам Симеон Иванов- Канго учествуваше и помагаше во организацијата на сите претходни настани.   

3.Брегалнички портал: Кажете ни накратко за секој од учесниците на овогодинешниот РРФ22. На кој начин ја одбравте листата на учесници и што може да очекува од нив публиката која ќе присуствува на фестивалот?

Рудар Рок Фест: За бендовите, оваа година, доста трагавме. Она што го имавме за првична цел, млади бендови ( Station:Innermost, Conspiracy, Последен Удар) кои ќе се престават мислам дека и го остваривме. Но водевме сметка и за пошироката публика, па така се одлучивме на концертот да има место и за еден трибјут бенд (Eruption) кој ќе ги  обработи најлегендарните песни од светската рок историја. На крајот настапивме и локал-патриотски и ги поканивме нашите Крпен Живот.

Station:Innermost се прогресив рок бенд во налет. За нив, како и за Conspiracy, Последен удар, важи истото. Тие својот подем го имаат забавено поради епидемијата и рестрикциите со кои се соочивме поради неа. Овие три групи се формирани 2017,2018,2019, и се жртви на некој начин на светската пандемија. Но оваа година и овој настан е можност повторно да се развиваат. Од она што може да се забележи во музика на Station:Innermost е дека се работи за добро компониран бенд во чии песни се остава доволно простор на  секој член да си ја покаже својата краетивност и својот квалитет.  Имаат соработувано со Derek Sherinian (ex-Dream Theater, Alice Cooper, Billy Idol, Planet X, итн. ), а беа пред група на легендарните Deep Purple во Скопје оваа година.

Првите почетоци на Последен Удар датираат од летото 2017 година, кога се започнува со проби и создавање на првите песни и делови од песни. Кон крајот на есента 2017 и почетокот на 2018 година се комплетира конечниот и сегашен состав на членови на групата по што на почетокот на Март 2018. Се работи за панк бенд кој на 24 август 2019, го издаваат својот прв студиски албум насловен „Не сме како вас“, за што се одржала слушачка промоција на платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Албумот содржи 10 песни од кои 9 на македонски и 1 на англиски јазик.

bregalnickimarketing

Conspiracy е треш / хеви метал бенд од Скопје, формиран 2016 година. Својот прв албум “Dehumanized” го издаваат во 2019 година после победата на фестивалот “Luzer Fest”. По краткотраен хиатус и промена на поставата, бендот моментално работи на втор албум од којшто ќе имаме прилика да слушнеме и неколку нови песни на овој рок концерт. Дечкиве се буквално во силен творечки налет.

 Eruption Tribute band е еден од најдобрите и највлијателни бендови во изминaтиве години во Македонија. Нивните трибјут концерти се исклучително посетувани. На овие настани во еден извореден стил се обработени најпознатите Rock n Roll, Hard Rock and Heavy Metal песни. Имаат направено безброј настани со посвета на The Doors, Led Zeppelin, Black Sabbath, итн. Михајло Трајковски (вокал, гитара) е дел од проектот Рок-симфонија со која за прв пат во Македонија, најлегендарните рок песни се обработија во симфониски стил.

Крпен Живот се пробиштипски панк-рок бенд, кој се формирани 2005 година. Првата свирка на бендот е на почетокот на 2007. Во 2009 имаат освоено првото место на Рок Фест, во Скопје. Го имаат издадено својот прв албум „Колку прекрасен свет“.

4.Брегалнички портал: Оваа година останувате доследни на минатото преку понуда на програма во која доминира потешкиот звук на гитарите. На што се должи ваквиот избор на музичка програма? Дали размислувате дополнување на овој концепт за наредни изданија со понуда на (условно кажано) покомерцијална музика?

Рудар Рок Фест: Во однос на одбирањето на рок музиката, на рок настаните во минатото во зависност од влијанието на самите организатори, преовладувале различни стилови на рок музика. Првите два  беа повеќе обоени со рок, хард рок музика ( Канго, Медуза), потоа извесно време доминираше хеви и треш металот (Holocaust, Siniac, Verka) за да на последниот (2010) најмногу имаше панк-рок (Крпен Живот, Културно уметнички работници). Во зависнот од времето, од достапноста на бендовите, ќе зависи и стилот од рок музиката кој ќе преовладува. Но сепак, Hard Rock, Heavy Metal и Punk, остануваат препознатливи звуци на овој рок-хепенинг. Омекнување и комерцијализирање ниту под разно.

5. Брегалнички портал: Кој се’ учествува во организацијата на РРФ22?

Рудар Рок Фест: Настанот, официјално се води под организација на локалната самоуправа на град Пробиштип по културните денови посветени на патрониот празник на град Пробиштип – 28 Август. Но со оглед дека ние ја дадовме идејата, всушност програмата и начинот на организирање на настанот го водиме ние. Општина Пробиштип заедно со неколку индустриски гиганти од градот ни обезбедува финансиска и техничка поддршка. Засега оди добро, имаме соработка.

6.Брегалнички портал: Дали планирате продолжување на традицијата и во наредните години?

Рудар Рок Фест: Иако Рудар Рок Фест во првите години од своето постоење имаше континуитет, сепак од неколку социо-економски и политички причини тој престана да постои по 2003 година. Оттогаш се има одржано само уште еднаш во 2010 година. Оваа 2022 година всушност треба да славиме по правило 25 години постоење. Но, всушност овој е само 8ми. Нашата првична цел е да создадеме добар настан, кој по завршувањето ќе има една позитивна критика која долго ќе се пренесува. Ако тоа успееме да го направиме оваа година, сигурно рок настанот ќе има свој континутиет и повторно ќе стане традиција. Крајната цел е Рудар Рок Фест да биде препознатлив бренд за град Пробиштип за кој ќе се зборува надалеку. 

8. Брегалнички портал: Порака до нашите читатели?

Рудар Рок Фест: Ги покануваме сите големи и искрени љубители на рок музиката да бидат дел од овој рок концерт. Музиката која што ја нудиме ќе овозможи сите да си поминат една незаборавна вечер со постојани присеќавања. А  вашето присуство на фестивалот ќе допринесе за создавање на една поголема позитивна енергија на таа вечер и  ќе допринесете Рудар Рок Фест да биде еден поимпресивен настан.

Поздрав и се гледаме на 26 август во градскиот парк во Пробиштип!

За сите информации и актуелности поврзани со Рудар Рок Фест можете да ја заследите нивната официјална фејсбук страна https://www.facebook.com/RudarRockFest/

Фотографските материјали користени во оваа објава се превземени од фејсбук страната на Рудар Рок Фест.

Креирано од:


Пренеси го гласот