БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Љубомир Цуцуловски: Потсетување

Пренеси го гласот

Една од клучните години во поновата историја на Република Македонија е 2001. Под беспримерен притисок на воениот судир, како и под притисокот на „меѓународната заедница“, беше донесен т.н.р. Рамковен, односно Охридски договор, со кој започна трансформирањето на Република Македонија од унитарна во бинационална држава, воведувајќи ја праксата на консезуална демократија, која го воведува правото на вето и тоа според етнички принцип. На тој начин, целиот општествен, политички и државен систем станува нефункционален. Потоа (2004) следеше територијалната поделба (повторно според етничкиот принцип), предвидена токму со Рамковниот договор. Како негова логична последица, во 2017 година, беше испорачана Тиранската платформа, која почна интезивно да се спроведува, макар што е далеку од своите крајни цели. Завчера, беше соопштено дека досегашниот Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, ќе бил трансформиран во посебно министерство.

Затоа, заради клучноста на Рамковниот договор, битно е да се провери неговата валидност. Уште на самиот почеток, во делот Основни принципи (член 1.1.) дословно пишува: „Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија.“ Значи, според Договорот целосно и безусловно се отфрла употреба на какво било насилство во донесувањето на политички одлуки. Меѓутоа, самиот Договор е донесен под присила на „меѓународната заедница“ и оружјето на терористите. Оттука, тој не само што е нелогичен и во противречност самиот со себе, туку е и нелегитимен, бидејќи е донесен токму насилно. Затоа, во моментов кога Македонија се наоѓа пред претседатлски избори, значајно е секој од кандидатите недвосмислено да се изјасни за Договорот. Меѓутоа, не само да каже што с е г а мисли за него, туку што мислел кога се донесувал. Значи, што мислел кога идејата на Питер Фејт се преобрази во Планот на Борис Трајковски, а тој во Рамковниот договор. Притоа, не е доволно кандидатите само усно да кажат што тогаш мислеле за него, туку к о н к р е т н о (со прецизен изворник!) да посочат свои објавени текстови, анализи или изјави за Договорот, дадени во периодот на неговото донесување. Само така може да се дознае вистинскиот, правиот профил на сегашнивте кандидати за претседател, бидејќи на оваа Држава и на овој народ доста им е веќе од луѓе кои накнадно се освестуваат, т.е. накнадно стекнуваат свест за погубните последици од она што некогаш се одлучувало. Наедно, ова значи дека и во некои идни постови сегашниве кандидати ќе бидат потсетувани на ова, бидејќи практиката на мижитатара (или, к р и е н к а!) мора да се надмине, заради доброто на Македонија и на нејзините граѓани.

Креирано од:


Пренеси го гласот