БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Љубомир Цуцуловски: СЕ ПРОМЕНИ ЛИ НЕШТО (2)?

Пренеси го гласот

Бидејќи ситуациите и проблемите со децении се повторуваат, без да се подобрат, туку (напротив) се влошуваат, одлучив и денес да објавам дел од интервјуто „Оваа влада нè исмејува и маргинализира пред светот“, што го дадов за „Утрински весник“ од 15.04.2000, стр, 5. На власт беа ВМРО- ДПМНЕ (премиер Љубчо Георгевски) и ДА на Васил Тупурковски. Интервјуто го водеше Глигор Стојковски. Делот од интервјуто го пренесувам без какви било промени. Претпоставувам дека голем дел од тогашните настани, како и учесниците во нив се подзаборавени. Сепак, не е лошо потсетување:

„ПРАШАЊЕ. Веќе неколку години јавно ја промислувате, ја анализирате стварноста во која се наоѓаме, во која ги живееме нашите животи. Како се чувствувате по последните погранично-затворски драми; по киднапирањето на македонски војници и едновременото ослободување на човек обвинет во Македонија, а некаков фактор во Косово? Што говори овој настан, каков е неговиот одраз врз достоинството на државата и на македонскиот народ, кои се неговите политички импликации…

ОДГОВОР. Дека овој случај е крајно сериозен говори итното доаѓање на командантот на силите на КФОР, генералот Клаус Рајнхард. Случајот е сериозен, бидејќи во него се резимираат сите досегашни скандалозни и за здравиот разум несфатливи однесувања на сегашнава власт, кои се далеку од правилата на нормалното политичко и човечко однесување. Ќе наведам неколку. Прво, министерот за одбрана (Никола Кљусев, заб.Љ.Ц.) изјавува дека е толку информиран колку што се информирани и новинарите. Наместо да биде лут на сопствената неинформираност, тој се лути на новинарите што му поставуваат вакви прашања. Второ, вицепремиерот, Васил Тупурковски, вели дека не е информиран и дека чека премиерот (Љубчо Георгиевски, заб. Љ.Ц.) да се врати од Украина за да сеинформира од него. Трето, премиерот на никаков начин не го коментира случајот и ноншалатно (тој е воопшто ноншалантен човек) заминува за Украина. Четврто, Арбен Џафери, чие име цело време се спомнува, налик на навредена примадона, изјавува дека наредните три дена ќе молчи. Изминаа три дена тој и натаму демонстрира молчење, бидејќи демонстрациите се негова главна одлика. Пето, јавниот обвинител молчи или збунето нешто прозборува. Шесто, министерот за правда (Џевдет Насуфи, заб. Љ.Ц.) бил и не бил на посета кај притворениот Џавид Хасани. Седмо, Хасани е и не е во Републикава. Осмо, на прославата во Витина тој е и не е со Џафери. (Последниве три точки се посебен прилог кон општата дијалектика – во исто време нештата се и не се). Девето, Џафери и натаму молчи. Десето, заложниците експресно, без какви било посериозни преговори се разманети за Хасани. (Патем, во историјата направени се многу размени на заложници, но со претходно сериозно водени преговори). Единаесто, претседаделот на Републиката изјавува дека понатаму (пазете: не сега, туку понатаму!) остро ќе ги осудувал ваквите постапки. Можам да наведувам и други флагрантни пропусти, но и ови се доволни за да покажат дека оваа влада функционира на никаков начин. Никаквоста е нејзина специфика. Прилог кон ова е што дивоградбата во Бутел, со која започна сѐ, е повторно изградена. Значи, власта се плаши да превземе соодветни мерки на одредени делови од државната територија. И наместо да се повлече, власта е изненадена и увредена што за сево ова се пишува и зборува. Веројатно очекува да ѝ ракоплескаме за секоја направена глупост, дрскост и неукост. Можеби, ќе треба да пишуваме и оди, панегирици и на секаков друг начин да ја славиме и воспеваме.“

Така беше во 2000 година. Како е сега, секој може да се увери. Накнадни појаснување/коментари би биле непотребни.

Креирано од:


Пренеси го гласот