Додека се шири пандемијата, спонтано се сеќавам на Реј Бредбери и на неговиот кус расказ „Последната ноќ на светот.“ Ноќ е. Седат тој и таа, заедно со своите две ќеркички, во дневниот боравок од нивниот дом. И обајцата знаат дека оваа ноќ е последната ноќ на светот. Тоа го знаат со сигурност сите возрасни на Плаетата, освен децата. Барем тие треба да бидат заштитени од ова сознание. Светот нема да пропадне заради војна (нуклеарна или биолошка), туку затоа што дошол Крајот. Или, како што сопругот ѝ вели на сопругата – „Едноставно затоа што книгата се затвора.“ Затоа што страниците се заклопуваат. Ги легнуваат своите ќеркички во креветчињата и со љубов ги бакнуват. Одат во својата спална соба. Нежно се прегрнуваат и бакнуваат, знаејќи дека утре ќе нема утре, ќе нема изгрев, ќе нема ден, ниту зајдисонце. Ќе нема ништо, бидејќи сѐ завршува оваа ноќ. Додека тонат во сон, таа наеднаш станува и оди до кујната. Се враќа и повторно легнува. Мажот ја прашува каде била. Таа му вели дека била до кујната. Не била сигурна дали славината била затворена. Можеби непотребно ќе капе цела ноќ.
Оваа постапка на сопругата му изгледа бескрајно несоодветна и ја смета за целосно глупава. Но, од друга страна, толку нормална, толку човечка, што почнува на неа да гледа со симпатии. И обајцата се смеат, бидејќи нејзината постапка е толку човечка. Човечка е бидејќи, и покрај извесноста за крајот на светот и на животот воопшто, сепак се однесуваат нормално – како сѐ да ќе биде исто, онака како што и секогаш било. Ова човеково чувство и вера во вечноста, вклучувајќи ја и сопствената вечност, е вечно и ништо никогаш не ќе може да го уништи. И тоа е што влева снага на секој човек – идејата за доброто и вечноста.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
ВМРО-ДПМНЕ со честитка по повод денешниот празник
Честитка од Социјалистичката партија на Македонија по повод 24 Мај Денот на Св. Кирил и Методиј
Министерството за здравство ја започна постапката за донесување на нова Стратегија за сексуално и репродуктивно здравје 2026–2030