Од 10 до 18 јануари 2027 година, во Виница ќе се одржи деветдневниот камп „Mission Macedonia 2030: Solving Earth Challenges with Space“, во рамките на европската иницијатива CASSINI Space Camps, на кој ќе учествуваат 35 млади на возраст од 14 до 18 години од целата држава, меѓу кои и ученици од Кочани.
Кампот го организира NewMan’s Business Accelerator, како дел од иницијатива на Европската комисија, во партнерство со Академијата за роботика и иновации и Асоцијацијата на советници за развој на кариера. Во реализацијата се вклучени и Општина Кочани и други институции, универзитети и организации, а регионалната промоција и практичните STEM-активности ќе ги поддржи и STEM Роботика Кочани.
Преку практични работилници, инженерски предизвици, роботика и менторска работа со 40-ина домашни и меѓународни експерти, младите ќе истражуваат како вселенските технологии, сателитските податоци и вештачката интелигенција можат да помогнат во решавањето конкретни предизвици на Земјата. Учесниците ќе работат во мултидисциплинарни тимови, ќе учествуваат во интерактивни работилници, теренски посети, инженерски активности, роботика, симулации, менторски сесии, а се предвидени и астрономски активности. Акцентот ќе биде ставен на земјоделството, управувањето со природните ресурси, климатската отпорност, паметните заедници и заштитата од природни непогоди.
Кампот претставува значајна можност за младите да стекнат нови научни и технолошки знаења, да ја развиваат креативноста и тимската работа и да се запознаат со образовните и професионалните можности во вселенскиот и технолошкиот сектор. Учеството е бесплатно, а програмата опфаќа сместување, исхрана, едукативни активности и менторство.
Учениците заинтересирани за учество на кампот можат да се пријават преку официјалните канали на CASSINI Space Camps и NewMan’s Business Accelerator од 5 до 20 ноември 2026 година. Завршната презентација на иновативните решенија на учесниците ќе се одржи на 18 јануари 2027 година во Скопје.
Фотографија: Сателитската констелација Galileo – Илустрација на европскиот систем за сателитска навигација. Извор: © ESA – P. Carril

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Манифестацијата “Пијанечки денови на сливата 2026“, познатата „Сливијада“ утре во село Град доживува нова енергија за развој
Учениците на СОУ „Миле Јаневски Џингар“ Македонска Каменица го посетија Спомен домот на Разловечкото востание во село Разловци
Ј А В Е Н П О В И К до евидентирани невработени лица за вклучување во Програмата Општинско – корисна работа