Често ми се случува, на социјалните мрежи, да сретнам „профили“ па и да започнам разговори на богословски теми во кои, не ретко, може да се прочитаат зборови кои не доликуваат на еден христијанин. Зошто? Затоа што некои од овие „профили“ на луѓе, наликуваат на некакви верски фанатици. Претешка квалификација? Ајде да видиме!
Фанатизмот (не само верскиот) од сите форми е плод на погрешно разбирање и толкување, па и на слабо и површно познавање на одредена материја, во случајов теологијата. Личностите кои се „заразени“ од фанатизмот, не се во состојба да го разликуваат точното од погрешното, потребното од непотребното, па како последица на тоа, почнуваат да пренагласуваат некои работи и од нив да создаваат апсолутна вистина, која, внимавајте, ги исклучува другите гледишта и размислувања.
Верувам дека нивната намера била добра, но тоа не е доволно, зашто, како што некој рекол: Патот до пеколот е поплочен со добри намери! Таквите личности нема да бидат оправдани од нивните добри намери, ами од она што конкретно го направиле.
Имено, верскиот фанатик ја занемарува здравата логика и разум, законитостите и фактите, а своите ставови ги гради од неразумни и лабилни тврдења. Она што во Библијата е запишано како симбилика или метафора го гледа како буквално, а текстовите кои изнесуваат факти – ги извртува. Тие се повикуваат на буквалното толкување и разбирање на Библијата. Ова е пропратено со невидена упорност во докажувањето на нешто што е неточно. Се фаќаат за некои занемарливи детали кои ги користат како „докази“, додека, истовремено, потополно ги занемаруваат јасно изложените факти.
Истот се случува и кога се работи за каноните. Некои канони се веќе неприменливи, едвај применливи, или, пак, редовно се прекршуваат, како што се оние во врска со покајната дисциплина за враќање на отпаднатите назад во Црквата, возраста за ракополагање на ѓакони и свештеници итн., но тоа не значи дека сите канони треба да бидат погазувани. Особено оние од догматски карактер не смеат да се менуваат и погазуваат. Може да се преформулираат, но не смее да се загуби или измени смислата. Затоа, не смееме да се претвориме во безумни и фанатични исполнители на каноните, кои „со заби“ се држат за каноните, и кои ги користат само за да ги обвинуваат и осудуваат другите, и со тоа да се прават фракции и расколи, туку треба разумно, расудително да им се пристапува на каноните.
Во човечката природа постои тенденциозност да оди од една крајност во друга, па така овие луѓе изгоруваат од ревноста која погрешно ја сметаат за вистинска вера.
Ваквите луѓе се соблазнителни за нормалните мислечки луѓе, зашто можат трајно да ги „одбијат“ од било каков допир со религијата. Духот на фанатизмот е многу упорен и тврдоглав. ВО најголемиот број случаи, фанатикот не може да биде разуверен дека е во заблуда па така средбите и контактите со овие личности можат да бидат доста непријатни, како за оние кои се религиозни така и за оние кои се нерелигиозни. ВО секој случај, на нивниот суд не треба да му се придава особено значење.
Верскиот фанатик во другите луѓе нема да предизвика доверба во Божјата љубов, туку во околината ќе пренесува страв и паника, непрестајно ќе опоменува на ѓаволот и слично. Таквите луѓе, често почнуваат чудно да размислуваат, да бараат свои истомисленици и се затвораат во тесен круг со сличните на себе луѓе, кои меѓу себе се хранат со стравот од кој се обидуваат да се заштитат со искривеното поимање на верата. Што е најтрагично, тие „се’ знаат“, навредуваат, и осудуваат , што воопшто не е во духот на христијанството.
Овие „профили“ повеќе зборува за силата на ѓаволот отколку за љубовта Божја. Тоа е знак дека таквата личност не ја запознала љубовта Божја која е посилна од се’ и со која човекот станува слободен од ирационалниот страв.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
ВМРО-ДПМНЕ со честитка по повод денешниот празник
Честитка од Социјалистичката партија на Македонија по повод 24 Мај Денот на Св. Кирил и Методиј
Министерството за здравство ја започна постапката за донесување на нова Стратегија за сексуално и репродуктивно здравје 2026–2030