Од неофицијални извори, дознаваме дека Бирото за јавна безбедност при МВР спроведува координирани претреси на повеќе локации низ целата територија на Македонија. Главен фокус на надлежните органи се активностите кои се насочени кон сузбивање на уличното дилерство и нелегалното поседување оружје.
Според неофицијални информации, акциите се одвиваат во рамки на оперативната акција „Чистач“, која функционира во Бирото веќе неколку месеци.
Уличното дилерство е распространета мрежа составена од различни криминални групи кои, за личен профит, ги таргетираат и анимираат најмладите и најранливите категории граѓани.
Во изминатите неколку месеци видлива е зголемената активност на МВР со сите свои капацитети за справување со нелегалната трговија на дрога како и кривичните дела поврзани со недозволено користење на оружје ширум државата. Полициските билтени секојдневно се преплавени со информации за спроведените акции и разрешени случаеви што говори за зголемената ефикасност на МВР во обавувањето на своите надлежности.
Со овие активности, полицијата покажува јасна волја и решителност да го минимизира ова зло, кое демне низ улиците, клубовите и училиштата – зло кое криминалните групи го користат за остварување профит на грбот на невини деца и граѓани, уништувајќи цели генерации.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Одбележан патрониот празник на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари
Предложен притвор за вработен во ДЗС осомничен за поткуп
Делегација на МВР учествуваше на 15. конференција на ИНТЕРПА во Доха, Катар