Брегалнички Портал

Вести од Багалничкиот регион.

Дали на АД ЕСМ им е продаден нов или репариран трансформатор за РЕК Битола, прашуваат од опозицијата

Пренеси го гласот

“ЌЕ СЕ АКТИВИРА ЛИ ГАРАНЦИЈА И ПЕНАЛИ ЗА ДОЦНЕЊЕ НА “НОВ“ ТРАНСФОРМАТОР ЗА БЛОК 3 ВО РЕК БИТОЛА

Деновиве секојдневно ги слушаме фалбите на пресови на ДУИ и СДСМ за работа и производство на енергетските капацитети во Македонија. Интересно е дека тоа се случува веднаш после ставање во функција на “новиот“ трансформатор за блок 3 во РЕК Битола.

За да не се замајува јавноста со цел да се подзаборават некои работи за оваа набавка, апелираме на следното:

“Новиот“ трансформатор требаше да биде ставен во функција најкасно на 15 ноември 2022 година. Така стои во договорот склучен на 28.07.2022 број 09т-4378/1 со бугарската компанија Actael N Ltd-Bulgaria.

Блокот 3 во РЕК Битола се синхронизира на мрежа на 10 јануари 2023 година. Тоа значи доцнење од вкупно 56 дена.

Ова се прашања за појаснување до АД ЕСМ и до владеачката гарнитура на ДУИ и СДСМ:

Дали ќе се активира банкарската гаранција на договорот за навремено и квалитетно извршување на договорот во висина од 321.550 евра како што е дефинирано во договорот?

Дали ќе се наплатат пенали согласно договорот заради доцнење со испораката на трансформаторот?

Дали ќе се бара надомест на претрпена штета поради набавка од увоз на електрична енергија во периодот од 15 ноември 2022 година до 10 јануари 2023 година поради доцна испорака?

Дали АД ЕСМ има преземено некои дополнителни плаќања кон бугарската компанија поради проблемите со транспорт на трансформаторот?

Според технички можности за производство на нов трансформатор од оваа големина се неопходи минимум од 12 до 20 месеци. Испорака на трансформаторот за само 110 дена односно нешто помалку од 4 месеци може да значи само дека е тоа некој стар користен трансформатор и репариран во турската компанија и овде продаден како сосема нов. Дали АД ЕСМ ќе објави на македонската јавност од каде е најден овој “нов“ трансформатор со вака превисока цена од 6.431.000 евра?

Имајќи ја во предвид вака експресно брзата изработка на “новиот“ трансформатор се поставува прашање дали пред да се врши јавна набавка со директно преговарање без објава на оглас некој не дошол кај директорот на АД ЕСМ или во владеачките ДУИ и СДСМ да договори купување на репариран трансформатор кој итно ни треба?

Дали има независно испитување или надзор врз проверка на бараните и гарантирани технички карактеристики согласно договорот и дали се исполнети бараните технички гарантирани податоци?

Кој и кога ги изврши овие испитувања, ако се воопшто извршени, после ставање на трансформаторот во функција и кој беше независен надзор над овие испитувања?

Стариот трансформатор кој беше оштетен под сомнителни околности е на поправка во компанијата ПД ЦОМЕЛ од Србија. Досега нема никаква информација до каде е оваа поправка.

ПОДИЗВЕДУВАЊЕ И ПОДИЗВЕДУВАЧИ – Со договорот е ангажиран подизведувач. Според Прилог-1 кон договорот, понудата, а со тоа и самиот договор, се состои од само една и единствена ставка. Од друга страна согласно член 118 став 2 алинеа 1 од Законот за јавни набавки се дозволува подизведување, но тоа може само за „дел од договорот“, но во никој случај на цел договор. Во конкретниов случај иако е наведено дека се отстапува дел од договорот, произлегува дека цел договор се доделува на подизведувач и тоа “испорака на стоката и преземање на сите обврски согласно техничката понуда од договорот“.

ОВА НЕ Е СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИТЕ НАБАВКИ БИДЕЈЌИ ИСТИОТ ДОЗВОЛУВА САМО ДЕЛ ОД ДОГОВОРОТ ДА СЕ ДОДЕЛИ НА ПОДИЗВЕДУВАЧИ, А НЕ ЦЕЛ ДОГОВОР. Уште позагадочно е што подизведувач е всушност производителот на трансформаторот, па од прашањето зошто носител на набавка да не биде самиот производител, туку друга компанија, се отвораат низа други потпрашања. Јавноста треба да знае која е улогата на компанија Actael N Ltd-Bulgaria, која се јавува како носител на набавката.

Овие трансформатори се платени со парите на Македонските граѓани и одговор на овие прашања мора да има.”

-интегрален текст на соопштение на Комисии на ВМРО-ДПМНЕ

Креирано од:


Пренеси го гласот