БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Дипломатски скандал: Кој ќе одговара?

Пренеси го гласот

На 27 август на граничниот премин Прешево при обид за влез од Србија во Македонија беше уапсен македонскиот дипломат Миле Миленковски. Тој иако поседувал син дипломатски пасош кој што му обезбедува дипломатски имунитет и заштита, беше уапсен од страна на српската полиција поради Црвена потерница од Интерпол (која што означува итно да се апси лицето без разлика дали поседува или не дипломатски пасош). После неговото апсење и притворање во Врање, на површина исплива најголемата дипломатска афера и скандал во историјата на Македонија, а тоа е Ереванската дипломатска афера, која што го тресе Министерството за надворешни работи (МНР). Додека Министерството за внатрешни работи (МВР), Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и МНР молчат, ерменската афера добива расплет, како резултат на независното и истражувачко новинарство, но и на информациите и доказите од Ерменија и од Србија. Овој скандал ќе доведе до проблеми во односите помеѓу Македонија и Ерменија, како и до нарушување на угледот на Македонија и на македонската дипломатија.

Нелегална тајна операција во Ереван

Во стилот на Џејмс Бонд, или на сцени од криминалните филмови, на 1-ви октомври 2019 година, со српски приватен авион, во Ереван слетуваат тројца македонски дипломати и еден македонски граѓанин (Зоран Спирев). Тие се претставувале како членови на невладината Здружение за еднаквост на децата – Насмевка (која што била формирана еден месец по операцијата во Ереван, поточно на 26.10.2019 година), наводно за да имаат состанок со слична невладина организација од Ереван, која што се бори за правата на деца со аутизам. Но тоа било само маска и завеса, за вистинската цел на дипломатите од Македонија, а тоа е извлекување од Ерменија на македонскиот граѓанин Бранислав Димитријевиќ, против кого се води истрага за учество во корупција заедно со братот на екс претседателот на Ерменија. Истиот ден македонските дипломати заедно со Бранислав Димитријевиќ  заминуваат од Ереван, но наместо Зоран Спирев, во авионот со нив се качува Бранислав Димитријевиќ, кој што го зел пасошот од Зоран и ги минува контролите на аеродромот во Ереван без да биде препознаен. После успешната операција Бранислав Димитријевиќ заедно со 3-та македонски дипломати на 1-ви октомври 2019 година слетува во Скопје од Ереван. Пасошот на Зоран после неколку денови е вратен во Ереван од човек од Македонија, но при обидот да излезе од Ерменија Зоран е откриен и е притворен.

На тој ден во Ереван се одржал Евроазискиот самит, на кој што главна звезда и гостин бил рускиот претседател Владимир Путин, и нашите дипломати го искористиле тој момент, за од Ереван да го извлечат Бранислав Димитријевиќ. Целото внимание на аеродромот во Ереван, како и на безбедносните служби во Ерменија била безбедноста на Путин и на другите учесници на самитот, и тие не обрнале поголемо внимание на македонските дипломати, кои што ја спровеле нелегалната операција.

Дипломати од кариера, тајни агенти или криминалци?

Но кои се македонските дипломати? Владимир Сарафов – советникот и членот на кабинет на претходниот Министер за надворешни работи, Никола Димитров, е мозокот и организаторот на бегството на Бранислав Димитријевиќ од Ереван. Тој е и основач и претседател на невладината. Но Сарафов го користел службениот мејл од МНР, што помогнало на Ерменците да ја расветлат операцијата. Покрај Сарафов, и дипломатите Миленковски и Симски учествувале во нелегалната операција во Ерменија. За таа цел ги користеле диплматските (сини) пасоши. За нелегалната операција човек од доверба на Димитријевиќ пред операцијата на Владимир Сарафов, Миле Миленковски и Стево Симски во Скопје им предал 320 000 евра во спортска торба во близина на трезор на голема македонска банка.

Дипломатот Миле Миленковски по кој била распишана црвена Интерпол потерница (за итно апсење) бил  заменик-шеф на македонската мисија на ОБСЕ во Виена, офицер за врска на МНР со Гранична полиција на МВР и тимот за гранично управување на Владата на РМ. А за него има распишано потерница од Интерпол? Непознато е како и покрај сите скандали и инциденти кои ги правел Миле Миленковски како македонски дипломат во САД и Европа, пред неколку месеци повторно е реизбран на конкурсот на МНР за заменик шеф на Мисијата на Македонија во ОБСЕ во Виена. Против Миле Миленковски Интерпол во минатото водел и истрага за перење на пари, како и за финансиска измама во македонскиот конзулат во Детроит. По кој основ Агенцијата за национална безбедност му издала безбедносен сертификат, ако се има предвид дека против Миле Миленковски Интерпол распишал Црвена потерница, а и со оглед на досието на Миленковски во МНР. Се поставува логичното прашење, кој го штити цело време Миле Миленковски и му овозможува да напредува кариерно, наместо да биде избркан поради низата инциденти? За Стево Симски нема детални информации, како и за неговата позиција во МНР.

По враќањето во Македонија Бранислав Димитријевиќ си извадил без проблем нови документи. Но пред некое време некој му кажал на Бранислав Димитријевиќ да замине од Македонија, бидејќи за него е распишана потерница, и да оди во Хрватска, бидејќи поседува и хрватски пасош, а Хрватска не испорачува лица на Ерменија. Бранислав поседува големи недвижни имоти во Хрватска.

Но покрај во Ерменија и во Хрватска, Бранислав Димитријевиќ имал бизниси или бил управител на компании и во Македонија. Оливер Спасовски и МВР му дал тендер за градежен надзор на “Евроконсалтинг” во време кога управителот на истата, Бранислав Димитријевиќ  е во куќен притвор во Ерменија. Во последните неколку години компанијата Евроконсалтинг (каде што управител бил Бранислав Димитријевиќ) добила 247 тендери од Македонија, во висина од над 6,5 милиони евра. Најголемите тендери компанијата ги добива последните 2 години, односно додека Димитријевиќ бил во притвор во Ереван, а потоа и бегалец на правдата. Бранислав Димитријевиќ си ја купи слободата и се наоѓа на безбедно во Хрватска, за разлика од Миле Миленковски, кој што е во притвор во Врање, и останатите македонски дипломати, кои што имаат неизвесна иднина.

Интересно е дека и покрај распишаните Црвени потерници од страна на Интерпол за македонските дипломати, истата таа потерница некој намерно ја скрил во фиоките на МВР, и на тој начин ги штител осомничените. Додека МВР и МНР глумат и се вадат со смешни оправдувања, и никој не превзема одговорност и не одговара за скандалот.

Миле Миленковски чека екстрадиција во Ерменија, а МНР молчи каде се Владимир Сарафов и Стево Симски, и дали тие уште работат во МНР. И зошто тие кривично не се гонат за злоупотреба на дипломатските пасоши и за организирање на нелегална операција во странство. Против нив исто така е распишана црвена потерница од Интерпол. Јасно е зошто во Македонија се крие целата оваа афера, која што и нанесе голем срам на македонската дипломатија.

За такви скандали во други држави се поднесуваат оставка, и се бркаат од работа лицата вклучени во скандалот, но не и во Македонија.

Креирано од:


Пренеси го гласот