„Ќе станам пак“ може да значи нешто различно за секој од нас. Нов почеток, нова цел, храброст да направиме чекор напред или едноставно потсетување да продолжиме.
Токму таа универзалност е во центарот на новата песна на Стефан Давидовски, кој се потпишува и како автор на текстот.
Наместо да раскажува една конкретна приказна, песната остава простор секој слушател да ја пронајде својата приказна во неа.
„Мене ми е особено драго што ‘Ќе станам пак’ може да значи нешто различно за секој слушател. Не сакав песната да биде само моја лична приказна, туку секој што ја слуша да може да пронајде дел од себе во неа. Мислам дека токму тоа е една од најубавите работи кај музиката ,,иста песна да допре до различни луѓе на различен начин“, вели Давидовски.
Музички, песната започнува интимно, со пијано и вокал, а потоа постепено се развива кон поширока и подинамична завршница во која посебно место има детскиот хор.
„Детскиот хор е еден од моите омилени моменти во песната. Детските гласови во финалето ѝ дадоа посебна чистота и надеж и токму тоа сакавме да остане како чувство на крајот“, додава Давидовски.
Музиката, аранжманот и продукцијата се на Мартин Данчев, текстот е на Стефан Давидовски со придонес на Новица Коцев, а мастерингот го изработи Дарко Димитров. Во песната учествува Детскиот хор при ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Скопје, под водство на Вера Ангеловска.
Официјалниот видеоспот ја продолжува истата идеја преку минималистичка сценографија, бели платна, ракопис и светлина. Концептот и режијата се на Just Alex, а камерата и видеомонтажата на Ангел Павловски.
„Ќе станам пак“ е достапна на YouTube и на музичките стриминг платформи.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Гордоста на Брегалничкиот регион- Ансамблот “Македонија” во Делчево ја покажа најсилната страна на Македонскиот идентитет
160 недели, најмалку 160 книги: КЛИК веќе објави 21 книга и го отвора македонското книжевно творештво кон светот
Врчак и Симона со „Сонце по дожд“ ја продолжуваат музичката приказна што започна пред години