Брегалнички Портал

Вести од Багалничкиот регион.

Global Firepower (GFP) Армијата на Република Македонија е меѓу последните во светот

Пренеси го гласот

Според порталот Global Firepower (GFP), од 142 армии во светот, Армијата на Република Македонија (АРМ) се најде на 134 место. На Балканот, само Косово, кое што и нема реална армија, се најде позади АРМ, на 139 место. Дури и Црна Гора има посилна армија од Македонија. Како резултат на погубните државни политики и неинвестирањето во АРМ во последните 20 години, АРМ денес е на светското дно, и наликува на армија од 70-тите години на XX век. Но дали се гледа светло на крајот на тунелот?

          Порталот Global Firepower (GFP) [1] објави нова листа на најмоќните армии во светот. Конечното рангирање користи повеќе од 50 поединечни фактори за одредување на таканаречениот индекс на моќност на една нација и нејзината армија. Конечниот рејтинг се добива со анализа на бројни категории – од воена моќ и финансии до логистички способности и географија. При рангирањето во предвид се земаат конвенционалните средства, а нуклеарните капацитети и вооружување не се земаат во предвид. На врвот на листата од 140 анализирани земји се Соединетите Американски Држави, пред Русија и Кина, а првата десетка ја заокружуваат Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Франција, Велика Британија, Пакистан и Бразил.

          Од земјите во регионот, најдобро рангирана армија е армијата на Турција на 13 место, на Грција е на 27 место, на Србија и Хрватска кои се на 61 и 62 место, на Бугарија е на 67 место, на Словенија 86 место, на Албанија 115 место, Босна и Херцеговина 123 место, Црна Гора 131 место, Македонија 134 место, и Косово 139 место.

          Од година во година АРМ е се полошо рангирана на оваа ранг листа, и сето тоа е резултат на погубните политики кога е во прашање АРМ во последните 20 години. Ненавремената модернизација на старите советски и југословенски системи, неинвестирањето во нови современи системи и опрема, чекањето на разни донации од сите страни на светот, доведоа до тоа, АРМ да биде меѓу најлошо рангираните армии во светот.

          На Балканот најверојатно не постои друга армија, освен АРМ која што има толку шаренило во вооружувањето и опремата, односно опрема и оружје од разни држави, претежно од донации. Огромниот број на различно оружје и системи од разни држави е ноќна мора за техничарите и за логистиката на АРМ, како и за оддржувањето во функција на истите тие системи. Како резултат на тоа што најголем дел од оружјето и воената опрема, претежно тешкото вооружување и хеликоперите, се стари по 30 до 40 години и повеќе, ненавременото модернизирање на истите, недостатокот на резервни делови, денес во АРМ имаме ситуација кога не повеќе од 25 до 30% од тоа оружје и воена опрема е во исправна ситуација.

          Со влезот во НАТО и донесувањето на Стратегијата за одбрана на Република Македонија од 2020 година и Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019- 2028 во кои е предвидено Македонија да располага со мала, мобилна и современа армија според потребите на 21 век, во реалноста тоа не е така. На хартија и во Стратегијата за одбрана на Република Македонија од 2020 година и Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019- 2028 детално е напишано за планот за модернизација и набавка на нови видови на оружје и опрема во 8 точки, и тоа е во ред, проблем е бавната реализација, и тоа што како резултат на истекот на ресурсите на најголемиот дел од основната воена опрема и оружје, и бавната набавка на оружје и опрема од НАТО држави кои што треба да ги заменат старите системи и опрема, како и временскиот период од неколку години кој што е потребен за производство на тие системи во НАТО државите, потоа обука на војниците и техничарите на АРМ за нивно користење, АРМ ќе се најде во вакум ситуација од 2 до 5 години, кога практично нивото на борбена готовност и можноста за користење на основните видови на оружје и воена опрема ќе биде на многу ниско ниво.

          Големо влијание има и Европската програма за поттикнување докапитализација (ERIP) (European Recapitalization Incentive Program, ERIP) која што САД ја покренаа во 2018 година е насочена кон тоа земјите од Балканот, од Централна и Источна Европа да се откажат и да ја заменат советската и руската воена опрема и оружје на оружје од НАТО земјите, пред се САД. Оваа програма е одлична појдовна точка за АРМ да може да се опреми со солидна воена опрема од НАТО државите, пред се од САД. Доколку Македонија успеа да го следи примерот на Хрватска, тоа би било одличен чекор, посебно кога станува збор за набавката на повеќе наменски борбени и транспортни хеликопери, како и на борбените точкасти возила од класата (MRAP / највисоко ниво на противминска заштита).

Пред АРМ е сложен и тежок период. Нивото на борбената готовност на АРМ ќе остане на ниско ниво. Како резултат на истекот на ресурсите на најголемиот дел од основните системи и опрема од советско и југословенско потекло, и влијанието од војната помеѓу Украина и Русија, неможноста да се изврши ремонт на хеликоптерите, АРМ практично ќе остане без основната воена опрема и тешка техника и хеликоптери, во исчекување на опремата и оружјето купено од НАТО државите. Македонија ќе биде приморана во наредните неколку години да инвестира големи средства, повеќе од две милијарди долари за да АРМ може да го врати својата борбена готовност и функционирање на ниско нормално ниво, како и да имаме армија според НАТО стандарди. Но тоа ќе биде ѓаволски тешко како резултат на тешката економска криза со која што Македонија ќе се соочи во наредниот период.


Пишува: Дарко Тодоровски

Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Креирано од:


Пренеси го гласот
WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com