БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Каде плови Балканот после посетата на Шолц?

Пренеси го гласот

Посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц на Балканот наместо јасни ЕУ перспективи за Западен Балкан, донесе уште повеќе нејасност и магла. Сумирајќи ја неговата посета, неговите изјави после средбите со лидерите на државите од Западен Балкан, изјави кои што се дволични, може да се заклучи дека Балканот си останува на Балканот, и наместо јасна ЕУ перспектива, за државите од Западен Балкан е предвиден проектот „Отворен Балкан.“ Кратката посета на Шолг на Балканот проследена со дипломатска офанзива и ултиматуми не вроди со плод, и нема да вроди во блиска иднина. Балканот не е приоритет на ЕУ, посебно во овие турбулентни времиња. Германија како водечка ЕУ држава, повторни ги извиси државите од Западен Балкан. Германија во моментов има други приоритети, и Балканот не е на таа листа.

За својата кратка посета Шолц успеа да ги посети Белград, Приштина, Скопје и Софија. За време на својата посета, Шолц, директно и без дипломатски ракавици, даде неколку изјави, односно ултиматуми, пред се до Белград и Скопје. За САД и за ЕУ дојден е моментот за решавање на македонското и српското прашање, секако на штета на Македонија и на Србија. Иако во Скопје Шолц изјави дека Македонија ги исполнила сите услови за да добие датум за преговори за членство во ЕУ, истиот тој Шолц, од Софија, со ултиматум изјави, Македонија мора да ги исполни сите услови кои што Софија ги бара. Официјално Скопје, и државниот врв на Македонија премолче на оваа изјава на Шолц, како и на понижувањата кои што постојано на Македонија и ги приредува Бугарија со поддршка на ЕУ, а во последно време и Албанија на чело со Еди Рама.

Според Politico, Македонија нема да добие датум за преговори ни на самитот во јуни. На тој начин продолжува „Шпанската сапуница“ со добивањето датум на преговори за Македонија, сага која што трае 17 години. За да биде шоуто и сапуницата комплетна, претходната влада предводена од Заев дури и организираше прослава за добивањето на датум за преговори, кој што Македонија никогаш не го доби. Многумина Во Македонија забораваат дека во последните 140 години, Бугарија е главниот сојузник на Германија на Балканот, и дека историските и геостратешките врски имаат големо влијание и денес. И во однос на Македонија, Германија историски секогаш била на страната на Бугарија, и поради Македонија Бугарија во двете Светски Војни беше сојузник на Германија. Историски, Германија секогаш водела анти-српска политика на Балканот.

Во Белград, после посетата на Приштина, Шолц беше далеку по дрзок и на Србија и постави неколку ултиматуми, без дипломатска ракавица. Шолц побара Србија да го признае Косово, да воведе санкции против Русија, да ја прекине соработката со Русија и НР Кина, да се откаже од Република Србија, од Српската православна црква во Црна Гора и Косово.

Претседателот Вучиќ одговори без дипломатски ракавици. Србија не го признава Косово, Србија нема да воведува санкции против Русија, нема да одбие соработка со Русија и Кина. Србија нема да се откаже ниту од Република Српска, ниту од Српската православна црква во Косово и Црна Гора. Како што Западот се залага за територијалниот интегритет на Украина, така и Србија се залага за нејзиниот територијален интегритет, кој Западот не го почитува.

Државите од Западен Балкан во скора иднина нема да влезат во ЕУ, а причините се повеќе, почнувајќи од нерешените отворени прашања помеѓу државите од Западен Балкан, неподготвеноста на ЕУ кон проширување и примање на овие држави кои што не ги исполнуваат ЕУ стандардите, како и до затворањето на ЕУ сама во себе, потребата од структурни и економски реформи како последица на војната во Украина, и зафатеноста на ЕУ во наредните 10 години со проблемот наречен Украина, односно иднината на Украина и на самата ЕУ после крајот на војната во Украина. Затоа со проектот „Отворен Балкан“ ЕУ си купува додатно време.

Иако ЕУ и САД тврдат дека проектот „Отворен Балкан“ е економски, и дека не е политички, истиот е политички, и има за цел на државите од Западен Балкан да им даде резервна варијанта за членството во ЕУ, а од друга страна преку овој проект ЕУ и САД сакаат да го минимизираат влијанието на Русија, НР Кина па и на Турција на Балканот. Макрон и Франција, заедно со Холандија и Данска, се противат на проширувањето на ЕУ без претходни длабоки структурни реформи на ЕУ, додека Германија се труди преку Берлинскиот процес и „Отворен Балкан“ да ја оддржи во живот идејата за членство на државите од Западен Балкан во ЕУ. Таа идеја која што е активна повеќе од 30 години, се повеќе бледнее и наликува на утопија, додека и ЕУ и државите од Западен Балкан се истоштуваат и ги трошат своите ресурси. А Западен Балкан продолжува да ја чека својата „светла ЕУ иднина“, која што никако да дојде.  

Пишува: Дарко Тодоровски

Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Креирано од:


Пренеси го гласот