БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Кирил Ковчегарски: НАМЕСТО КОЛУМНА (СЕКОЕ ЗЛО ЗА ДОБРО!)

Пренеси го гласот

Неделата што измина, за мене лично, беше една од најтешките во мојот досега 42 години долг живот. Ми се случи несреќа со која ќе мора да се справувам и да живеам во наредните најмалку 5-6 месеци, а можеби и повеќе. Ваквите тешки и несекојдневни моменти ве тераат поинаку да гледате на нештата кои секојдневно се случуваат околу вас, да размислите за многу работи на малку поинаков начин од вообичаеното. На крајот сепак како и да ги вртиме работите се доаѓа до онаа добро познатата ,,Секое зло за добро!,,.  Единствено има разлика кој од која гледна точка ги перцепира злото и доброто.

Минатиот петок, подготвувајќи се со лесна и краткотрајна прошетка за планинарење накај Клепало наредниот ден, и посета на граничниот премин со мои сопартијци и со евентуални добронамерници, каде што требаше преку истиот како новоотворен (според пратеничката на СДС од Берово) да преминеме легално и да ја посетиме соседна Бугарија, за што пишував и повикав во претходната колумна, во близината на Берово ми се случи тешка фрактура на ногата (после 28 години по втор пат) којa ме спречи да го реализирам планот што го имав за наредниот ден. Но, тоа си е моја работа и јас ќе си се носам со неа како знам и умеам, а таман за времето додека се рехабилитирам властите ќе имаат време навистина да го пуштат овој граничен премин, а не само да лажат дека еве кај и да е: ,,вчера ЌЕ го пуштиме,,.

Да се вратам јас на она, секое зло за добро! Тоа што ми се случуваше по несреќата беше нешто кое ме мотивира да ги напишам овие редови. Најпрво да заклучам дека сеуште постојат хумани луѓе кои се спремни да помогнат било каде и на било кој, дури и кога лично не го познаваат. Исто така, ми се разјасни и дека во животот секое добро што си го направил, најверојатно и со добро ќе ти се врати, а другарството кое било вистинско ќе стане уште поголемо и вечно. Обврската да вратиш, ако некогаш за тоа да не даде Бог, има потреба, останува не само поради тоа што тебе ти помогнале, туку поради човечноста која мора секој да ја има во себе. Ќе ги видиш за кратко време сите пријатели, непријатели, ќе осетиш кој што ти мисли, кој сочуствува, а кој можеби се радува на твојата несреќа итн. Во кампања на одамнешни локални избори во Берово еден кандидат имаше несекојдневно мото: ,,Кој што ми мисли, дупло да го стигне!,,. Јас се решив стриктно да се држам до истото и така да се однесувам со сите во иднина, се разбира онолку колку што ќе бидам во можност. Да не го злоупотребувам простророт сите ќе си се препознаат, само сакам да им обрнам внимание дека од оваа работа ќе излезам посилен и помотивиран на сите полиња и немам намера да престанам со ова што сум го започнал, особено не со борбата против хунтата што владее со Република Македонија. На оние пак што имаат негативно мислење за мене поради некои причини, на оние кои во мене видоа конкуренција или пречка за остварување на неостварените амбиции, во изминатиов краток период на мое посериозно политичко ангажирање, им порачувам дека апсолутно можат да бидат спокојни и да бидат сигурни дека од мене можат само да имаат корист и тие, и Берово, и Малешевијата, а во тоа да немаат ама баш никаква дилема. Единствено ќе ми недостига директната теренска активност на која бев навикнат, ама тоа ќе го надокнадам преку мојата партија на некој друг соодветен начин.

Преку овој текст кој го пишувам наместо колумна, а и заради личното искуство кое ви го опишав, за добро на сите мои сограѓани сакам да ги повикам сите надлежни:

-Дајте бре  преземете нешто конечно за Здравниот дом во Берово! (Истото важи и за сите други во земјава). Не дај Боже некој да има сериозен здравствен проблем или нешто да му се случи таму! Додека добие соодветна помош, толку од него. Да нема недоразбирања, персоналот беше прекрасен, љубезен и стручен онолку колку што е потребно за првична помош. Условите за работа им се за никаде, а треба животи да спасуваат. Срамотно е пациентите да се превезуваат со такви амбулантни возила. Нели ќе го продаваа мерцедесот на Груевски за да прават нови возила? Да не е едно од тие новите тоа што сте го дале на Здравен дом Берово, а со кое мене и уште две повозрасни госпоѓи не превезоа до Скопје? Тие луѓе што работат таму, а пред се граѓаните на Малешевијата заслужуваат многу подобри услови во здравството, а не само празни приказни од нивните претставници во власта. Колку само приказни за несреќни човечки судбини имам слушнато од моите сограѓани поради несоодветно пружена медицинска помош, а за што најчесто причина не е човечкиот фактор, туку ,,ненормалните,, услови за работа. За платите на луѓево несакам ни да зборувам, ама сум сигурен дека специјалистот Д-р.Биковски кој ме прими, ми укажа прва помош и се однесуваше крајно професионално е далеку од 100.000 денари плата, колку што кажуваат неговиот премиер и министер дека му ги даваат. Возачите, сестрите и другиот персонал кој има навистина тешка работа не верувам дека со платата можат и месецот да го поминат. Во Градската болница 8-ми Септември Скопје, каде што ми ја извршија операцијата, условите се нешто подобри но сепак недоволни. Целата работа повторно ја влече на свои плеќи вредниот и стручен персонал со што се прикриваат матријалните недостатоци. Непотребно ги напаѓаме овие луѓе кои се соочуваат со секакви проблеми, со разни табиети, тешки ситуации. Од моментот кога влегов, па се до моментот кога ја напуштив болницата за вработените и за целиот персонал имам само пофални и убави зборови. Грижата спрема мене и спрема останатите пациенти беше во рамките на нивните можности и услови и на максимално ниво. Република Македонија може да се гордее со млади стручњаци како Д-р.Ненад Петков кој ме оперираше и Д-р.Влатко Костадиновски кој му асистираше и не смее да дозволи да ги изгуби ваквите луѓе, туку треба да вложува во нив за да не заминуваат во странство. Случаи како мојот и слични има секојдневно и тоа по неколку. Овие луѓе работат непрекинато по 24 часа, вршат и по 4-5 операции дневно, помагаат на беспомошните. Нивниот труд навистина нема цена, моменталните плати им се понижувачки, ветените се смешни и недоволни, тие треба радикално да бидат зголемени, особено на најголемите стручњаци во своите области и тука немам никаква дилема. Не ме интересира ниту од која партија се, ниту од која националност, дали гласаат или не, тоа е небитно. Едноставно е, потребни ни се и без нив неможеме.

Затоа, дајте им бре на луѓето пари, поголема плата, створете им вистински услови за работење, бидејќи навистина ги заслужуваат. Доста е само со ветување и лажење, и заради нив, и заради сите нас! Еден ден за само една секунда можете да се најдете во мојата ситуација, да бидете комплетно беспомошни и во тој момент да бидете принудени се, целиот свој живот, да им препуштите на овие луѓе. Затоа ценете ги и почитувајте и тоа уште од веднаш, оти без нив не не бива, какви и да се! Нема ништо поважно од добро здравје, да баталиме се и да инвестираме во здравјето на луѓето. Ако го имаме него, другото ќе си дојде само по себе. Овој апел посебно се однесува до мојата партија ВМРО-ДПМНЕ. Доста е со козметика! Овде едноставно треба сериозна инвестиција, како во материјални, така и во човечки ресурси, и ресетирање на целиот систем. Следните избори и изборната програма која се подготвува се одлична шанса за тоа да се предвиди и реализира.

Злото кое ме снајде мене, нека е за добро. Мене оваа случка дополнително ми ги отвори очите, а верувам и на многу други кои ќе го прочитаат мојот текст. Нека оттука почне нашата заедничка борба за подобро здравство и за подобри услови на здравствените работници и на пациентите, за доброто на сите граѓани, и во мое Берово, и во Малешевијата и во целата наша Република Македонија.

Сметав дека е моја граѓанска должност да ги напишам овие редови. Уште еднаш им се заблагодарувам на тројцата (тие си се знаат кои се) што ме извлекоа од непристапниот терен и ме однесоа до Здравниот дом. Им се извинувам на читателите и на сите останати заради злоупотребата на просторот, сепак сметам дека е со добра и чесна намера, а од следната колумна ветувам дека продолжуваме уште пожестоко со нашето секојдневие за доброто на Република Македонија.

Пишува: Кирил Ковчегарски,

Aдвокат и член во Комисијата за правни работи, политички систем и антикорупција при ВМРО-ДПМНЕ

Креирано од:


Пренеси го гласот