Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својата работна агенда насекаде низ Македонија, денеска присуствуваше на Мечкин Камен во познатиот и впечатлив споменик “Македониум” кој што е подигнат во чест и слава на Крушевската република и востаниците кои го полижија животот и ја натопија својата земја со своја крв за да изникне денешната слобода.
Денеска се поклонив пред вечните почивалишта на големите македонски херои, претседателот на Крушевската Република Никола Карев и војводата Питу Гули.
“Најголема и најсвета е љубовта кон слободата.”- велеше Карев. Годините пред и по Илинденското востание се времето кога тој со своето дело, чекори и делување се впиша во историјата. А Питу велеше дека “единствена моја мајка е Македонија”. Тие ги дадоа своите животи за слободата, за правдините, за Македонија. Но уште поважно нивното дело е аманет, света должност за сите идни генерации да ја сочуваат и обезбедат сигурноста на Македонија.
Денес 115 години по Илинденското Востание и Крушевската Република, Република Македонија се соочува со силни предизвици, тешкотии, црнила. Ние како генерација ја имаме честа да го продолжиме аманетот, но за жал, како и секогаш во нашето минато има луѓе кои ги создавааат предизвиците, ја втурнуваат нашата земја во црнила, кои значат променето име, сиромаштија, страдање и безизлезност.
-напиша на фејсбук Христијан Мицкоски и продолжи:
Моја, наша, заедничка обврска е да ги победиме тие црнила, и да ја вратиме државата на народот. Исправено, гордо, заеднички да ја обезбедиме иднината на младите, на поколенијата што доаѓаат. Да ги обезбедиме европските вредности, прво преку европеизација на нашите вредности и принципи овде дома, во нашиот двор. Но за да победиме, мора да застанеме цврсто на нозе, и да се спротивставиме против власта која го одзема сето она што вреди и која е силен тег на напредокот на државата. Народот е сопственик на оваа земја, и тој ја има силата.
Само така ќе одадеме почит и кон големите наши луѓе од историјата кои ги дадоа животите за нашата слобода. Така ќе одадеме почит и кон Карев и Питу чии дела и саможртва се и идеја, емоција, инсипирација.
Слава им!
Овој симболичен гест на претседателот на најголемата опозициона партија во Република МАкедонија која во себе и во своето работење ги содржи идеалите и доктрината на славните илинденци, доаѓа во време кога над Македонија се надвиснале голем број на проблеми-најголеми од осамостојувањето до денес.
Значењето на оваа посета на Крушевското легендарно место, носи во себе своја порака преточена во борбата за татковината која никогаш не престанува.
Во рамки на својата посета на Крушево исто така Мицкоски го посети вечното почивалиште на Македонскиот ангел, Тоше Проески.
