Брегалнички Портал

Вести од Багалничкиот регион.

Миле Ѓорѓијоски: 04.02 прославен како ден со висок безбедносен ризик, наместо како роденден на Гоце Делчев

Пренеси го гласот

“ПИСМО ДО МОЕТО ПОЗНАТО ДРУГАРЧЕ

НИЕ НЕ ГО РАЗБИРАМЕ СВЕТОТ КАКО ПОЛЕ ЗА КУЛТУРЕН НАТПРЕВАР МЕЃУ НАРОДИТЕ

Почитуван Даскале,

Во моето претходно писмо ти пишував за припремите за прославувањето на твојот 151 роденден. Во ова, пак, сакам да ти кажам како помина 04.02.2023 година. Денот, освен за полицијата, за останатите граѓани на Македонија, беше неработен. Јас како што ме создал Господ ваков наивен, мислев дека тоа е во твоја чест, ама кога во понеделникот сите тргнаа на работа сфатив дека џабе(попусто) се радував. Уште на почетокот, иако не сакам, морам да те разочарам и да ти кажам дека 04 февруари. наместо како твој роденден го славевме како Ден со висок безбедносен ризик.

Кога добро ќе размислам има тука некоја логика! Да не си се родил ти и да не си се борел и загинал за Слободна Македонија, ќе немало ние и Бугарите за што да спориме и 04 февруар ќе бил ден како и сите други, без полициски опсади на Калето, хеликоптери и кошкања и клоцања на граничниот премин Деве Баир! Уште од рани зори нечистиот воздух во нашата метропола го брануваа хеликоптери, ама бидејќи тие не пуштаа конфети, сите знаевме дека тие не летаат во твоја чест, туку затоа што 04 февруари е Ден со висок безбедносен ризик! Јас се надевам дека родендените на Питу Гули, Јане Сандански, Даме Груев, Мирче Ацев, Страшо Пинџур и останатите наши херои нема да бидат прогласувани за ризични денови по нашата безбедност, зошто лесно можеме да влеземе во Гинисовата книга на рекордите како земја со најголем број на Денови со висок безбедносен ризик на планетава. Не смеам да бројам колку херои родила оваа напатена земја бидејќи се плашам дека може да се случи секој ден да биде Ден со висок безбедносен ризик!

А тоа може да биде погубно и за нашата брзо растечка економија. Ќе ги профукаме сите пари за гориво за хеликоптерите и полициските возила, па ќе мора нонстоп да се задолжуваме! Тоа на власта не и пречи, ама опозицијата ќе почне да бара интерпелација на министрите, па предвремени избори, па да се лути оти не и се уважуваат барањата! А кај се чуло и видело да има предвремени избори во Денови од висок безбедносен ризик. Во такви тешки времиња треба да се одложуваат редовните, а не да се организираат предвремени избори!

Почитуван Даскале, Сите што доаѓаа да ти се поклонат на гробот беа проверувани со метален детектор. Во она ,,сите“, не спаѓаат оние од државниот врв, не знам зошто беше така бидејќи мене од сите што дојдоа на твојот гроб тие ми беа најсомнителни. Јас дури и се сомневам дека денот на твојот роденден е прогласен за Ден со високо безбедносен ризик, за нема кој да им свирка, ни да ука по нив додека тие положуваат цвеќе на твојот гроб. Дента, ти се поклони и Министерот за внатрешни работи на соседна Бугарија. Тој сигурно не знае дека ти го разбираш светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите, па се истопори таму заземајќи му го местото на Министерот за култура! Џамбаски и компанијата не дојдоа бидејќи имале сигурна дојава дека ќе ни падне системот на граничните премини, па не сакале да бидат во сенка на пратеникот Ангел Горгиев, кој беше најгласен и најмногу клоцаше и се кошкаше што дури некој медиуми пренесоа дека во тој занес, како капак на се, си го повредил очниот капак. Меѓу оние што со него чекаа да ја преминат границата, јас не препознав ниту еден писател, поет, музичар или некој друг културен работник, па дојдов до заклучок дека и тие не знаат дека идат на гробот на човек, кој светот го разбирал единствено како поле за културен натпревар меѓу народите.

Почитуван Даскале,

За жал, морам да ти признам дека меѓу оние што со часови чекаа да ти се поклонат и да положат цвеќе не видов некои наши познати писатели, поети, сатиричари, сликари, музичари, членови на ДПМ, МАНУ… За жал вриеше од политичари, а новинарите ќе си ги испокршеа нозете трчајќи да земат изјави од нив. А да знаеш само колку солзи пролеаа оти нашите политички првенци не им дале изјави. Такви сме ние, дури и по 151 години од твоето раѓање, иако постојано повторуваме дека ти си рекол: ,, Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите.“ се’ уште не можеме да разбереме што значи оваа твоја генијална мисла!

-фејсбук статус на Македонскиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски

Креирано од:


Пренеси го гласот