БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Наше интервју со Јовица Миленов: -Полесниот пат не го знаев, со работа и труд до успех

Пренеси го гласот

Текстот на оваа статија со интервјуто со Јовица Миленов е првпат публикувана на 18.02.2018 година на порталот www.destinationdelcevo.mk

Ова е повторна објава на оригиналниот текст со подновени дел од фотографиите

Кога чекорите по сивилото на улиците на некои од балканските и светски метрополи, во испреплетаната гужва на замаеност и оттуѓеност…

Кога небото одоколу не може да допре до вашиот поглед од висината на облакодерите…

Кога немате ама баш никаква инспирација во денот кој само што не се стопил во својата уште една измината секојдневност…

Наѕрнете зад аголот, на плочникот помеѓу насмеаните лица на децата. Помеѓу замаените погледи на тинејџерите, оние најмладите но и нивните родители.

Помеѓу секојдневноста на истите врвулици на луѓе кои по кој знае кој пат ја шараат истата улица живеејќи го својот програмиран живот од денес за утре.

Побарајте грам восхит помеѓу зафатените раце на младиот Јовица од Делчево-Македонија. Загледајте се длабоко во универзумот кој се раѓа единствено од убавината на духот на овој млад артист. Дознајте за нешта кои што не сте сонувале дека постојат!

Приказни… Приказни исткаени со бојата на спрејот.

За миг застанете и посведочете… За една огромна љубов кон уметноста родена од срце за секого… Да биде подарена, да усреќи некого…

Тоа може да бидеш и ти, почитуван читателу…

Само побарај и ќе добиеш.

Од денеска започнуваме со емитување на нашата нова рубрика која веќе подолго време концепциски и технички ја подготвуваме за реализација. “Наше интервју” ќе биде крошна на поврзување и пространа гранка за сите родени плодови произлезени од пазувите на нашата татковина. Уметници, спортисти, активисти, општествени дејци, обични и необични луѓе со своите приказни ќе ја збогатат нашата веб “дестинација”. Со една цел: Дека постоиме! 

#НашеИнтервју        #Уметност        #Делчевци        #МакедонскаБесмртност

Започнуваме пополека но сигурно….

Скромно како и овој млад човек кој што има навистина што да ви каже. Преку колоритноста на неговиот преубав и раскошен дух и имагинација.

Уживајте.

“Јовица во својата необична канцеларија со своите ученици”

1. Накратко кој е Јовица Миленов?

Јовица е најобично момче од мал град, кој тргна да си ја бара среќата за жал надвор од Македонија. Роден во Штип, инаку живеел во Делчево а засега среќата му е во Софија. Завршив ликовна академија во Софија и сега професионално се занимавам со уметност. Хоби ми е спортот, иако не останува многу време за тоа.

“Неговите дела не ретко се единствената обоеност на околината во која егзистира како уметник” 

2.Што е Вашата професија (професионална окупација)?

По професија сум уметник и можам да кажам дека тоа е и мојата окупација. Подобро да се занимаваш со нешто ама сериозно отколку со 5 работи од кои ниту една како што треба. 

3.Со ваши зборови опишете накратко како се роди воопшто идејата за да се занимавате со уметност?

Уште од мал многу се радував на нашите градски уметници во Делчево, но не обраќав големо внимание дека уметноста потсвесно ме привлекува. Се започна кога бев 7-мо одделение, кога на еден конкурс за детски цртеж ми рекоа дека јас не сум го нацртал мојот цртеж и дека дете на тогашната моја возраст не може толку добро да црта. Тогаш учителката по ликовно во училиштето разбрала за случајот и така започна да ми помага малку повеќе во цртањето. Тогаш официјално знаев дека тоа е мојот пат во иднина.

“Секогаш во центар на вниманието” 

4.Издвои ги временските фази/периоди на Ваш личен развој за достигање на она што во моментот го работите

Уште додека бев во Делчево секој ден се трудев да насликам по нешто. Имав голема желба да учам во Ликовната гимназија во Скопје, но за жал моите (родители) немаа доволно финансии. Затоа завршив во средното текстилно училиште во Делчево, за кое сум многу среќен бидејќи научив многу работи од семинарите кои ги посетувавме. Потоа дојде моментот кога требаше да се запишам на факултет и тогаш отифов во Софија. Не беше лесно на почетокот, но по првата година разбрав за цртањето со спрејови кое ми отвори многу врати, патувања во Бугарија, во Европа и во Америка. Од втора година па до денес јас се уште цртам со спрејовите и сеуште патувам, но последната година како да не ми е приоритет тој начин на цртање. Додека цртав на улица случајно се запознав со моите сегашни шефови кои поседуваат кафе-бар за цртање, па сега сум нешто како учител по цртање.

“Убавината на боите низ приказ на едноставните нешта во животот” 

5.На патот за ваше професионално остварување дали имаше некои специфични потешкотии или олеснителни околности за да го остварите Вашиот сон?

За жал или пак не, јас полесниот пат не го знаев и работите за мене се случуваа со многу труд и работа. Имаше период кога работев на две работни места само за да можам да преживеам. А сонот не знам дали некогаш ќе се оствари, затоа што ние луѓето не можеме да имаме само еден сон. Јас имам цели кон кои се стремам да ги достигнам, а секој нов ден е нов почеток за новите цели за тој ден.

6.Вашата моментална професионална окупација е своевиден микс на уметност, вештини, едукација и забава. Која е магичната формула според вас за совршен баланс на овие четири работи?

Формулата за овие четири работи е дека секогаш треба да го класифицираме она што ни е помалку или повеќе важно, каде забавата е секогаш на последно место за која во 99% од случаите не останува време за неа. Барем не во овој стадиум во кој што сум сега.

 “Вештината произлегува од душата, убавината од имагинацијата. Јовица во акција!”

7.Како е да се живее во Софија?

Во Софија е пријатно за живеење, барем за мене за сега можеби е најдоброто место каде сум се чувствувал во соптвена кожа. Сум патувал на многу места, каде на некои од нив имав планови да останам за подолго. Но кога тоа место не го чувствуваш од внатре, сум се враќал назад во Софија.

“Си ја сака работата, повеќе од се!”

8.Опиши едно Ваше типично секојдневие.

Тоа е лесно.Наутро како и обично тоа што го работат сите- се подготвувам да излезам, некогаш во 8 некогаш во 9 часот. Бидејќи сум менаџер во студиото во кое работам, треба прво да ја погледнам новата реклама, после тоа ги земам материјалите за работа, го подредувам студиото. Потоа фоажаат луѓето кои ги подучувам на техниките и вештината на цртањето.Во меѓувреме одговарам и на телефонските јавувања.

9.Има ли услови за дружење, забава, патување?

Услови за дружење има, но време секогаш недостасува. Преку лето се патувањата и тогаш има малку и забава.

“Во сивилото на асфалтот и зградите знае да посади раскошен природен пејсаж и сосема поразлична убавина”

10.Оцени го квалитетот на живот во Софија споредено со оној во Делчево/Македонија

Делчево и Софија се два различни светови. Една од разликите е во бројот на жители, каде Софија има 2 милиони жители а Делчево… Во Делчево времето како да седи во место. Тоа го осеќам кога се враќам да го посетам семејството.

11.Што најмногу Ви недостига од Вашиот роден град Делчево, додека претстојувате/живеете во Софија?

Семејството.

“Учителот-подучува”

12.Бевте активен учесник во реализацијата на неколку културни настани во Делчево во минатото. Бевте дел од Баскер фест 2014 во Делчево. Како Ви се допадна овој настан и што би им порачале на културните работници во Делчево за иднина?

 Среќен сум што бев дел од Баскер фест. Колку брзо поминале 4 години од тогаш! Браво на општината и луѓето кои го организираа тој настан и дај Боже да се случуваат уште многу вакви настани. Делчево има потреба од такви културни случувања, затоа што младите па и постарите немаат можност да излезат надвор од Делчево, за да може малку да се насладат на културните случувања кои ги организираат другите градови. А монотониот начин на живот работа-дома, дома на работа те изморува и полека убива, не во буквална смисла.

“Подготовки за перформансот. И самите подготовки се перформанс!”

(Од настапот на Јовица Миленов во Делчево 29.06.2014 година)

“На небото му се потребни многу ѕвезди!”

(Од настапот на Јовица Миленов во Делчево 29.06.2014 година)

“Во уметничките дела на Јовица започнува бесконечноста.”

(Од настапот на Јовица Миленов во Делчево 29.06.2014 година)

13.Што би им препорачале на младите во Делчево во однос на нивниот понатамошен живот и воопшто нивната професионална окупација во иднина?

Имајте цели во животот, но не една голема која е за по 10 години, туку мали цели кои секој ден чекор по чекор ќе ве водат до вашиот успех и вашата среќа. Така кога секоја мала цел ќе ја постигнете ќе се чувствувате среќни.

“Најдобрите пријатели”

(Насловна тема на еден од работните настани на Јовица)

14.Каде се гледа Јовица Миленов себеси после 10 години?

После 10 години се гледам себеси помеѓу пријателите.

15. Додадете свој лајт мотив/порака која го карактеризира Вашиот уметнички сензибилитет и работа за нашите читатели.

Наутро кога заѕвони алармот имаме две опции: Да станеме од кревет и да започнеме да ги остваруваме нашите цели кои не водат кон сонот, или да продолжиме да сонуваме. Но едно е сигурно: За успех е потребно само 5% талент и 95% работа. Изборот е ваш.

Крај на интервјуто.

Прашањата ги подготви Рееволуционер.

Интервјуто е спроведено преку онлајн комуникација во период од 24.01-08.02.2018 година.

Во продолжение со нашите читетели а се надеваме на големо задоволство на нашиот соговорник (без негово знаење) споделуваме неколку фотографии од неговата четврта авторска изложба во Спомен домот АСНОМ во Делчево реализирана во соработка со Општина Делчево. Изложбата беше реализирана во период од 27 јануари до 04 февруари 2010 година.

“Широкиот дијапазон на тематика во неговите дела нема граници

(Од изложбата на Јовица Миленов реализирана во период од 27 јануари до 04 февруари 2010 година”

“Неговите врсници и верни поддржувачи во неговата работа”

(Од изложбата на Јовица Миленов реализирана во период од 27 јануари до 04 февруари 2010 година”

“Кога убавината на уметничкиот израз плени со својот раскош”.

(Од изложбата на Јовица Миленов реализирана во период од 27 јануари до 04 февруари 2010 година

“Претставување на уметникот”.

(Од изложбата на Јовица Миленов реализирана во период од 27 јануари до 04 февруари 2010 година)

 Јовица Миленов е млад уметник кој зад себе има реализирано 5 самостојни и 6 групни изложби. Има учествувано на голем број реални шоуа ширум балканот и светот. Постојано е присутен помеѓу обичните луѓе.

Негов предизвик (како што вели за самиот себе) е да овозможи со неговата работа луѓето да се забавуваат и да бидат што е можно по самоуверени.

Живее и работи за уметноста. Онаа за обичните луѓе во секојдневието кое заслужува да биде вдахнато од убавината не еден сосема обичен а толку несекојдневен богат уметнички шарм.

Уметноста која ја создава Јовица е динамична и жива. Секојдневно хранејќи го времето и просторот во кој егзистира самиот уметник.

Насмевките и убавото расположение во неговата околина се придобивка на неговите пријатели-ученици. 

Контактирајте го Јовица, пишете му, дајте му поддршка во она што го работи. Запознајте ја неговата работа и него лично. Нека неговиот уметнички сензибилитет допре до сечие секојдневие.

Во продолжение се дадени неговите контакти:

Фејсбук профил       Фејсбук страна      Интернет сајт

Текстот на оваа статија со интервјуто со Јовица Миленов е првпат публикувана на 18.02.2018 година на порталот www.destinationdelcevo.mk

Креирано од:


Пренеси го гласот