Кревање раце, потење мишки, локање шнапс, шмркање бело, разгаштување кошули, загаштување маици, драпање во гужва… сето тоа е лика и прилика на денешните т.н. журки кои забрзано водат кон деградација на она малку човечко што остана под ова парче небо… Во ситуација кога сексуалноста се изедначува на ниво на забава и убав “провод”, бегството од ваквата реалност се сведува на индивидуалци, кои стрчат како скршен палец во гипс на дланка.
Наречете ме конзервативен, но одбивам да се идентификувам со ваквиот “меинстрим” кој го сметам за најрасипана верзија на човековата природа.
Отворете тик-ток, инстаграм, твитер, фејсбук, итн… и ќе ја забележите подготвеноста на цело едно општество да се урниса себеси само за да биде интересно и лајкувано… колку поголема глупост ќе споделат со јавноста, толку поголема еуфорија е во нивните мозочни сиви маси.
Нашето општество и вредности кои до пред неколку години беа белег за препознавање на нашиот народ се заминати во неповрат.
Политиката и политичките елити со својата игнорантност во спрега со нивната поткупливост и трка по брзи пари, овозможија имуниот систем на Македонскиот народ да биде уништен, за од пепелта на овој запален и изгорен идентитет се родат робови на окупирана територија.
Бидете сигурни дека секој еден народ кој се родил во крв, пот и борба, има можност да исчезне од лицето на земјата, без разлика колку бил голем и силен.
Само до мудрост и знаење можеме да опстанеме како Македонци. Свесноста за заканите е првиот чекор во таа борба која ни претстои неминовно, или ќе замреме нечујно и со аздис угушени од сопствената глупост.
Потребно е сериозно лидерство, висока граѓанска акција, одговорност и организираност, за да успееме да ги пренабрегнеме заканите кои многумина се прават дека не ги гледаат а за волја на вистината и многумина не можат ни да ги видат…
Убеден сум во постоењето на автохтона Македонска сила на разумот за излез од оваа секојдневна агонија.
Моќта на секој Македонец е во изборот. Тоа што ќе избере, таква ќе му биде иднината, кој е доведена бо прашање дали воопшто и ќе постои како Македонска.
(Фото извор: Принт скрин од една од фејсбук групите на објава која зборува за креативноста на нашиот човек во таа славна Македонска борба за опстанок. А само да ги видите и коментарите под објавата, ви иде веднаш да земете тастатура под прсти и да се прудружите во оваа епска борба).
Пишува: Кирчо Анастасов
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Кому му пречи соработката меѓу демохристијански народни влади во Европа?
Продолжуваме да живееме во славно срамно сиромашно (три-С) време…
Предлог мерка за заживување на земјоделието: Државата да додели 1200 хектари на пратениците и сите субвенции за да произведат храна за народот