Општина Гази Баба ќе добие нова градинка во населба Инџиково, која се гради со средства од државниот буџет, преку проект од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и градоначалникот Бобан Стефковски, денеска извршија увид на градежните активности. Како што појасни градоначалникот Стефковски, градинката се гради на површина од 490 метри квадратни, ќе биде приземјен објект со висина од 3 метри, ќе има три занимални и други помошни простории, со капацитет за згрижување на 48 деца, 36 деца над 2 години и 12 деца до 2 години.
Градоначалникот Стефковски изрази благодарност на владината поддршка и истакна дека таа е вистински партнер на граѓаните и општините, која ги препознава потребите и барањата на граѓаните.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, изрази задоволство од напредокот на изградбата на објектот.
„Овој проект е насочен кон подобрување на условите за најмладите, за нашата иднина. Ова е проект еден од четирите од првиот владин повик во насока на подобрување на капиталната инфраструктура. Општина Гази Баба во првиот јавен повик доби околу 190 милиони денари, на вториот аплицираше со 16 проекти, приближно со 600 милиони денари и во периодот што следи граѓаните може да очекуваат градежен бум кој значително ќе ги подобри условите на инфраструктурата“, истакна Перински.
Изградбата на градинката, како што порача министерот Лимани, е дел од пошироката заложба на Владата за рамномерен развој и грижа за секое дете, во секое населено место и информираше дека годинава се очекува да започнат со работа повеќе од 10 детски градинки, кои ќе овозможат сместување за над 1500 деца, а уште 15 градинки се во подготовка или во тек изградба.
„Самата постапка на промена на ресорите во самата Влада уште на почетокот на мандатот на оваа Влада, значеше дека тогашното Министерство социјална политика и труд ќе добие поинаква конотација и поширока надлежност, особено во делот на демографијата и младите. Овој објект е токму во таа насока, бидејќи колку повеќе градинки и училишта, толку подобри услови за нашите најмили, а тоа се дечињата. Тоа е еден предуслов за подобра демографија и повеќе дечиња да имаме на коишто ќе се радуваме. Тоа е суштината на политиката на оваа Влада и токму поради тоа денеска Министерството е за социјална политика, демографија и млади“, истакна премиерот Мицкоски.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Шеикот Венко од Емиратите: Сепак претседателот на СДСМ има златна виза како менаџер и инвеститор во Обединетите Арапски Емирати
Божиновска од UNECE Resource Management Week 2026: Одлучни политики, силни инвестиции и меѓународна соработка за одржлива енергетска иднина
Петрушевски: Левица смета дека РЕК Битола треба да се затвори и 3000 битолчани да останат без работа, а тоа значи дека автоматски се залага и домаќинствата да плаќаат до 30% повисока цена