Пред околу 30-тина луѓе присутни на денешната трибина која ја организираше СДСМ во Куманово, зборуваа дел од највисокото раководство на оваа опозициска партија.
На денешната трибина именувана под името „За Европа сега и одма“, високите партиски претставници на опозициската СДСМ афирмираа повеќе генерални теми кои што поради својот преопшт наратив не може да се оквалификуваат како конкретни политички заложби на СДСМ како пандан на актуелните владини политики.
На отворено во градскиот парк пред присутните зборуваше Фани Каранфилова-Пановска која што е заменик претседател на СДСМ.
Европската унија нуди средства преку Планот за раст и реформската агенда, кои се дополнителни на средствата од ИПА фондовите, зошто да не ги искористиме?
„Овие средства се наменети за реформи, инвестиции и приближување на стандардите на работење до оние на ЕУ, со цел да не ни се случува одлив на мозоци, општините да ни бидат почисти, институциите функционални, образованието и здравството подобри“, додаде таа.
-Зошто да земеме унгарски кредит од една милијарда евра кој што ќе треба да го враќаме со камати, а не знаеме под какви услови и колку се вкупните трошоци од тој кредит. А притоа да не ги користиме парите од европските фондови кои се дуплирани за овие три-четири години со Планот за раст?, рече Пановска на денешната трибина во Куманово.
Потпретседателката на СДСМ Каја Шукова која што беше и министерка во минатите влади на СДСМ зборуваше за животната средина, но повторно без конкретни проекти, предлози и заложби, на ниво на општи генерални тези.
Шукова посочи дека еден од приоритетите на СДСМ во Програмата за претстојните локални избори ќе биде декарбонизацијата, односно намалување на јаглеродните емисии во атмосферата, со кои се соочува нашата држава, но и целиот свет.
„Тоа е една од нашите премиси како партија, дека климатски неутрално општество треба да биде она кон кое треба да се стремиме. Впрочем, и во контекст на локалните избори тоа треба да биде еден од столбовите на нашите општини, на политиките – што помалку емисии на јаглерод моноксид и јаглерод диоксид во атмосферата. Тоа значи инвестиции во енергетски ефикасни објекти, тоа значи промена на системите за затоплување во еколошки системи за затоплување“, рече Шукова.
На трибината, Шукова посочи дека е потребна итна реформа на комуналниот сектор и ефикасни услуги за граѓаните и додаде дека СДСМ во Програмата за локалните избори ќе има конкретни решенија и мерки за тоа како треба општините да работат во делот на комуналните услуги и во интерес на граѓаните.
Во дискусијата на трибината, Шукова посочи дека животната средина е портфолио кое ќе ја чини многу државата во процесот на усогласување, бидејќи опфаќа многу области, но е повеќе од неопходно, бидејќи, како што кажа, превенцијата секогаш чини помалку отколку санацијата.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Божиновска со низа билатерални средби и пораки за забрзана транзиција на UNECE Resource Management Week
Шеикот Венко од Емиратите: Сепак претседателот на СДСМ има златна виза како менаџер и инвеститор во Обединетите Арапски Емирати
Божиновска од UNECE Resource Management Week 2026: Одлучни политики, силни инвестиции и меѓународна соработка за одржлива енергетска иднина