“Македонија земја во која сакам да живеам”
“В крвта ни остана
едно недоречување,
ропско, македонско и зошто не: наметнато!
И требат тони грижи на појќе поколенија
за да се истријат тие петна
на срам од себе си, од
себепремолчување”
Така напиша Гане Тодороски во неговите стихови за Македонија.
И вистина, требаат тони грижи на идните поколенија за да се истрие срамот кој и го нанесоа на нашата татковина.
Таа е епска, библиска, таа е мојата Македонија.
Македонија која има најдлабоки и најцврсти темели на Балканот, градени од коските и крвта на борците за слобода, води бистри како солзите пролеани за паднатите херои во 2001, најубави песни во кои е опеана македонската судбина.
“Ако ја немаше би требало дипломатијата да ја создаде за доброто на Балканот” така за неа велеше Петар Поп Арсов.
Ја замислувам Македонија како држава без насилство, со повисоки плати, помала невработеност, поголема еколошка свест, без загаден воздух, без корупција и рекет, со совесни политичари кои ја почитуваат волјата на народот и мислат на напредокот на државата.
Всушност Македонија ја замислувам како мојата биолошка мајка.
Силна за без ничија помош да се грижи за своите деца, паметна за да не им се потчини на и соседите, храбра за да се спротивстави на сите оние кои сакаат да и наштетат.
Македонија е земјата во која сакам да живеам.
Денес таа е држава за чија историја расправаат соседните држави, а ние најзасегнатите, сме должни да молчиме.
Земјата во која се отстранува националното знаме од шахтите бидејќи тоа е последниот услов за добивање на датум за датум на кој ќе добиеме датум за преговори со Европската унија.
Земјата која блеска но ние не можеме да забележиме затоа што гледаме во младите луѓе што како птици си заминуваат од неа.
Но останаа млади како што вели Конески, ќе поведат бујно, бунтовничко оро, танец низ крвје и оган.
Младино македонска, ние сме тие, таа генерација што како феникс ќе се издигне од пепелта македонска.
Да поведеме младешко, бунтовничко оро и гордо носејќи го националното знаме на градите најгласно да кажеме :
Ој народе македонски,
Со какви идеи си ти?
Доста беше!
Разбуди се!
Свести се, не спиј ти!
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
JO: Осомничени уште три лица во предметот „Адитив“ меѓу кои и претседателка на ДКСК
Вицепремиерот Николоски оствари средба со Стивен Даути, министерот задолжен за Европа и Северна Америка во Обединетото Кралство
43 годишен штипјанец нападнал полицаец додека вршел службени дејствија